1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров и Кери - дипломатски обид без пробив

АТ/ дпа/ ртр/ афп31 март 2014

САД и Русија прават нов обид за изнаоѓање дипломатско решение за кризата на Крим. Средбата на двајцата министри за надворешни работи Кери и Лавров меѓутоа не донесе новина.

https://p.dw.com/p/1BYyr
Фотографија: picture alliance / AP Photo

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговиот американски колега Џон Кери пет часа (30.03) синоќа разговараа во Париз.

Кери по средбата изјави дека двете страни излегле со предлози, за да се намалат тензиите. Истовремено, меѓутоа, тој јасно порача дека САД ќе прифатат решение за украинската криза само во тесна соработка со Киев. „Нема да има одлука за Украина без Украина“. Тој во разговорот со Лавров исто така јасно посочил дека Вашингтон и натаму смета оти Русија нелегално се однесувала на Крим.

Кери истовремено побара, за да се постигне вистински напредок во Украина, да се повлечат руските трупи од границата. „Овие трупи создаваат само клима на страв и заплашување во Украина“, рече Кери. Неопходна е клима на дијалог, вели тој.

САД и меѓународната заедница стојат на нивната поддршка за територијален интегритет на Украина, рече Кери. „И натаму ќе ја поддржуваме Украина самата да ја одредува својата иднина“. Лавров во разговорот повторил дека Русија ќе го почитува ова право на Украина.

Лавров, од своја страна, оцени дека средбата била конструктивна. Русија и САД заедно со владата во Киев сакаат да работат на решавање на кризата во Украина. За тоа, според рускиот министер, била постигната спогодба со неговиот колега Кери.

Лавров меѓутоа го потврди барањето на Кремљ за преорганизација на Украина во лабава федерација на поединечни региони. Последните години, според него, покажале дека Украина не може да функционира како обединета држава. По секој избор на нов претседател во Украина имаше нов устав. „Ова покажува дека моделот на единствена држава не функционира“, вели Лавров.

Тој во разговорите влезе со барање дека Украина мора да се обврзе на воена неутралност и да се откаже од пристап во НАТО. Вашингтон бара повлекување на Русија од Крим, која го анектираше полуостровот, кој ѝ припаѓаше на Украина, и покрај силните протести во меѓународната заедница.

Украинската влада во меѓувреме решително ги отфрли барањата за федерализација на земјата од страна на Русија. Русија би требало да си гледа пред сопствената врата, реагираа од украинското Министерство за надворешни работи, како реакција на изјавите на рускиот министер за надворешни работи Лавров.