1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Летало без дозвола за летање

Нина Веркхојзер/ Жана Ацеска22 јули 2013

Пропаѓањето на мегапроектот „Еурохок“, летала без екипаж, има последици: анкетна комисија на германскиот парламент го разгледува случајот, денеска е првата седница (22.07). Министерот за одбрана е еден од 19-те сведоци.

https://p.dw.com/p/19BZA
Фотографија: EADS/Getty Images

„Еурохок“ остана само сон на министерот за одбрана Томас де Мезие, кој сега поради пропаднатиот проект се наоѓа на удар на критиката. Се работи за најголемата криза во мандатот на Де Мезие, кој треба да положи сметка за непотребно потрошени пари во огромни размери: како можело да се случи неговото министерство да инвестира 600 милиони евра во беспилотното летало, кое од безбедносни причини не смее да лета во германскииот воздушен простор? Бундесверот планирал да добие четири вакви летала, но единствениот досегашен тип ( на фотографијата горе) веројатно никогаш нема да стигне до сериско производство.

Крај со последици

Не фалеше многу за министерот да падне заедно со беспилотното летало. Но, Томас де Мезие се бранеше со аргументот дека спречил поголеми штети со тоа што во мај го стопирал развојот на „Еурохок“. Дотогаш неговите соработници проблемите му ги претставувале како решливи.

Според него, подобар е крај со последици, отколку последици без крај.

Но, опозицијата не сака толку брзо да го ослободи од одговорност министерот кому му се припишува блискост со германската канцеларка Агела Меркел. Социјалдемократите, Зелените и Левите се убедени дека министерот премногу доцна ја повлекол кочницата, со што попусто се фрлени милиони евра од данокот. Опозицијата побара случајот да го расветли парламентарно истражно тело. Кон крајот на јуни Комисијата за одбрана во Бундестагот се конституираше како Анкетна комисија, право кое припаѓа според уставот. Сега ова тело ќе врши испитување за време на летната пауза, од 22 до 31 јули, така да се каже, во последен момент. Зашто, со парламентарните избори во септември овој парламент ја губи можноста да се расветли аферата „Еурохок“.

Thomas de Maiziere Verteidigungsminister Verteidigungsausschuss des Bundestages 05. Juni 2013
Министерот Томас де Мезие доведен во тесноФотографија: Reuters

Расветлување по брза постапка

Членовите на Анкетната комисија во шест седници ќе испрашаат 19 сведоци, мешу кои и Томас де Мезие и неговите државни секретари, двајца поранешни министри за одбрана и претставници на вклучените концерни за оружје. Амбициозен план, ако се знае дека обично на парламентарните анкетни комисии за ваква разјаснувачка работа им требаат месеци или години. Парламентарците секој ден ќе сослушуваат по тројца сведоци, за да можат да ги сослушаат сите, најавувајќи во нужен случај, да работат и до полноќ. Сепак, прашање е колку за толку кусо време може да се истражи толку комплексна материја.

Десет години работа

Бундесверот најави потреба од беспилотни летала уште од времето на војната во Косово. Пред десет години Министерстството за одбрана почна со подготовки за развој на летало без екипаж. ВО 2005 година беше основано „Еурохок ГмбХ“, џоинт венчр од европскиот концерн за вселенски летови ЕАДС и Нортроп Груман. Американската фирма за производство на оружје го произведува леталото Глобалхок. Леталото е значи американски производ, додека системот за истражување „ИСИС“ е равиена од фирмата на ЕАДС, Касидиан, специјално за Бундесверот.

Drohne Euro Hawk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Двајца производители, без дозвола

Проблемите настанаа од оваа констелација и доведоа до пропаст на проектот: американската дозвола за „Еурохок“ прототипот беше извршена во САД, а не важеше за германскиот воздушен простор. Во Германија нема искуства со новата технологија. Освен тоа, на документацијата и‘ фалеа технички детали, кои американската страна не ги доставувала.

Томас де Меизе признава дека неговото министерство не работело доволно темелно, а тој доцна реагирал. Но, одлуката за стопирање на проектот не стигнала доцна, тврди министерот, затоа не сака да поднесе оставка.