1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либералите сакаат да дојдат на власт во Германија

10 септември 2021

Шефот на Либералите, Кристијан Линднер, смета дека Ангела Меркел не се погрижила вистински за Авганистан. Во интервју за ДВ, за идната влада вели дека не смее да биде „мека“ кон Кина.

https://p.dw.com/p/401el
DW Interview BTW Christian Lindner
Фотографија: R. Oberhammer/DW

Според зборовите на Кристијан Линднер, шеф на Партијата на слободни демократи (Либерали), германската влада веќе подолго време не посветувала вистински внимание на конфликтот и луѓето во Авганистан. Носителот на листата на Либералите за парламентарните избори вели дека меѓу канцелариите на шефицата на владата и министерствата за надворешни работи и за одбрана не постоело доволно координација кога е на пример во прашање ангажманот на германската војска во Авганистан.

Линднер има предлог како тоа да се подобри: „Во иднина мора да создадеме поинакви структури во Германија. Уверен сум во потребата од постоење Сојузен совет за безбедност, во кој надворешнополитички ангажираните ресори институционално би се координирале, би разменувале информации на највисоко ниво.“

Линднер тврди дека германската канцеларка исто така грешела во политиката кон Авганистан. Наследувајќи ја мисијата од својот претходник Герхард Шредер, таа никогаш не ја претворила во своја тема. „Кога госпоѓа Меркел беше таму  последен пат?“ И навистина, Ангела Меркел последен пат го посети Авганистан пред осум години.

Сместување на луѓето во авганистанското соседство

ДВ постави прашање како Германија може да им помогне на луѓето во Авганистан, кои се изложени на притисокот на новата талибанска влада.

Според Линднер, треба да се разликуваат три групи луѓе – локални соработници, припадници на Бундесверот и соработници на хуманитарни организации. Германија сноси голема одговорност за тие луѓе, посебно за активистите на организации за заштита на човековите права, па би требало да се направи сѐ тие луѓе да се доведат во Германија, смета Линднер. Поради тоа треба да се разговара и со талибанците.

„Многу ми е жал што не ни успеа во последните месеци да организираме евакуација. Покрај тоа, сигурно има многу луѓе кои се сега во бегство, зашто се плашат оти нема да можат да живеат во слобода. Би требало многу брзо да се организира посебен самит на шефови и влади на ЕУ за да се дојде до заедничка политика кон Авганистан, со цел во непосредното соседство на Авганистан да се овозможи сместување за тие луѓе во достојни човечки услови“, вели шефот на Либералите, кои во последните години се воздржани кон приемот на бегалци во Германија.

Линднер додава дека за разлика од бегалскиот бран кон Европа од сириската граѓанска војна во 2015 година, сега луѓето треба да бидат поштедени од толку долго бегство.

Да не се настапува толку „меко“ кон Кина

Доколку стигне на власт, Линднер стреми кон промена на германскиот став кон Русија и Кина. Вели дека при посетата на Кина во 2019 година, свесно прво отишол во Хонгконг, што на властите во Пекинг не им се допаднало. Идната политика кон Кина, според него, би морала да биде „поодлучна и помалку мека во однос на она што го гледавме во последните години кај госпоѓа Меркел и нејзината влада“.

Линднер конкретно предлага да не се ратификува начелно постигнатиот инвестициски договор меѓу Кина и Европската унија. „Со држава како Народна Република Кина, која го крши меѓународното право, која не се придржува ни кон минимални стандарди кај човековите права, која во светската трговија настапува речиси империјално со дампинг, не може да се постапува како ситуацијата да е нормална“, вели тој за ДВ. 

Линднер: „Четири партнери без меѓусебна доверба“

Во поглед на санкциите кон Русија, воведени од ЕУ по анексијата на Крим, Линднер предлага тие да се концентрираат сѐ повеќе на поединци кои го поддржуваат „Путиновиот систем“.

Либералите сакаат на власт

Кристијан Линднер има 42 години и по професија е консултант за фирми. На чело на германските Либерали, како и на чело на нивната пратеника група во Бундестагот е од 2013 година. Тој во 2017 година водеше коалициски разговори со Демохристијаните и Зелените, ненадејно прекинувајќи ги, решавајќи неговата партија да замине во опозиција. Потоа ЦДУ/ЦСУ мораа да направат коалиција со Социјалдемократите. 

На Линднер му се припишува блискост со крупниот бизнис. Тој нагласува дека најрадо би влегол во коалиција со Демохристијаните. Но, моментно такво мнозинство е малку веројатно. Меѓутоа, Линднер има добри контакти и со Зелените и со Социјалдемократите. Се смета дека тој, во случај да дојде на власт, би имал амбиции да го преземе Министерството за финансии.