1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ла Ру: Да не се заплашуваат критичките медиуми

Катерина Блажевска21 јуни 2013

Ивестувачот на ОН за слобода на изразување Франк Ла Ру во Македонија порача дека е недозволиво заплашување на критичките медиуми и побара поттик на истражувачкото и слободно новинарство.

https://p.dw.com/p/18uBY
Фотографија: ORLANDO SIERRA/AFP/Getty Images

Со голем медиумски интерес, но без голем медиумски третман, беше проследена денешната прес-конференција на специјалниот известувач на ОН за медиуми, Франк Ла Ру. По неговиот неколкудневен престој во Македонија и бројни средби со владини и претставници на здруженија, на кои се разговарало за практикувањето на човековите слободи и права, медиумската слобода и легислатива, Ла Ру изрази „загриженост за заплашувачките тенденции во сферата на медиумите". Новинарот и адвокат од Гватемала, од Македонија заминува со неколку генерални забелешки - дека е недозволиво заплашување на критичкиот печат, дека треба да се поттикнува истражувачкото и слободно новинарство, дека позитивната законска регулатива мора да се спроведува во практика, а случаите кои влеваат и малку сомнеж во јавноста, мора да се истражат до крај.

Во тој контекст, тој ја нагласи потребата од комплетна истрага за загинувањето на сопственикот на „Фокус", Никола Младенов:

„Ги повикувам надлежните органи да започнат темелна истрага за овој случај со цел бргу да се распрсне облакот на сомнеж и страв што беше создаден со трагичната смрт на г-динот Младенов", порача Ла Ру, а се осврна и на притворањето на новинарот Томислав Кежаровски.

„Употребата на притвор за решавање на случај на откривање на заштитен сведок во статија од весник, е непропорционална за овој чин и јас жалам што властите го одбија моето барање да се сретнам со г-динот Кежаровски за време на мојот престој", рече специјалниот известувач на ОН.

Долг список забелешки

Ла Ру во својата аргументаци не го заборави и затворањето на А1 ТВ и неколку дневни весници, а се осврна и на нефункционалноста на Законот за пристап до информации и на етикетирањето новинари кои се критични кон состојбите во Македонија. Во однос на владините реклами потенцира дека употребата на јавните средства мора да биде транспарентна, за да се избегне нивна злоупотреба за промоција на наклонетите медиуми, на штета на критичките. Тој најави и дека ќе ги следи случувањата околу подготовката на новиот Закон за медиуми, кој го смета за ризик од влошување на правната рамка.

Symbolbild Kamera Deutsche Welle
Ла Ру најави дека ќе ја следи оодготовката на новиот закон за медиумиФотографија: imageo/Stockhoff

Во медиумската заедница се поделени впечатоците за ставовите на Ла Ру. Односот кон нив засега се рефлектира само преку фактот што дел од медиумите целосно ги пренесоа, а други целосно ги игнорираа неговите забелешки. Но, она што не е тешко да се претпостави, е дека тие ќе станат предмет на пресметка меѓу власта и опозицијата, а новинарите повторно ќе се најдат во „вкрстен оган".

Решението е во дијалог

Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, вели дека сите проблеми можат да се решат преку дијалог.

„Како што беше позитивен пример дијалогот со новинарите за Законот за декриминализација на клеватата, така, во тој дух и со принципиелен пристап може да се решат и други проблеми. Ова се прашања што ја тангираат домашната јавност. Се надевам и апелирам, овие прашања да не бидат злоупотребени од трети субјекти или, пак, да им помогнат на трети субјекти да и' направат политичка штета на Република Македонија. Апелирам до сите заинтересирани субјекти, да пријдеме кон анализирање и решавање на овие предизвици со добронамерен и принципиелен однос", порача Димовски.

Но, дали постои доверба дека проблемите може да се решат? Комуникологот Петар Арсовски, не е убеден во таквата можност.

„Ла Ру го констатира она што е веќе очигледно. Состојбата со медиумите во Македонија е веќе критична, што е нотирано во повеќе консекутивно лоши извештаи од сите релевантни странски организации. Но, она што охрабрува е тенденцијата на меѓународната заедница малку похрабро да проговори на оваа тема, па со тоа можеби и да направи некаков вид притисок за подобрување на состојбите. Сепак, не сум убеден дека таквиот обид ќе наиде на политичка волја кај домашната власт. Ако оваа состојба продолжи да се развива како што се развива, нема да има медиум во Македонија кој ќе го објави наредниот извештај за слободата на медиумите во Македонија", вели Арсовски.

Извештајот на ОН за медиумите за Македонија во целост ќе биде презентиран пред Советот за човекови права на ОН во јуни 2014, а дотогаш внимателно ќе се набљудува состојбата во медиумската сфера.