1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Латвија одбројува до еврото

Бригит Јохансмајер / Александар Методијев31 декември 2013

Од 01.01.2014 во Латвија се воведува еврото. Само 40 проценти од Латвијците гледаат позитивно на новата валута. Замената на националната валута лат со евро предизвикува страв кај Латвијците од раст на цените.

https://p.dw.com/p/1AhcP
Lettland Währung Euro
Фотографија: DW/Aleksej Romanov

Активисти за заштита на потрошувачите сакаат да го растераат стравот на луѓето во Латвија, односно Летонија, од поскапувањата поради воведувањето на еврото. Низ целата земја се проверува двојното означување на цените во лати и евра. Но, стравот кај многумина останува. Само 40 проценти од Латвијците гледаат позитивно на еврото.

„Се плашам. Намирниците ќе станат поскапи, а јас не можам да контролирам дали новите цени во евра се соодветни на старите во лати“, вели една Латвијка.

„Ќе потрае една година додека ние да се навикнеме на еврото. Така беше и во Германија. Тие и натаму пресметуваа во марки, а ние пресметуваме во лати“, вели еден Латвиец.

„Сигурно се’ ќе стане поскапо. Веќе сега растат цените. Така беше и во Естонија. Со еврото се’ ќе биде поскапо“, смета една жена.

Lettische Währung Lat Münzen Euro Umstellung 2013
Цените се и во лати и во евраФотографија: Aleksej Romanov

Покачувањето на цените се чувствува во секој случај. То не може да го спречи ниту Иварс Јонинс. Во секоја продавница тој избира 10 продукти и потоа проверува дали цените се коректно пресметани од лати во евра.

„Во Латвија постои слободен пазар. Секој бизнисмен сам одлучува која цена ќе ја побара и ние тоа не можеме да го регулираме“, вели Јонинс, кој е контролор од Агенција за заштита на потрошувачите.

При сметањето во новата валута се појавуваат други прашања. Ќе важат ли старите договори и со еврото? Како ќе се прокнижат платите кои ќе се заработуваат во лати, а ќе се исплаќаат во евра? Низ целата земја книговодителите мораат да го научат односот кон новата валута. Притоа помагаат искуствата од евро-земјите, како Германија или Исланд. И таму еврото имаше лоша репутација - често неоправдано.

„Поскапувања не предизвикува само еврото. Стапуваат на сила нови даночни прописи, а се зголемува и минималната плата. Со тоа растат трошоците на фирмите. Затоа продуктите можат да поскапат“, вели книговодителката Линда Кунга.

20.12.2013 Wirtschaft Lettland
Иварс Јонинс ги контролира ценитеФотографија: DW

Обврзувајќи се на фер постапување при воведувањето на еврото, околу 4.000 трговци на мало во Латвија сакаат да ја зачуваат довербата на муштериите. Иварс Јонинс проверува дали овој супермаркет буквално се придржува кон тоа што го ветил. За погрешно пресметани цени, продавницата има време од пет дена тоа да го коригира.

„Овде се’ е точно пресметано од лати во евра. Супермаркетот со право ја носи налепницата за фер воведување на еврото“, вели контролорот Јонинс.

А, муштериите обрнуваат внимание на налепницата и и’ веруваат.

„Доаѓам овде, бидејќи знам дека се чесни. Цените во лати и евра одговараат“, вели еден муштерија.

Сопствената валута, на која беа толку горди, Латвијците ја имаа само 23 години. Еврото сега нив посилно ги врзува за Европа, за земји со и без економска криза. Тоа кај многумина, покрај стравот од пораст на цените, дополнително предизвикува несигурност и страв.