1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лажни дилеми

6 мај 2020

Партиите треба да се фокусираат на нивната конструктивност околу резултатите од менаџментот на кризата, а не на пресметките околу термините за изборите, истакнува Петар Арсовски во колумната за ДВ.

https://p.dw.com/p/3brEA
Petar Arsovski
Петар Арсовски, автор на колумнатаФотографија: Petar Arsovski

Деновиве се актуелизира темата за избори.  Се разбира, како и за се друго, политичките блокови се во разногласие, најчесто со дијаметрално спротиставени ставови околу тоа што е навидум најдобро за државата, а всушност со реални разлики што е најдобро за нив самите. Во таа смисла, што од политички инает, што од партиски калкулации, се појавуваат неколку лажни дилеми околу датумот и механиката на спроведувањето на изборите.

Можеби е фер констатацијата дека сме трансцендентални политички малери.  Основниот проблем со кој се соочуваме сега во политичка смисла, е што изборите се веќе закажани, согласно консензусот кој беше постигнат на лидерската средба кај Пендаровски. Епидемијата не погоди точно во момент кога најголем дел од институциите беа во т.н. технички режим, каде собранието е распуштено, без механизам за одлучување (иако мандатот на пратениците сеуште трае), а владата е без политичка тежина, односно во формат кој е исклучиво наменет за контрола врз спроведување избори со партиципација на опозицијата.  Токму тоа беше и една од причините за прогласување вонредна состојба, каде на владата и се доделуваат дел од законодавните ингеренции, во недостаток од функционално собрание.  Значи, Македонија се соочува со можеби најголемата криза од нејзиното постоење, без собрание, и со влада која е во најмала рака десеткувана поради политичко разногласие и намален мандат.  Згора на тоа, членството во НАТО и одлуката за почеток на преговори со ЕУ дојдоа токму во овој момент, кога ниту можеме да им се израдуваме како што треба, ниту можеме ефикасно да ги искористиме за некаков општествен и економски пробив.  Накусо, влеговме во опасен тениски меч со едната рака врзана позади грб.  Тој проблем мораме да го решиме што побрзо, зашто директно влијае на нашиот капацитет за справување со тековната криза, а особено ќе влијае на нашата ефикасност во справување со нејзините последици кои допрва доаѓаат.

Оваа ситуација е можеби и добар коментар за целисходноста на пржинскиот формат на влада воопшто. Одамна имаме дилеми дали тој формат веќе создава повеќе проблеми одошто решава. Причините поради кои се воведе пржински состав на владата веќе не постојат, а сегашнава криза покажува дека има ситуации кога таквиот состав е реален хендикеп за функционирање на извршната власт.  Дополнително, во услови кога владата има де факто неограничена моќ, ниту опозицијата може да има некаква контрола врз процесите, ниту пак е нешто особено ќар од нејзината партиципација во владата.  Оттаму, мислам дека треба, веднаш после завршување на кризата, сериозно да се размисли за укинување на тој формат, кој реално ја блокира владата на 100 дена пред избори, нешто што може да има сериозни последици по државата, како што гледаме во оваа криза.

Други колумни од авторот:

-За непотребните компликации

-Експерти од општа пракса

-Лек или леб? Или можеби театар?

Значи основниот проблем е недостатокот на легитимитет, па со тоа и капацитет, на основните институции во државата, во услови на сериозна криза.  Оттаму, ние мораме на собранието, па со тоа и на владата, да им го вратиме полниот капацитет и мандат, за да можат да продолжат да се справуваат со епидемијата, како и со нејзините последици.  Ќе им претстојат клучни и тешки одлуки.  Можеби ќе биде неопходно да се зголемат даноците, да се воведат мерки за штедење, да се донесат други клучни одлуки.  На пример, набрзо ќе треба да се одобри преговарачката рамка за ЕУ, која ќе трае можеби наредните 10 години. Ние не смееме да си дозволиме да влеземе во такви одлуки со десеткувана или оспорувана политичка ситуација.

Но, првата лажна дилема е дека тој легитимитет може повторно да се воспостави единствено со избори. Тоа не е точно. Уставот дозволува, во услови кога не можат да се распишат избори, собранието со сопствена одлука, да си го продолжи мандатот и можноста за функционирање, се додека не се создадат услови за избори. Во тој случај, собранието би се реактивирало во стариот состав, а владата би се вратила во политички формат, и така би функционирале до излезот од кризата.  Лажната дилема се состои во сознанието дека овој метод, иако теоретски можен, е замена за избори.  Напротив, тој е далеку полош одошто избори. Проблемот е што таквиот, вештачки продолжен, мандат, може да не соодветствува со волјата на граѓаните, што сериозно би го нарушило кредибилитетот на таа политичка организација, па со тоа и нејзините можности за носење и спроведување одлуки.  Во ваква ситуација, сепак изборите остануваат најдобро, а најверојатно и единствено можно, решение за враќање на полниот капацитет на собранието и владата.

Повеќе на темата:

-ДИК треба да се раководи од ревидиран роковник

-Заев и Мицкоски се разминуваат за неколку недели за изборниот датум

-Изборите меѓу чекан и наковална

Втората лажна дилема е дека терминот на изборите многу зависи од волјата на партиите. Сепак сметам дека терминот на изборите ќе го одреди здрав разум, повеќе одошто политичките желби.  Во двете крајни ситуации, сепак епидемиолошката состојба е онаа која ќе го диктира терминот, а не партиските калкулации.  Да ги претпоставиме двете крајни сценарија.  На пример, доколку бројот на заболени континуирано опаѓа, животот се враќа во нормала, целиот регион ги отвара границите, а граѓаните почнуваат да му се враќаат на секојдневието, ниту еден политички аргумент од опозицијата нема да може да ги спречи изборите, ниту пак ќе постои можност за продолжување на вонредната состојба како единствен механизам за таквото одлагање.  Во тој случај, изборите одат во брзо сценарио, и никакви политички маневри тоа не можат да го спречат. 

Во втората крајност, доколку имаме нов тренд на зголемени бројки на инфицирани пациенти, продолжување на вонредната ситуација, и реален ризик по здравјето на граѓаните, изборите секако ќе се одложат, и никаква политичка аргументација нема да може да ги забрза.  Дури и нивното закажување „на сила“, нема да има ефект - луѓето ќе останат дома, уплашени за своето здравје.  Оттаму, накусо, ако епидемијата помине, изборите настапуваат веднаш, а ако продолжи, тие се одложуваат, и партиите немаат голем избор околу тоа прашање. Единствената ситуација во која партиските калкулации би имале влијание е некаква меѓу-ситуација: имаме минимален број заболени, но епидемијата не е завршена.  Единствено тогаш на сцена стапуваат политичките пресметки: дали е побезбедно да се направат избори сега, или да се ризикува нивно одложување за наесен, кога ситуацијата може да биде подобра, но поверојатно е дека ќе биде полоша, ако се точни прогнозите на СЗО за нов бран.

Затоа, на крајот, мислам дека партиите треба да се фокусираат на нивната конструктивност околу резултатите од менаџментот на кризата, а не на пресметките околу термините. Токму ефектите на справувањето со кризата ќе имаат најголемо влијание на исходот на изборите, а не дали тие ќе бидат една или две недели порано или подоцна.