1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либискиот демократски експеримент почнува од нула

Надер Алзарас / Симе Недевски7 јули 2012

Демократија со породилни маки. Безредијата и повиците за бојкот го засенуваат изборот на уставотворно собрание во Либија. Очекувањата од денешните (07.07) први слободни избори во Либија и покрај тоа се огромни.

https://p.dw.com/p/15StS
Фотографија: DW

За диктаторот Моамер Гадафи партиите беа одбивна измислица на Западот. Кој се организира во партии врши предавство на земјата, поучуваше Гадафи во неговата „Зелена книга“. За време на неговото повеќе од 40-годишно владеење немаше ни парламент, ниту устав, а веќе и самата припадност на партија можеше да биде казнета со смрт.

Неполни девет месеци по соборување од власт и насилната смрт на „Револуционерниот водач“, Либијците се конфронтирани со целосно поинаква реалност. Повеќе од 3.800 кандидати, околу 140 партии и преку 370 листи им стојат на избор на Либијците на денешното гласње. Ова е историски ден. Земјата за првпат по речиси еден век доживува „вистински“ избори. За најголем дел од 2,8 милиони регистрирани гласачи ова е прво излегување на избори во животот.

Wahlen in Libyen - Exil-Libyer stimmen in Deutschland ab
Фотографија: picture alliance / dpa

Повеќето Либијци гласаат за првпат

Либискиот демократски експеримент практично почнува од нула и како долгорочен процес ќе се спроведува во етапи. Така, нема веднаш да биде избран парламент, туку најнапред уставотворно собрание. Неговите 200 членови треба да се договорат за формирање на експертска комисија која мора да изработи предлог устав, за кој потоа граѓаните ќе гласаат на референдум.

За пустинската земја богата со нафта, во која повеќето граѓани единствено го доживеале автократското владеење на бруталниот ексцентрик Гадафи, овие чекори се огромен предизвик. Соодветно тензична е и безбедносната состојба, зашто дури и по соборувањето на Гадафи избувнаа отворени конфликти, кои досега прикриено се водеа. Редовно доаѓа до борби меѓу ривалски групации, бунтовнички милиции и племиња, а згора на тоа, на истокот на земјата бројни сили повикуваат на бојкот на изборите.

Секогаш одново тешки судири

Bildergalerie Libyen vor den ersten demokratischen Wahlen
Фотографија: DW

Националниот преоден совет кој управува со земјата по крајот на граѓанската војна нема контрола врз безбедносната состојба на многу места. Секогаш одново од разни делови на земјата се јавува за тешки борби. Политички мотивираните напади, како оној врз автомобилот на британскиот амбасадор во Бенгази на 11 јуни зачестуваат. А оружје не недостасува.

Кој и да раководи со Либија во блиска иднина ќе застане пред огромни задачи. За премин кон демократски систем и решавање на бројните конфликти неопходна е „изградба на нов правосуден и безбедносен апарат“, пишува Волфрам Лахер, експерт за Либија во Фондацијата за наука и политика во една негова анализа.

За избирачите пак, е тешко уште при самото ориентирање меѓу повеќе од 2.600 независни и 1.200 кандидати од партиските листи, дотолку повеќе што земјата нема демократска изборна традиција .

Германскиот новинар Штефан Бухен кој известуваше од Либија уште за време на граѓанската војна, смета дека регионалното потекло на кандидатите во многу случаи ќе биде многу позначајно за изборната одлука на граѓаните отколку политичките програми. Многу од сегашните спорови околу составувањето на генералното уставотворно собрание повеќе се одигруваа меѓу „ривалските градови и региони“, а помалку меѓу партиите, истакнува Бухен.

Регионалното потекло како изборен критериум

Bildergalerie Libyen vor den ersten demokratischen Wahlen
Фотографија: DW

Но кој ќе победи, исламистичките сили? Тешко е да се каже, вели Бухен. „Ако изборите протечат без проблеми, за разлика од Тунис или пак Египет, во Генералното собрание нема да има јасно меѓусебно разграничени политички табори“. Сепак, Бухен не ја исклучува можноста исламски определените партии да поминат добро на изборите. „За време на диктатурата, многу Либијци наоѓаа спас во религијата. Тоа создава плодно тло за партиите кои се повикуваат на исламот како прва инстанца“. Кон нив се вбројуваат и Муслиманските браќа, кои во Либија настапуваат под името „Партија на правдата и обновата“. Меѓутоа, набљудувачите им даваат добри шанси и на некои полиберално ориентирани партии, како онаа на поранешниот претседател на преодната влада, Махмуд Џибрил, која според сопствените претстави се залага за модерна граѓанска правна држава во Либија.

Но поточни проценки не може да даде никој. Со оглед дека во пустинската диктатура на Гадафи повеќе од 40 години владееше ригидна забрана за партии и сите истражувања на јавното мислење и медиумите беа во служба на автократот, не може ни да се очекуваат доверливи изборни прогнози.