1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Летонија го има Еуро-супермен

Карен Харенброк/ Симе Недевски29 мај 2013

Во услови на криза и драматично намалена поддршка на граѓаните за заедничката европска валута, летонскиот премиер Домбровски наречен Еуро-супермен е цврсто решен да го воведе еврото на почетокот на наредната година.

https://p.dw.com/p/18ahM
Фотографија: picture alliance/dpa

Пазарот во летонскиот град Вентспилс на брегот на Балтичкото море. Мед во тегла тука чини 2 лата околу 3 евра. Летонската валута лат веќе со години е со фиксен курс врзана за еврото. Повеќето трговци се противат на воведување на еврото и би сакале да го задржат својот лат.

„Не знам, немам добро чувство кога станува збор за еврото. Мислам оти нема да ни донесе ништо добро.“

Летонија планира да го воведе еврото во период на економски раст. Летонската економија закрепна и растот оваа година би требало да изнесува 3,6 проценти.

Вентспилс е седиште на многу извозни компании, меѓу нив е компанијата ќерка на швајцарската фирма „Бухер Шерлинг“ која произведува машини за чистење улици. Повеќето од нив ги продава во земјите на ЕУ. Само во минатата година на банките морала да им плати трошоци за валутна размена во износ од 140.000 евра. Со воведување на еврото тие пари би се заштедиле, смета директорот на фирмата Микус Маканскис.

Premierminister Valdis Dombrovski Wahlen
Премиерот на Летонија Валдис ДомбровскиФотографија: picture-alliance/dpa

Тој го сака еврото што побрзо: „Сметам дека е предноста што европските клиенти имаат повеќе верба во големото евро отколку во мала валута како што е латот.“ Но, според најновите истражувања, воведувањето на еврото го поддржуваат малку повеќе од 33 проценти Летонци. Противниците на зедничката европска валута гласно протестираа пред зградата на парламентот во Рига (насловна фотографија). Бараат за воведување на еврото да се распише референдум.

„Кризата се' уште не е завршена. Кипар е најдобар пример за тоа. Треба да почекаме додека еврозоната не се стабилизира и не закрепне економијата и потоа повторно да ја преиспитаме одлуката“, вели Ивета Григуле, пратеничка и противничка на еврото.

За референдум е веројатно предоцна. Партијата на власт цврсто е решена да го воведе еврото, а и Европската централна банка потврди дека Летонија е подготвена за воведување на заедничката валута. Премиерот Валдис Домбровски планира да го воведе еврото на 1. јануари 2014.

„Од практична страна латот е веќе поврзан со еврото, па се' што му се случува на еврото му се случи и на латот. Поради тоа нема причина да не пристапиме во еврозоната“, истакнува премиерот на Летонија.

Летонскиот печат на тврдоглавиот премиер му го даде прекарот „еуро-супермен“. Шефот на владата на воведувањето на еврото гледа сосема трезвено. Смета дека тоа ќе значи повеќе инвестиции кои дополнително ќе го потикнат развојот на летонската економија.