1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лајпциг – прв шампион на Германија во фудбал

24 август 2007

Најдобриот германски клуб до Првата светска војна, престана да егзистира. Неговите традиции ги продолжува Локомотиве – пред 20 години финалист на европскиот Куп на победниците на националните купови, сега шестолигаш.

https://p.dw.com/p/BXaZ
Стадионот „Бруно Плахе“ во ЛајпцигФотографија: picture-alliance/dpa

Забот на времето веќе подолго време го нагризува стадионот Бруно Плахе во Лајпциг. Стадионот има доживеано многу подобри времиња, оти на тој терен играше Лајпциг, Клубот за игри во движење - како што му е официјалната ознака, првиот шампион на Германија во фудбал. Но, и денес таму се’ уште се игра фудбал. Локомотиве Лајпциг настапува во Реонската лига. Пред само 20 години клубот играше во финале на европски куп. По спортскиот и финансиски банкрот, сега е новоформиран.

Одделот за пионери и младинци во клубот е примерен како некогаш благодарение и на аматерскиот ангажман на 65-годишниот Хенинг Френцел, порано репрезентативец на некогашната Германска Демократска Република. Френцел, своевремено мајстор за дриблинг, знае дека им врши бесплатна услуга на големите професионални клубови. “Во принцип да. Всушност, не би требало да биде така, оти ние сакаме сопствените таленти да ги интегрираме во нашата екипа. Но, ако се појави некој вистински супер-талент, тогаш е нормално дека тие си одат од овде”, вели Френцел.

Пари и слава денес мамат на други места; тука ништо не помага ни таблата на 75-години старата дрвена трибина, на која гордо е истакнато: “Лајпциг, прв германски првак 1903-та”. Името на клубот е прво запишано на шампионскиот пехар наречен Викториа, опточен со благородни камења. За Штефан Кобалд, шеф на сегашниот шестолигаш Локомотиве, е јасно: “Тоа не може туку така едноставно да се избрише. Рековме дека ќе ја продолжиме традицијата. Ако некој заслужува да се нарече прв германски шампион, тогаш тоа сме само ние и никој друг”.

Во 1903-та Лајпциг во финалето на првото првенство на Германија во Хамбург-Алтона ја совлада екипата на Прага. Нема зачувана фотографија од шампионскиот тим, но искажувањата на учесниците се регистрирани и овековечени во книгата “Моето столетие” на Гинтер Грас: “Веќе на почетокот кикс. Пред првиот свиреж ја нема топката. Екипата на Прага протестира. Но, гледачите повеќе се смееја, отколку што се лутеа. Соодветно големо беше славјето, кога топката конечно беше донесена на теренот, а нашиот противник тргна од центарот со ветер и сонце в грб”.

Грас настаните ги опишува од агол на гледање на еден играч на Лајпциг: “Тоа беше добар, иако не и голем натпревар. Во секој случај, се покажаа како изговор гласините дека Пражани претходната ноќ ја минале со жени во квартот на ’црвени фенери‘ во Хамбург и поради тоа биле толку немоќни во нападот во второто полувреме. Победија подобрите”. По слабиот почеток, Лајпциг победи со 7 спрема 2.

Лајпциг, првиот шампион на Германија, престана да егзистира како клуб. Двете светски војни, нацистичкото време, четирите децении социјализам и повторното германско обединување од корен ги изменија односите во фудбалот во Лајпциг.

Но, традицијата живее, вели членот на Локомотиве и хоби-историчар Ралф Ноак: “Секоја земја има само еден прв шампион, а мене посебно ме радува оти нашиот е одовде, од Лајпциг. Затоа се стремам и кај младата генерација да живее сеќавањето дека овде имаше големи постигнувања. Станува збор за трикратен првак – покрај 1903-та, уште и во 1907-ма и 1913-та. Станува збор и за освојување на Купот на Германија во 1936-та, кога Лајпциг приреди изненадување совладувајќи го Шалке на олимпискиот стадион во Берлин”.

До првата светска војна Лајпциг беше најдобар германски тим. Прочуени беа голгетерот Хајни Ризо и талентираниот техничар Камило Иго, капитен на германската репрезентација.

Локомотиве, клубот-наследник на Лајпциг, исто така им приреди убави моменти на своите приврзеници во втората половина на минатиот век, кога четири пати го освои источногерманскиот куп. Рене Милер, Хенинг Френцел и Роналд Креер се столбови на репрезентацијата.

Во 1987-ма година, со победата на пенали против Жиронден Бордо Лајпциг се пласира во финалето на европскиот Куп на националните-куп победници. Јунак на полуфиналето е голманот Рене Милер, кој прво одбрани два пенала на Французите, а потоа го реализира и решавачкиот удар од белата точка. Останува незаборавно и учеството во финалето – засега последен голем успех на екипата од Лајпциг, и покрај поразот од Ајакс Амстердам.

Бернд Греслер