1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либан без претседател

Јерг Камински24 ноември 2007

По петтото одлагање на претседателските избори во Либан, земјата е исправена пред вакуум во владеењето. Претседателот на парламентот, Бери, го одложи изборот на нов претседател на земјата за една недела.

https://p.dw.com/p/CSjd
Лахуд и‘ ја предаде власта на армијатаФотографија: AP

Пратениците од власта и опозицијата кои требаше да изберат претседател на земјата беа донесени во парламентот во оклопни возила, преку празните забарикадирани улици на Бејрут. По кусо време, повторно на ист начин беа вратени дома или во високо обезбедуваниот хотел, во кој 40 пратеници се засолнија поради страв од напади. Изборот на претседател е повторно одложен, сега за една недела.

Со ваквата одлука на претседателот на парламентот Бери, на кампот на владата, кој важи за прозападен и на опозицијата, окаракатеризирана како про-сириска, треба да им се даде уште една шанса да најдат компромисен кандидат. Либанскиот експерт за политика, Тимор Гоксел, од Американскиот универзитет во Бејрут, се сомнева многу дека политичарите во рок од седум дена ќе го одврзат Гордиевиот јазол: “Секој овде има свои интереси. Никој не сака да попушти. Веќе не станува збор за конфесии, туку за сопствени интереси. Не можеме да очекуваме дека овие луѓе кои ја уништија земјата, сега ќе ја спасат. Не. И, сите имаат поддршка од странство. Единствено решение е странските сили да се обединат и да спроведат решение по нивна волја.“

Во Либан “политичка пресметка“ на други

Досега не успеа токму тоа. Од Бејрут разочарани се повлекуваат пред се‘ Французите, чии напори за посредување меѓу двете страни беа толку многу фалени. Според мислењето на многу политички стручњаци, на постигнувањето солгасност на власта и опозицијата околу идниот претседател може да се чека со месеци. Тоа е така и поради тоа што Либан се‘ повеќе станува место на судири со кои земјата практично нема ништо. САД на една страна и Иран и Сирија на друга страна овде го префрлаат нивниот конфликт, заедно со нивните либански сојузници. Од друга страна, јазот меѓу про и анти-сириските сили станува се‘ поголем по војната со Израел во 2006 година.

Власта во рацете на армијата

Емил Лахуд пред истекот на мандатот објави дека власта ја префрла во рацете на армијата, која треба да се грижи за безбедноста и стабилноста во земјата. Се додека не биде именуван негов наследник, Лахуд гледа опасност од избивање вонредна ситуација во Либан. Со тоа, од изутринава прв човек во земјата е шефот на генералштабот, Мајкл Сулејман. Ваквото решение на Лахуд, кое е уставно проблематично,. Веднаш беше ставено под знак прашалник од страна на прозападно ориентираната влада на Фуад Синиора. Тој изјави дека ќе остане на власт се‘ додека работите во државата не ги преземе нов претседател, избран од страна на парламентот. Сега многу нешта зависат од тоа како шефот на генераштабот ќе се однесува кон владата.