1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Либија е африкански „див запад“

Валери Штокер / Елизабета М. Фиданоска5 октомври 2013

Либија, две години по падот на Моамер ел-Гадафи, важи за „див запад“ на северна Африка. Радикални сили, од кои дел се блиски со Ал Каеда, особено има во либискиот дел на Сахара.

https://p.dw.com/p/19tic
Фотографија: DW/V. Stocker

Во зградата каде што е сместен кабинетот на градоначалникот на Исејен, времето се чини застанало. Од регистрацијата на избирачите за претстојните општински избори, во оскудно наместените канцеларии владее мир. Посетители привлекува само сателитската интернет врска. Во целиот регион, по револуцијата, речиси и нема јавни установи.

Но, тишината мами. Исејен, место кое се наоѓа југозападно од Гат, е последното место пред алжирската граница, преку која во Либија непречено влегуваат шверцерски банди и борци на Туарезите. Се шушка дека влегуваат и членови на „Ал Каеда во Исламски Магреб“. „Токму таму видов возила на Ал Каеда, но властите како и секогаш не сакаат да знаат ништо за тоа“, тврди Хасан Масафер, припадник на армиска единица во Убари, кој се наоѓа 400 километри во внатрешноста на земјата.

Sicherheitslage in Südlibyen Graffiti in Isseyen
Графити: „Маченички бригади Исејен“, е испишано на еден ѕид во ИсејенФотографија: DW/V. Stocker

Жителите на Исејен се скептични. „Неодамна повторно се слушаа гласини дека тешко вооружен конвој на Ал Каеда се движи во насока на север. Но, кога работата беше истражена, се утврди дека се работело за локални трупи за заштита на границата“, објаснува туристичкиот водич Абисини Аиса и додава: „Кога луѓето ќе видат забрадени Туарези, се плашат.“

За населението на југот на Либија не исламистите, туку криминалот и борбите меѓу бандите со дрога се најголемиот проблем. „Во пустината важи законот на посилниот, но во нашите места по правило е безбедно, зашто луѓето се знаат“, сметаат дел од жителите на Гат, градот каде живеат Туарези.

Тензична безбедносна состојба

Никој не оспорува дека безбедносната ситуација генерално е катастрофална и дека либиските власти немаат никаква контрола во пограничните региони. Градоначалникот на Гат, Мохамед Абделкадер, зборува отворено: „Границите се широко отворени! Влегуваат и излегуваат дрога и оружје, а армијата нема капацитет да ги фати шверцерите и екстремистите“.

Во Либија и онака нема армија во вообичаена смисла на зборот. Националните безбедносни сили, кои Гадафи ги држеше намерно слаби поради страв од воен пуч, по падот на долгогодишниот властодржец се се‘ уште во изградба. Тие не им се дораснати на предизвиците. „На граничните пунктови и за патролирање нема доволно војници. Генерално дури не се прегледуваат ниту пасошите“, вели градоначалникот Мохамед Абделкадер.

Sicherheitslage in Südlibyen Fremdenführer Abishini Aissa
Абисини Аиса во Гат, градот кој порано беше на рутата на пустинскиот туризам, а денес не го интересира речиси никогоФотографија: DW/V. Stocker

Освен тоа, државата нема доволно авторитет. И покрај новото лого, борците и натаму во прв ред се чувствуваат обврзани кон наредбите на непосредниот претпоставен и интересите на своето племе и својата заедница. Шефот на воениот совет на Мурзук, Барка Вардугу, оценува дека „начинот на којшто е составена армијата е погрешен“. „Наместо селективно вклучување во армијата, требаше наеднаш да се земат 12 илјади млади луѓе од цела Либија и да се испратат во Велика Британија, а потоа да се распоредат мешано ширум земјата. Само така се создаваат професионални воени сили“.

Според еден актуелен извештај на Високиот комесаријат на ОН за човекови права и мисијата на ОН во Либија, владата им препуштила на поранешните бунтовнички групи дури да раководат и со затвори, а притоа не ги обучила за тоа.

И Барка Варгуду е претставник не само на државата, туку ги застапува интересите и на своето племе Тубу. Припадниците на ова племе живеат главно во Чад и затоа од страна на мнозинството Либијци се гледаат како опасни дојденци. Самите често тврдат дека се предмет на голема дискриминација.

Вардугу со децении учествувал во бунтот во регионот Сахел, како што самиот вели, „секогаш на страна на потчинетите“. Во одреден период бил дури и водач на т.н. Армија за ослободуавње на Сахел во Нигер. Според него, владата во Триполи е чиста фарса, зашто сите конци во свои раце ги држеле радикалните сили од околината на Бенгази.

Sicherheitslage in Südlibyen Tubu Volksfest
Армијата се грижи за безбедноста на еден празник на припадниците на племето ТубуФотографија: DW/V. Stocker

Варгуду само што добил телефонско известување дека пристигнале трупи од север како зајакнување. „Повторно ни испраќаат исламисти“, вели тој. „Секогаш сакаат да веруваме дека го имаат под контрола граничниот регион кон Чад и Нигер, а ние сме единствените кои се грижат за одредена мера на ред и поредок и кои гонат шверцери со дрога. Но, при тешки услови во пустината, овие единици и онака нема да останат долго.“

Фрустрацијата на локалните функционери поради состојбата е видлива. Националните бебзедносни стратегии за кои радо се зборува во Триполи, за нив не се ништо повеќе од мастило на хартија.