1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лашет или Зедер– кој ќе ги води ЦДУ и ЦСУ во кампањата?

10 април 2021

Кој ќе биде кандидат за канцелар на германските конзервативни партии на изборите за Бундестагот– Армин Лашет или Маркус Зедер? Одлуката ќе падне наскоро – среде криза во партијата на Меркел, ЦДУ.

https://p.dw.com/p/3rmHY
Deutschland Münster 2019 | Markus Söder, MP Bayern & Armin Laschet, MP Nordrhein-Westfalen
Фотографија: Malte Ossowski/SVEN SIMON/picture alliance

Оној кој ќе биде назначен за кандидат за канцелар на Унијата, односно на сестринските партии Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), всушност секогаш има добри изгледи за успешна политичка кариера. Во 72 години постоење на Сојузна Република Германија, 51 година со земјата владеел канцелар од редовите на Унијата. И сега, на околу половина година пред изборите, партијата на Меркел предводи во анкетите.

Пандемијата ги диктира околностите

Сепак сѐ е поинаку од вообичаено. Пандемијата -и во последно време лошото менаџирање на ситуацијата од страна на владата - ги влече и конзервативците надоле. Некои пратеници мораа да се повлечат бидејќи се збогатија при набавката на заштитни маски. И пред сѐ: по 16 години Меркел на канцеларското место, таа сега се повлекува. Наесен нема да се кандидира повторно и остава зад себе дезориентирана партија. Во последните анкети 26 до 28 проценти од испитаниците се изјасниле дека ќе гласаат за ЦДУ. Зелените се на второ место. За споредба: на изборите за Бундестагот во 2017 партијата на Меркел имаше 32,9 проценти од гласовите. ЦДУ и ЦСУ владеат во коалиција со социјалдемократите.

Bildkombo Laschet Merkel Söder

Двајца кандидати од покраините

Двајца мажи важат за фаворити за кандидат за канцелар. Двајцата во моментов се покраински премиери. Армин Лашет, од јануари годинава претседател на ЦДУ, е премиер на Северна Рајна Вестфалија. Маркус Зедер, шеф на баварската сестринска партија ЦСУ, е премиер на Баварија. Реално до сега важело правилото дека кога има кандидат од ЦДУ никој не може да го попречи бидејќи ЦДУ ја има во 15 покраини, додека ЦСУ само во Баварија. Но, во 2021 кандидатурата нема автоматски да му припадне на Лашет.

Зедер со јасен курс за пандемијата

Маркус Зедер, динамичниот премиер од Баварија, е еден од политичарите кој во пандемијата застапува колку-толку јасна политика. Тој постојано стои зад канцеларката, која се залага за што е можно построги ограничувања и е скептичен во однос на разлабавувањето на мерките. И притоа и натаму го има мнозинството на Германците зад себе. Веројатно и од таа причина за Втората германска телевизија неодамна Зедер рече: „Патем напоменато: сите се крстат во гласовите од Меркел, а кој ги сака нејзините гласови тој мора да тера и таква политика."

Deutschland Schloss Elmau 2019 | Markus Söder, MP Bayern & Armin Laschet, MP Nordrhein-Westfalen
Фотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Лашет прво за олабавувања, сега е против

Јасна стрела упатена кон Лашет. Тој особено во летото 2020 беше дел од оние кои се залагаа за олабавувања во корона кризата, што подоцна, барем така тврдат многу експерти, довело до нов пораст на бројот на заразени. Новиот шеф на ЦДУ сега се залага за строг и краток локдаун, исто како и Зедер и Меркел. Но, неговата непостојаност му наштетила на неговиот углед. Дури и Меркел неодамна ја критикуваше политиката на својот наследник и во интервју за АРД рече: "Не сум баш радосна."

Зедер води во анкетите

Луѓето во Германија изгледа повеќе му веруваат на Зедер за најважната политичка функција во земјата: во анкета на институтот ЈуГов од средината на март годинава 41 проценти од испитаниците се изјасниле дека сакаат Зедер да ја предводи Унијата во кампањата, само 14 проценти се изјасниле за Лашет. Меѓу избирачите на Унијата Зедер има уште појасно водство со 63 спрема 12 проценти.

Вознемиреност во пратеничката група на Унијата

Тоа предизвика вознемиреност во Унијата. Ако ЦДУ и ЦСУ на есен поминат полошо од претходно, мандатите на многумина до сега 245 конзервативни пратеници се загрозени. Затоа во пратеничката група на Унијата во Бундестагот при сета солидарност со Лашет се повеќе се водат според мотото дека се за оној кој ќе донесе повеќе гласови.

Писмо за останатите покраински премиери

Маркус Зедер долго време беше воздржан што се однесува до неговата желба да стане канцелар. Постојано зборуваше за тоа дека својата иднина ја гледа во Баварија. Но, многу од неговите постапки во последно време кажуваат нешто друго, како на пример писмото кое неодамна го испрати до неговите колеги покраински премиери и во кое ги повикува во однос на короната конечно да водат унисона политика. Особено пикантно е дека писмото го пишал заедно со премиерот на Баден Виртемберг, Винфрид Кречман од Зелените. Не е тајна дека Зедер има добри релации со многу претставници на Зелените и дека се залагаше повеќекратно за поголема заштита на климата. А, коалиција со Зелените по изборите важи за една од најверојатните констелации.

Заедничко спогодбено решение? Сѐ помалку веројатно

Од парламентарната фракција на Унијата се слуша дека Лашет се уште има блага предност. Прашањето е кој воопшто ќе одлучува за кандидатурата за канцелар. Се помалку веројатно е дека Лашет и Зедер ќе постигнат спогодбен договор, и покрај изјавата на Лашет од неделава која гласи: “Маркус Зедер и јас ќе им дадеме предлог на претседателите на партиите. ќе одлучиме според критериумот кој има поголеми шанси да победи на изборите на ниво на целата земја.“ Без сомнение, во моментов тоа е Маркус Зедер.

Германија исправена пред големи предизвици

Ако повторно успеат да ја освојат канцеларската позиција, конзервативците се исправени пред големи предизвици. По 16 години Меркел, ЦДУ и ЦСУ програмски се празни.

Канцеларката се повлече од нуклеарната енергија и го укина задолжителниот воен рок. Во суштина тоа беа два клучни елементи на Конзервативците.

Долги периоди од мандатите на Меркел беа режим на криза – финансиската криза и евро-кризата, бегалската политика, и еве една година пандемија. Во моментов Германија заостанува во дигитализацијата, се бори против расизмот и поларизацијата на општеството, а мора да се подобри и во однос на климатската заштита. Во недела (11.04.) Зедер, Лашет и Меркел се гости на затворениот состанок на врвот на пратеничката група на Унијата – добра шанса да се разјаснат нештата околу прашањето за идниот кандидат за канцелар.