1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Латвија се подготвува за еврото

Карл Харенброк / Александар Методијев14 август 2013

Латвија во последните години мина низ тешка економска криза, а многу млади Латвијци се иселија во странство. Преку тешка програма за штедење и кратење во платите Латвија добро се подготви на промената на латот со евро.

https://p.dw.com/p/19A4E
Фотографија: DW/G.Gelzis

Вака треба да изгледаат новите монети од едно и две евра во Латвија. Во министерството за финансии во Рига дизајните се готови. Латвискиот грб и една жена во традиционална латвиска облека - симболи на независноста на земјата. Во основа Латвијците пополека ја прифаќаат новата валута. На речиси шест месеци пред воведувањето, во супермаркетите сите цени се во латвиски лат. Тоа треба да се промени во октомври. Тогаш едно евро ќе се менува за 0,7 лати. Потрошувачите очекуваат пораст на цените.

„Веројатно ќе има благо покачување на цените, поради тоа што многу цени ќе ги заокружиме, а имаме и трошоци за порачување на новите каси и на софтверот за еврото“, вели Едгарс Адатињш, сопственик на супермаркет.

Stadt Jurmala in Lettland
Латвијците полека ја прифаќаат новата валута, но сепак очекуваат пораст на ценитеФотографија: liveriga.com

Од воведувањето на еврото ќе профитираат извозните компании како онаа на Алдис Минајкис. Претприемачот произведува појаси за сигурност при товарење. Голем дел од производството оди во европските земји. Минајкис се надева на повеќе муштерии преку транспарентни цени во евра. Тој своите шивачки ќе ги плаќа во евра, со што ќе се заштеди при замената на приходите од евра во лати.

„Таксите за замена чинат многу пари, а кога ќе дојде еврото ќе биде подобро и пазарот ќе биде постабилен“, вели претприемачот Алдис Минајкис.

Пред само неколку години Латвија беше спасена од државен банкрот со парична помош од ЕУ. Со воведувањето на еврото земјата сега самата ќе учествува со повеќе од 300 милиони евра во ЕСМ - стабилизацискиот фонд за поддршка на презадолжените земји од Европа.

DW Magazin Evropanorama - Folge 59
Андрис Вилкс, министерот за финансии на Латвија, го покажува изгледот на евро-монетите од неговата земјаФотографија: DW

Многу финансиски експерти гледаат ризик во латвиските банки. Тука многу пари депонираат странски, а пред се’ руски клиенти. Ако тие преку ноќ го повлечат својот капитал, тогаш би можеле некои финансиски институции да пропаднат. Такво е стравувањето, но латвискиот министер за финансии смирува.

„Латвискиот банкарски сектор сочинува само околу 3,4 проценти од целиот бруто национален производ. Ова е две третини помалку отколку, на пример, во Германија или Франција. Ние имаме и големо присуство на скандинавски банки. Тие се многу силни и имаат голем капитал“, изјави за Дојче веле министерот за финансии на Латвија Андрис Вилкс.

Според анкетите само околу 38 проценти од Латвијците се за еврото. Но, владата се надева дека воодушевувањето од еврото ќе расте се’ до неговото воведување - на први јануари 2014 година.