1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либиските власти тераат инает со Меѓународниот кривичен суд?

ЖА/дв/дпа/афп 10 јуни 2012

Четворица вработени на Меѓународниот кривичен суд од Ден Хаг од четвртокот (07.06) се во притвор во Либија.

https://p.dw.com/p/15BZs
Фотографија: AP/Zintan Media Center

Дали причината за притворот е притисокот за израчување на синот на Гадафи?

Соработниците на МКС сакаа да се сретнат со Саиф ал-Ислам Гадафи, притворениот син на соборениот и убиен либиски властодржец Моамер ал-Гадафи. Поради тоа, малата делегација на Меѓународниот кривичен суд во средата допатува во Либија. Но, по пристигнувањето, соработниците на МКС од непозната причина беа ставени во притвор.

Претходно, според либиската новинска агенција Солидарити прес, била уапсена австралиската адвокатка на синот на Гадафи, Мелинда Тејлор, која наводно имала кај себе документи кои претставуваат „опасност за безбедноста на Либија“, а кои сакала да му ги предаде на својот клиент.

Saif al-Islam Gaddafi Festnahme Libyen
Саиф ал-Ислам Гадафи по апсењетоФотографија: AP/Zintan Media Center

Претседателот на Меѓународниот кривичен суд Санг-Хуун Сонг побара итно ослободување на четворицата претставници на оваа институција.

„Многу сме загрижени за безбедноста на нашите соработници, со кои немаме никаков контакт“, изјави тој, потсетувајќи дека тие беа стигнати со официјален налог на судот и уживаат имунитет.

„Барам од либиските власти итно да преземат мерки за заштита и ослободување на нашите соработници“, изјави Сонг.

МКС се надева на скоро разјаснување на случајот во духот на досегашната меѓусебна соработка.

Либија и МКС со месеци спорат околу тоа каде Саиф ал-Ислам треба да биде изведен пред суд. Либиската привремена влада сака процес против синот на Гадафи во земјата и затоа одбива негово испорачување во Ден Хаг. 39-годишниот беше уапсен во ноември минатата година на границата кон Нигер. Неговиот татко еден месец претходно беше убиен од бунтовниците во Сирте при неговото апсење. На почетокот на април годинава Меѓународниот кривичен суд побара итно испорачување на синот на Гадафи во Ден Хаг. Тој е обвинет за воени злосторства и геноцид.