1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерката на АфД сака да го избрише правото на азил

Елизабет Шумахер
26 јануари 2017

Лидерот на деснопопулистичката партија АфД, Фрауке Петри, изјави дека правото на азил треба да биде избришано од германскиот Устав затоа што неговите автори го пишувале во поствоен контекст кој веќе не е релевантен.

https://p.dw.com/p/2WPkf
München Frauke Petry AfD
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Gebert

„Лицата кои се гонети поради политички причини ќе имаат право на азил“, гласи Членот 16 од германскиот Устав од 1949 година - кој многумина Германци го гледаат не само како темел на правото во земјата, туку и како водич против повторно враќање на диктатура.

Но сега, Фрауке Петри, лидерка на деснопопулистичката партија Алтернатива за Германија (АфД), изјави дека е време да се исклучи правото на азил од законските текстови. Ставовите на Петри беа претставени во интервјуто за германскиот весник „Ди Цајт“, каде таа беше повикана да ги спротивстави аргументите со лидерката на Зелените, Катрин Геринг-Екарт.

Петри за весникот изјави дека не верува оти законите донесени во 1940-те години треба да важат за бегалците од конфликтите на Блискиот Исток и Африка.

„Авторите на нашиот Устав имале на ум многу мала група на луѓе, во контекст на тоа кој треба да ја сноси одговорноста во поствоената Германија за злосторствата направени во Втората светска војна“. Поради тоа, правото на азил не треба да ја има истата тежина и за бегалците денес, смета Петри.

АФД си осигура место на германската политичка сцена со најотворено критичкиот став кон имиграцијата и азилот - барем за оние членови на партијата кои се во позиција да освојат мандат. Алтернатива за Германија (АФД) официјално ја прифати политиката „Исламот не припаѓа во Германија“ во нивниот партиски манифест.

Зелени: Начинот на кој живееме ги тера луѓето да се селат

Геринг-Екарт не се согласува со, според неа, тесното толкување на Уставот од страна на Фрауке Петри од АФД. Таа истакнува дека Германија е дел од основната причина поради која луѓето се принудени да бегаат.

„Голем дел од бегалските бранови кои пристигнаа во Германија се должат на начинот на кој живееме. Луѓето бегаат затоа што има поплави, затоа што нема вода каде што живеат, затоа што не можат да произведуваат храна поради тоа што мора да произведуваат соја за нашата месна индустрија“, изјави политичарката од Зелените.

Спротивно на АФД, Зелените веруваат дека имиграцијата, вклучувајќи ги и бегалците, е клуч за решавање на проблемите со популацијата на Германија која старее.