1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерите ликуваат, камповите заминуваат, бомбите стивнуваат

Катерина Блажевска15 јули 2015

Договорот не е повод за еуфорија, туку основа за дејствување, велат аналитичарите во своите првични оценки за постигнатиот договор меѓу лидерската четворка

https://p.dw.com/p/1Fyha
Фотографија: MIA

Еврокомесарот Јоханес Хан го пропушти полноќниот лет за Брисел, но неговата упорност даде резултати: по 12-часовни тешки маратонски разговори, македонската лидерска четворка не ја пропушти можноста за постигнување договор за излез од кризата. Предвремени избори на 24 април 2016 година; во септември враќање на опозицијата во Собранието; до 15-ти септември да се именува специјален јавен обвинител кој ќе отвори истрага околу предметот „Прислушување“, избран со согласност на четирите партии; сто дена пред изборите, односно од 15 јануари 2016 година да биде назначен нов премиер; СДСМ влегува во 5 министерства: опозицијата ќе ги предложи министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, а заменици-министри со право на вето ќе има во министерствата за финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација. Ова се основните точки на договорот кој околу 1 часот по полноќ беше постигнат на лидерската средба под медијаторство на еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европски пратеници Кукан, Ховит и Вајгл.

„Ова е извонреден ден за вашата земја. Постигнавме договор потпишан од лидерите на најголемите четири партии и задоволен сум од постигнатото. Вечерашниот договор ќе даде можност за натамошно продолжување на препораката за почеток на преговори“, нагласи Хан, потенцирајќи дека фокусот понатаму ќе биде на имплементација на препораките од извештајот на Прибе и на други препораки на ЕК. Тој најави дека следната недела во Брисел ќе се одржи состанок на Советот на ЕУ на кој ќе разговара за потребните реформи, дијалогот на високо ниво ќе продолжи во септември, а потоа ќе следи извештајот за напредокот на земјата. За постигнатиот договор Хан телефонски разговарал со помошникот државен секретар на САД, Викторија Нуланд.

„Ова беше потврдено и од нашите американски пријатели, но мора да се каже дека ова е европски договор и дека сите партии придонесоа за него“, рече Хан.

Победници и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ!

И политичките опоненти се задоволни од постигнатиот договор, но различно ги коментираат деталите во договорот. Она што Заев го нарекува „оставка на Груевски сто дена пред изборите“, Груевски го објаснува како „системско решение што ќе важи за сите наредни избори“.

Јас сум задоволен, рече на прес-конференција премиерот Груевски и им се заблагодари на сите кои помогнале да се постигне договор - на претставниците на ЕУ и САД, особено на комесарот Хан. Тој го обвини СДСМ дека правел максимални напори да пропадне договорот од 2 јуни. „ВМРО-ДПМНЕ преговараше самоуверено и не им остави ни најмал простор да избегаат од изборите. Како и секогаш досега, ние интересите на државата ги ставивме пред личните и партиските, знаејќи дека СДСМ ќе ја искористи секоја и најмала можност да избега од изборите, дека нивната цел е континуирана криза која ќе ја подрие нашата економија и дека тие само во атмосфера на дестабилизација ја гледаат својата шанса. Се согласивме, од 20-ти октомври па до изборите, СДСМ по претходна консултација со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да даде предлог за технички министер за внатрешни работи, што значи личност која на ниту еден начин не се поврзува со ниту една политичка партија. Како системско решение, отсега, 100 дена пред секои парламентарни избори Владата ќе се повлече и ќе се формира Влада за спроведување на изборите“, рече Груевски на ноќната прес-конференција и најави победа на изборите во април.

Со победнички тон се обрати и лдерот на СДСМ. Со денешниот договор се потврди се‘ што во континуитет, јас, СДСМ и опозициската коалиција го докажавме со проектот „Вистината за Македонија“ - дека Груевски и неговите најблиски соработници владеат на криминален начин и дека не победуваат, туку ги крадат изборните процеси, изјави Заев на прес-конференцијатa што се одржа околу 4 часот утрово.

„Тоа што го ветивме, го остваривме. Груевски ќе поднесе оставка и нема да ја предводи Владата што ќе ги организира изборите што ќе се одржат на 24 април“, рече Заев и им се заблагодари на претставниците на меѓународната заедница за вложените напори во преговарачкиот процес. На новинарско прашање дали е сигурен дека и овој договор нема да заврши како „мартовскиот“, Заев рече дека со оглед дека сега и СДСМ ќе учествува во Владата и дека постои гаранција и мониторинг од меѓународните учесници, не очекува овој пат некој да го изигра процесот. Тој најави дека во наредниот период работни групи од двете партии треба да ги договорат промените што треба да се случат во МРТ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, во Антикорупциска комисија и други. СДСМ нема повеќе да ги објавува прислушкуваните разговори, туку тоа што не е објавено ќе го предаде на новиот специјален јавен обвинител. На крајот Заев им се заблагодари на сите кои учествуваа во „Кампот на слободата“.

Kombibild Politiker Mazedonien

Падот на суетите

На Денот на падот на Бастиља паднаа и политичките суети и завршија партиските надмудрувања. Вака амбасадорот Ѓорги Мисајловски го коментира постигнатиот договорот, во кој гледа отворен процес за враќање на демократијата.

„Дали тој процес ќе се оствари, е прашање на нашата се‘ уште недоволна демократска култура. Власта, на настојчивоста на Брисел и Вашингтон за одржување предвремени избори гледаше формално, како на излез од кризата без суштински промени, а не како желба на меѓународната заедница за темелни реформи. Во тој контекст почна да го третира и извештајот на Прибе. Опозицијата има голем предизвик. Тоа што премиерот Груевски нема да ги спроведе предвремените избори не гарантира директно успех. Многу ќе зависи и од компетентноста на привремената влада. Останува потребата од покомплексен ангажман на опозицијата. Власта смета на зголемениот број вработувања и бенефиции на досегашните стандардни гласачки структури“, констатира Мисајловски.

Тој е уверен дека активностите на ЕУ и САД за реализација на постигнатиот Договор ќе продолжат, мониторингот ќе се зголеми и предвидените рокови не ќе можат да се игнорираат.

„Во спротивно политичката криза може да добие непосакувани сценарија. Куманово беше последна опомена. Брисел и Вашингтон нема тоа да го дозволат. Договорот не е повод за еуфорија, туку основа за дејствување“, заклучува Мисајловски.

Чувари на договорот

Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование, во постигнатиот договор гледа почетна точка за решавање на кризата и релаксирање на политичката ситуација.

„Без разлика како ќе се толкува овој договор во провладините кругови, тој практично значи поставување на контролни механизми, но и инструменти со извршна моќ за ограничување на власта на Груевски до изборите во април. Стеснувањето на просторот за манипулација со полицијата и државниот буџет, релаксирање на редовниот предизборен притисок на власта врз граѓаните, а особено врз јавната администрација, средување на избирачкиот список и фер-изборни услови за сите политички актери, се најважните резултати кои овој договор треба да ги оствари“, констатира Маричиќ.

Според него, рокот за преодната влада од 100 дена е прекраток за сериозни реформски потфати, но е доволен за ограничување на дел од моќта на сегашната номенклатура. Смета дека периодот до 15 јануари 2016 година, мора да се искористи за усвојување на сите законски и институционални мерки кои ќе значат овозможување слободни избори и враќање на институциите на нивното место, надвор од партиските стеги.

„Ресорите каде опозицијата ќе има министер или заменик министер со право на вето се најмоќните, а мора да бидат и најдинамичните во секојдневната практична борба против изигрување на постигнатиот договор. Најголемата опасност е ако премиерот Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не го спроведуваат договореното. Спроведувањето на овој договор е всушност негов најбитен елемент. Токму тука е најголема улогата на институциите на ЕУ кои ќе треба на дневна основа да настапуваат како 'чувари на договорот' заедно со претставниците на опозицијата кои ќе влезат во преодната влада. Ако овие фактори не бидат на висина на задачата, кризата може да избие повторно во полоша форма. Но, ако сите бидат на висина на задачата, Македонија ќе добие нова шанса да стане демократска, европска и уредена држава“, уверен е Маричиќ.