1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Лафаме македонцки“

22 септември 2010

Еден ден во Забрдани, леринско. Разговор со мештаните за јазикот, минатото, сегашноста...

https://p.dw.com/p/P2ig

Од Битола до Лерин се стигнува за околу половина час. Забрдани, или Лофи, како што сега се вика ова село на грчки, има мал селски плоштад, на кој децата играат, а возрасните седат и разговараат во кафеаните.

По првиот поглед упатен со недоверба кон „странците“, дојде до претставување, по што бевме понудени да им се приклучиме, прифаќајќи да одговорат на нашите прашања откако претходно се претставија:

- „Георгиа Петропулу“; „Јас сум Костас Делинаумис“; „Јанис Танцопулос“

Јазикот на којшто се зборува е претежно македонски, со по некој уфрлен грчки збор. Тие раскажуваат:

„Ние шо сме родени до пред триесетина години, сите ние лафаме (зборуваме н.з.) и дома и надвор по македонски. Ќерка ми (која н.з.) има 21 година знае да зборува македонцки многу убаво. Дома секогаш јас и‘ зборувам, и‘ лафам по македонски, а таа понекогаш ми одговара по грчки.“

- „Разберва Македонски! Многу убаво и лафе, лафе!“

„Децата, машките деца, многу полесно се разбираат по македонцки, чупињата (девојчињата н.з.) прават повеќе грешки. Децата од 25 години, секој пат кога се намерваат (собираат н.з.) кога ќе бидат четири до пет деца заедно, лафат, лафат по македонцки. Од 40, 50, 60 70 години само македонцки. Тие не знаат грцки!

„Сега еден кој е поголем, 60, 70, 80 години, тој не знае убаво грцки да лафе, ниту да чита убаво. Напатеј (понекогаш н.з.) ако сакаат да прогорат по грцки клаваат и по некој збор на македонцки внатре во зборот.“

Symbolbild Finanzkrise Griechenland
Економската криза во Грција, се одразува многу и во леринскоФотографија: DW/AP

„Ние се‘ што научивме, научивме дома од старите. Од таткојте, од старите, само од старите го научивме македонскиот ј’зик; Од татко, од мајка и од дедој.

„Кога дома зборувам грчки ја вртат глават и ми велат - бре, не те разбирам што ми велиш!‘

- „Кога беме помали, ние сега што сме ближиме по четириесет, или педесет години, дома не се слушаше грцки муабет и грцки ј’зик. Кога одевме на скулето (училиште н.з.), имавме голема мака. Даскалите велеа: тебе те слушнал некој оти прогори македонцки, не го велеа македонски го велеа ѓупски ј’зик, оти лафевте „Јифтика“ и маваа по деца. И јас имам јадено ќотек од даскало оти ме слушнал некој... Сабајле на сколија ми велеа другпат да не го лафиме овај ј’зик. Јас го има живеано ова. Јас, сега имам чупе од 21 година и немаше таков проблем. Сега лафи (зборувај н.з.) шо сакаш. Тогај беше многу помачно. Ми велеја, ми правеја пропаганда - ако го лафите овај ј’зик нема да научите грцкиот убаво и не ќ’ојте (одите н.з.) напред, затоа ќе пулите овај ј’зик да го заборајте. Овај не е добар ј’зик. Тоа беше од системот, од даскалите, од тие што беа. Овај ј’зик да го сечат, да не се збори ич!“

„Не го признаваат македонскиот ј’зик, велат дека нема македонски ј’зик. “

„Треба на Грција, вие што живеет во Европа да му кажете оти треба да не‘ признае, ние што да му прајме, Грција не слуша никој!“

Македонските песни и ора ги знаат сите

На прашањето дали сега можат полесно да се запеат македонските песни, научени од родителите, мештаните објаснуваат енергично:

„Играме сега слободно македонски, нема некој проблем сега. Само македонски играат тука.“

-

- „На свадби, на панаѓури на се‘ што има радост во селото, се свират и пеат македонски песни. Нема чупе, па и што не лафе (оние кои не зборуваат македонски н.з.), ама ората ги играат и ги сакаат со многу ќеф. Со песна, ено, ќе тупне тапанот, и мало и големо се на редо на танецот. Јас имам едно внуче од четири години и тоа оди на танецот да се фати да игра македонски, македонцкото оро е приказано во цел свет оти е од најубајте ора!“

Економската криза во Грција се чувствува многу и во леринско

- „Многу тешко. Се плаши народот дали ќе имаат или не работа. Многу луѓе немаат работа. Се плашат, овие што работат не се плаќани со месеци.“

- „Од векој го имаме овај проблем. Ова е посиромашно место, понемаше работа. Откако се направи електростопанството (термоцентралите н.з.), се вработи народот. Од јануари месец не сме платени. Секојпат вака е. Тие што се малцето креваат, лапаат и крадат и тие што треба да се платат, не се плаќаат. Не е от сега, од години е. “

„Тешко на народот, мачно е многу, тешко е. И пофетко (порано) беше мачно и сега ќе дојде уште помачно.“

„Ти се работа на тебе, ако не си плаќан пет месеци? Тоа е...“

„Утре, другиден по другиден, поминаа пет месеци. Не им е гајле оти народот нема да купи, нема да јаде, нема да напрае... Тоа не ги ѓиба (допира н.з.) ич! Најаден не му верува на гладен. Еве такво нешто станува (се случува н.з.) во местото наше, не само тука, така е и во цела Грција.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска