1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лига на шампионите: победа на Шалке и скок до втората позиција

2 ноември 2005

Изненадување приреди ПСВ Ајндховен со победата над Милан. Олимпик (Л) и Реал Мадрид обезбедија учество во осминафиналето

https://p.dw.com/p/Aek7
Голгетерот на Шалке Кевин Курањи
Голгетерот на Шалке Кевин КурањиФотографија: AP

Шалке ја забележа првата победа во годинашнава фудбалска Лига на шампионите и веднаш си ги подобри изгледите за палсман во осминафиналето. Во Гелзенкирхен Шалке го победи турскиот тим Фенербахче со 2 спрема 0, со головите на Курањи во 32-та и на Санд во последните моменти од натпреварот. Тимот од Истанбул, предводен од германскиот тренер Кристоф Даум, натпреварот го заврши со само девет играчи на теренот, откако двајца беа исклучени – Лучано во 40-тата и Аурелиот во 55-тата минута.

Во рамките на истата, Е-група на Лигата на шампионите големо изненадување приреди холандскиот тим ПСВ Ајндховен со победата против фаворизираниот Милан со 1 спрема 0, со што го презеде водството на табелата со 7 бодови, Шалке и Милан имаат по 5, а Фенербахче 4.

Реал Мадрид и Олимпик Лион веќе сега го обезбедија учеството во осминафиналето како претставници на Ф-групата. Олимпик на гостувањето во Пиреја го совлада Олимпијакос со 4 спрема 1 и со стопроцентен ефект – 4 средби, 4 победи – е на првото место. Реал како гостин во норвешкиот град Трондхајм го совлада домашниот Розенборг со 2 спрема 0 и е на втората позиција со 9 бодови, веќе недостижен за Розенборг кој има три. Олимпијакос досега не освои ни бод.

Бранителот на титулата во Лигата на шампионите, англискиот тим Ливерпул немаше проблеми со повеќекратниот првак на Белгија Андерлехт и оствари победа од 3 спрема 0. Челзи потклекна на гостувањето во Севилја – поразен е од Бетис со 1 спрема 0. Така, сега Ливерпул го презеде водството на табелата во Г-групата со 10 бодови, Челзи има 7, а Бетис 6. Никакви шанси за пласман во осминафиналето нема Андерлехт, кој досега не освои ниеден бод.

Интер од Милано е на најдобар пат кон вториот круг на натпревари. Синоќа Интер го доби дуелот од Г-групата против Порто со 2 спрема 1. Гостите поведоа во првото полувреме, а пресвртот дојде во последните 15 минути, кога Интер ги постигна головите. Во Братислава гостите дури на два пати водеа, но на крајот сепак беше нерешено: Артмедиа – Глазгов Ренџерс 2 спрема 2. Интер има 9 бодови, Артмедиа и Глазгов Ренерс по 5, Порто 3.

Вечер се играат натпреварите од другите 4 групи на Лигата на шампионите. Во фокусот на вниманието е дуелот во Торино, каде Јувентус го пречекува Баерн од Минхен. Со победа Баерн би го обезбедил пласманот во осминафиналето. Во истата, А-група, Бриж во натпреварот со Рапид од Виена бара шанса да одржи чекор во борбата за втората позиција, што исто така води во вториот круг од Лигата на шампионите.

Во Б-групата водечкиот Арсенал ја пречекува последнопласираната Спарта од Прага со желба да го обезбеди учеството во осминафиналето. Клучен во борбата за втората позиција е натпреварот Тун – Ајакс.

Во Ц-групата Вердер во Бремен го чека тимот на Удинезе. Вердер е последен со само 1 бод и денеска мора безусловно да победи, инаку ќе се збогува од Лигата на шампионите. Водечката Барселона му е домаќин на Панатианикос.

Тотална неизвесност владее во Д-групата, каде последниот Лил, кој има два бода, го пречекува водечкиот Мачестер Јунајтед, кој досега собра пет бодови. Во Лисабон Бенфика, досега со салдо од 4 бодови, го пречекува Вилјареал кој има три.

Зоран Јордановски