1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лек за политички фрустрации и сретство за градење кариери

Свето Тоевски30 мај 2012

Малите политички партии во Македонија ниту по дваесеттина години од појавувањето не се наметнаа како значаен фактор во политичкиот живот. Во 2005. година имало 150 партии, во 2009. биле 99, а лани 70-тина.

https://p.dw.com/p/154Fq
Фотографија: MIA

Малите партии, од кои голем број се без идентитет и без јасна идеологија и визија, во изминатите години имаат освојувано на изборите едвај половина до најмногу неколку проценти од гласовите на бирачкото тело. Тие како да започнаа да исчезнуваат позабрзано особено по изборниот нокаут што го доживеаја на ланските парламентарни избори.

„Тие немаат ниту конзистентна политика за самостојно настапување на изборите. Клучен момент се парламентарните избори во 2008 година. Тогаш од малите партии предизборно коалицираа само оние што се позначајни. Сите други не настапија на изборите и не освоија ниеден мандат. По ова малите партии се изгубија.“ , констатира Бојана Наумовска, експерт за мали партии и изборни модели од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје, како автор на истражувачкиот труд „Дали малите политички партии во Македонија се во криза?“

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid
Јове КекеновскиФотографија: Jove Kekenovski

Бизнис – клубови“

Таа смета дека малите политички партии се формираат, покрај другото, и со цел на тој начин да се градат лични кариери:

„Поединци формираат и такви партии, за да се претстават себеси и своите интереси. Но, на неуспех се осудени оние партии, чија цел се личните интереси на оној што ги води, односно, на интересите на претседателот на самата таа партија.“

„Малите партии, формирани од кариеристички побуди на поединци, напати се претвораат во своевидни бизнис-клубови.“, истакнува Јове Кекеновски, професор на Државниот универзитет во Битола и политички аналитичар:

„Онаму каде што велиме дека одредени партии функционираат како бизнис- клуб дури и нивните донатори бргу се откажуваат од нив. Таквите партии, кои не се засновани врз идеологии и цврсто членство, едноставно не успеваат на овие простори.“

Во овој контекст Мерсел Биљали, професор на ФОН универзитетот и политички аналитичар, е категоричен:

„Кај нас созрева убедувањето дека најбргу можете да се збогатите и финансиски да профитирате со помош на политиката, односно, преку формирање политичка партија. Меѓутоа, гласачите го забележуваат тој личен интерес: да станете нешто, да изградите кариера со помош на политичка партија, но, без да понудите реални решенија, реални ориентации, идеали и конкретна идеологија.“

Prof.Dr. Mersel Bilalli FON Universität
Мерсел БиљалиФотографија: Fatos Musliu

Кекеновски се осврнува на уште една од причините зошто во Македонија има толкав голем број партии:

„Голем број партии се формирани и по налог на други партии: тоа е еден од начините на спротивставената партија да и се одземат дел од гласовите, односно, гласачите да се доведат во заблуда.“

Малите партии во Германија значаен фактор во политиката“

Врз основа на споредбената студија за германските и македонските искуства на овој план, д-р Наумовска заклучува:

„Партискиот систем на Германија е позитивен систем за опстојување на помалите политички партии. Во тој систем тие егзистираат и играат значајна улога веќе неколку децении, станувајќи се поголем чинител во креирањето на политиката. Особено Слободната демократска партија (ФДП) и партијата на Зелените успеваат на подолг рок да се профилираат во германскиот партиски систем. Како постојан партнер во владините коалиции, помалите партии стануваат се помоќен играч на политичката сцена во оваа земја, благодарејќи и на се’ поголемата поддршка која ја добиваат од гласачите.“

Wahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

„Намалување на постојниот цензусен изборен праг за 2 – 3 проценти, за да можат и малите партии во Македонија да освојат парламентарни мандати, воведување 'отворени кандидатски листи' во изборниот закон“, предложуваат споменатите експерти, со цел и на тие партии во оваа држава да им овозможи да започнат да профилираат своја конзистентна политика и да внесуваат нов творечки позитивен динамизам во црно-белиот биполарен политички пејзаж, диктиран од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.