1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лазаров: помалку странци во мак-ракометот

БГ/макфакс4 октомври 2013

Во интервју за Balkan-handball, Кирил Лазаров говори за Вардар и Металург, но и за македонската репрезентација и како да се обезбеди нејзината иднина.

https://p.dw.com/p/19teE
Фотографија: Reuters

Скопје оваа сезона има два тима кои играат во Лигата на шампиони со што е вистински хит во Европа. На стартот и двата тима покажаа дека нивното местото е во елитата, Вардар освои бод против Барселона за која игра Лазаров, додека Металург на колена го фрли ПСЖ, најскапиот тим во историјата на ракометот.

„Овој момент треба да се искористи за да се обезбеди иднината на македонскиот ракомет. Треба да се биде реален во целата еуфорија. Јас искрено се плашам да не се случи Кометал, само во машкиот ракомет. Клубовите се силни кога имаш силна репрезентација. Кога клубовите ќе станат силни, тогаш никој не се грижи за репрезентацијата, а репрезентацијата е срце, основа за иднината на ракометот. Бројот на странци не е ограничен и тоа е она што загрижува. Немаме јуниорски и кадетски репрезентации. Не се сеќавам кога последен пат во овие конкуренции сме учествувале на големи натпреварувања. Немаме млади играчи кои се во подем, осбено на бековските позиции. Искрено сум загрижен дека еуфоријата ќе помине и дека тогаш ќе ни се случи ’бум наназад’. Од друга страна, луѓето како Јорданов, Самсоненко, Михајловски, како и новиот претседател на Сојузот, Мукаетов, треба да се чуваат како злато“, изјави Лазаров.

Тој потенцира дека со 16 години веќе играл во Лигата на шамопиони, а со 19 години бил важна алка во тимот на Загреб.

Mazedonische Handballer Empfang in Skopje nach der EM in Serbien
Кирил ЛазаровФотографија: DW

„Металург има база во искусните домашни ракометари и има екстра добри странци. Единствено ново име е Дејан Манасков. Нам ни треба ’свежа крв’, а тоа го немаме. Покрај Манасков, тука е Гоце Георгиевски, меѓутоа нема бекови ниту за лек. Без вистински млади бекови за ротација ти си никој и ништо. Се споменуваат млади играчи кои се во налет, но тие веќе имаат преку 20 години, а зад себе немаат ниту едно учество на европско и светско првенство во јуниорска или кадетска конкуренција. Мојата генерација имаше многу такви натпреварувања“, вели капитенот на македонската репрезентација.

Лазаров смета дека постои начин да се направи добар баланс меѓу македонски и странски ракометари, а сепак тимовите да бидат квалитетни.

„Мора да се реагира веднаш, да се намали бројот на странци на 7-8, па секоја година таа бројка да се намалува. Тоа е единствениот начин доколку сакаме да имаме ракомет и во следните 10-15 години. Додека играв во Пелистер имавме неколку странци кои беа квалитетни, од нив можев како млад играч многу да научам. Кај нас во моментов има разни - од екстра квалитетни до екстремно неквалитетни. Македонци речиси и да нема“, вели Лазаров во дел од интервјуто за Balkan-handball.