1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лековите против малигни болести - регулатори на белодробниот висок притисок!

Силвера Падори-Кленке11 април 2012

Германските научници ја финишираат најголемата програма која треба да потврди дека лековите против различни типови рак ефикасно се справуваат и го регулираат високиот притисок во белодробните крвни садови.

https://p.dw.com/p/14TEP

Зголемениот крвен притисок е болест која многу ги погаѓа Германците. Експертите проценуваат дека 20 милиони лица се погодени од оваа болест, која кај половината не е ни дијагностицирана. Кај многумина болеста се открива случајно, а многу често и предоцна. Дијагнозата кај 24-годишниот Гунтер била утврдена по белодробната емболија која ја преживеа и која ги потврдила вистинските причини на здравствените проблеми што го мачеле последните 10 месеци.

Што е всушност висок притисок во крвните садови во белите дробови, како најдобро може да се лекува и кои медикаменти се најефикасни се теми со кои последнава година се занимаваат лекари, фармацевти, хемичари, физичари од универзитетот Гисен и Марбург. Тие се дел од 18-те тимови на Германскиот центар за истражување на белите дробови, кој како врвна институција што постои само една година, го акумилира најдобриот научен потенцијал и веќе ги има и првите резултати.

„Високиот притисок на белите дробови е болест на пулмоналните крвни садови. Кога се говори за белите дробови, секогаш се мисли на дишењето, на кислородот кој стасува во белите дробови и кој мора да биде преземен од крвта која го транспортира низ телото. Ова се случува преку пулмоналните, белодробните крвни садови. Тие имаат тенки и еластични ѕидови. Кај пациентите со зголемен пулмонален притисок тие крвни садови се згрчуваат, се стеснуваат, со што се зголемува и притисокот на крвотокот во белите дробови, што претставува големо оптоварување за десната срцева комора“, објаснува за ДВ доктор Хосеин Ардешир Гофрани, раководител на Амбулантата за зголемен пулмонален притисок и професор за пулмонални васкуларни истражувања на универзитетската клиника Гисен

Широко распространета болест!

Тој вели дека главен симптом е скратениот здив на пациентите, посебно во првиот стадиум, кога има оптоварување на телото (во секојдневниот професионален ангажман, при нормалното движење и спортување). Кога болеста е напредната, пациентите имаат краток здив и не можат да вдишат воздух и во состојба на мирување. Болеста се дијагностицира со катетер што се поставува на десната срцева комора, кој пак со специјална сонда го мери протокот преку десната комора до пулмоналната артерија. Сега истото мерење може да се напорави и со ехо-кардиограф.

Професор Гофрани забележува дека болеста е стара колку човештвото, но нејзините манифестации се истражуваат и третираат последниве десетина години. Порано се сметаше дека станува збор за многу ретка болест од која најчесто страдаат младите жени. Во меѓувреме се знае дека многумина се погодени и тоа не само луѓето кои имаа висок притисок во основната форма. Болеста е тесно врзана со срцевите болести, но е во корелација и со хроничните - бронхитиси кај пушачите, различни фибрози и сл. Кај многумина болеста се дијагностицира предоцна - тогаш кога е причина за смрт!

Ardeschir Ghofrani
Високиот притисок во белите дробови се открива предоцна - проф. др. Хосеин Ардешир ГофраниФотографија: DW

„Високиот притисок во белите дробови може да доведе до емболија. Во екстремитетите може да се создаде тромб, кој потоа се придвижува преку крвта, стасува до белите дробови кои се своевидни филтри кои ќе го ’уловат’ тромбот, со што автоматски се предизвикува запушување, емболија на белите дробови. Кај 5 до 10 проценти од лицата кои преживеале белодробна емболија, последица останува високиот пулмонален притисок“, подвлекува професор Гофрани.

Студии за вистинските лекови?

Дел од терапијата за тешките случаи на висок белодробен притисок се трите групи лекови кои ги олабавуваат крвните садови, кои имаат потенцијал да ги олабават компонентите што предизвикуваат грчење, со што се олеснува движењето на крвта.

„Од минатата година знаеме и дека овие белодробни садови не само што се згрчуваат, туку и се зголемуваат. Тие ги зафаќаат сите слоеви од ѕидот на крвниот сад, ткивото се множи, се зголемува, со што цевчето на белодробниот крвен сад се’ повеќе се затнува. Ова затнување не може повеќе да се отстрани со лекови кои олабавуваат, туку се потребни лекови кои ова нараснато ткиво ќе го елиминираат. Ваквата елиминација на нараснатото ткиво на садовите последниве години се постигна благодарение на примената на новите лекови кои порано се користеле против карцином, а сега имаат вистински ефект против белдробниот притисок“, кажува професор Гофрани.

„Токму резултатите од примената на овие нови лекови во третманот на високиот белодробен притисок се најновото кое сега се презентира на различните научни конкгреси. Станува збор на пример за лекот Иматиниб, за кој моментно успешно се завршени трите студии кои треба да ја обезбедат дозволата за негова примена. Во новите лекови е и групата која го стимулира растворањето на гранулат-циклазите риоцигуат“, вели Гофрани појаснувајќи дека во моментов се реализира една од најголемите истражувачки програми кои треба да обезбедат одобрување за примена на овие лекови против високиот белодробен притисок.

Forschung
Резултатите од проектот се очекуваат до крајот на годинаваФотографија: Fotolia/Franz Pfluegl

„Добрата вест е дека и двете студии кои ги координира универзитетот од Гисен веќе ги регрутирале сите пациенти кои ќе бидат опфатени со студиите. Во мај и јуни двете студии ќе бидат завршени, по што во текот на оваа година ќе бидат готови и резутатите кои ќе може да се достават до релевантните служби задолжени за одобренија за користењето на некој лек’, подвлекува професор Гофрани.

Инаку, и овие студии за лековите против висок белодробен притисок се работат по ист терк како и сите останати. Активниот, вистинскиот лек, се тестира наспроти еден лажен, плацебо. Пациентите и лекарите кои учествуваат во студијата не знаат кој пациент и во кое време каков лек примил (вистински или лажен). Дури на крајот се крши таканаречениот код. Пациентите кои биле опфатени во студијата добиваат плик, во кој се информациите: дали и кога примале вистински лек или плацебо и дали активниот медикамент бил поефикасен. Доколку проектот ги потврди очекувањата на експертите дека лековите против рак влијаат врз намалување на белодробниот висок притисок, тогаш професор Гофрани очекува што поскора дозвола за нивно користење.