1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лига на шампионите - 3. коло: реми на Баерн (М) во Лион, пораз на Интер во Москва

22 октомври 2003
https://p.dw.com/p/Aeog

Германскиот првак Баерн Минхен ја испушти можноста по речиси полни две години да забележи победа како гостин во средбите од фудбалската Лига на шампионите. Синоќа во Лион Баерн поведе во 25-тата минута преку Рој Макај, во вториот дел Санта Круз не реализира убава шанса за да го обезбеди успехот на својот тим. Домаќинот Олимпик, чиј напад го предводеше донеодамнешниот центарфор на Баерн, Бразилецот Џоване Елбер, во финишот изврши силен притисок. Тоа резултираше со израмнување во 88-та минута преку Лујиндула. Потоа голманот на Баерн Оливер Кан, во својот 100-ти настап во натпревар од европските фудбалски купови, со извонредна одбрана го спречи Елбер да направи и целосен пресврт. Ули Хенес, менаџер на Баерн, не беше незадоволен од исходот: "Јас дури и не се изнервирав, зашто севкупно прикажавме добра партија. Во последните 15 минути премногу им дозволивме на Французитеда ја преземат играта. Така непотребно се најдовме под притисок и го испуштивме од рака натпреварот што всушност веќе беше решен", рече Хенес. Баерн води во А-групата од Лигата на шампионите со 5 бодови. Белгискиот претставник Андерлехт, кој го совлада шкотскиот тим Селтик од Глазгов со 1 спрема 0, е на второто место со 4 бодови, колку што има и Олимпик. Селтик е последен со 1 бод. На 5-ти ноември Баерн во Минхен ќе го пречека Олимпик, а Селтик ќе му биде домаќин на Андерлехт.

Во Б-групата Интер од Милано доживеа фијаско во Москва - поразен е од Локомотива со 3 спрема 0! Во Киев домашниот Динамо го победи лондонски Арсенал со 2 спрема 1. Сега Интер и Динамо имаат по 6 бодови, Локомотива 4, а Арсенал само 1.

Шпанскиот тим Депортиво во Ла Коруња го победи францускиот претставник Монако со 1 спрема 0 и го симна од првото место во Ц-групата: сега Депортиво има 7, а Монако 6 бодови. Холандскиот тим ПСВ Ајндховен во Атина забележа победа против домашниот АЕК со 1 спрема 0 и ги освои првите три бода. АЕК има само 1. Јувентус во Торино немаше тешка работа во дуелот со шпанскиот Реал Сан Себастијан и по водството од 4 спрема 0 си дозволи мало опуштање, па на крајот забележа победа од 4 спрема 2. Јувентус суверено води во Д-групата со максимално можните 9 бодови. Реал Сан Себастијан има 6. Галатасарај во Истанбул ја совлада грчката екипа Олимпијакос од Пиреја со 1 спрема 0 и има три бода, а гостите од тој дуел и натаму се единствениот учесник во годинашнава Лига на шампионите кој е без освоен бод.

Денеска се играат средбите во преостанатите 4 групи. Вториот германски претставник Штутгарт го пречекува Панатинаикос од Атина во натпревар од Е-групата.