1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Литературата од Македонија во Лајпциг

18 март 2010

Лајпцишкиот саем ги отвора портите за вљубениците во литературата, и особено за оние кои се интересираат за творештвото од Југоисточна Европа. Меѓу 2.100 излагачи од 39 земји се претставува и Македонија.

https://p.dw.com/p/MUuU

И во времето на компјутери Германците остануваат лојални на најдобриот пријател на човекот - книгата. Само лани во Германија биле продадени 400 милиони книги што претставува два процента повеќе од претходната година. Или, поинаку пресметано, секој Германец лани одвоил по 110 евра за пишаниот збор, не сметајќи ги тука учебниците и стручната литература. Затоа и саемските манифестации и Лајпцишкиот саем се посебно популарни зашто тоа е прилика да се добие преглед на новото творештво од Источна и Југоисточна Европа, кое за германскиот читател се’ уште е неоткриено и провокативно. Како и лани во Лајпциг, здружението на Албанските издавачи на Македонија го претставуваат творештвото од земјата. Новина е што годинава има соработка со „Словокулт” - порталот за македонска литература на германски јазик. Најавеното присуство на македонската министерка за култура и писателот Луан Старова се откажани. Но и покрај тоа, како најави Елизабета Линднер, преведувач и организатор на „Словокулт“, во саемската програма се внесени повеќе литературни читања од кога и да било до сега.

Übersetzerin Elizabeta Lindner
„Словокулт“ и Елизабета Линднер ги презентираат најновите преводи на македонски авториФотографија: DW/ Silvera Padori

Презентации на македонски автори

Во текот на саемските денови ќе се оддржат четири манифестации поврзани со македонската литература. На една, со читање преведена поезија ќе се претстави порталот „Словокулт”. Специјален гостин ќе биде Игор Исаковски кој ќе чита своја поезија на македонски. Луан Старова нема да дојде, но преведувачот ќе чита делови од германскиот превод на романот „Ервехе, книга за една мајка”. Пред публиката ќе бидат претставени и германските преводи на расказите на Румена Бужаровска и на Влада Урошевиќ.

На саемот ќе има и презентација на англиски јазик на која ќе се читаат делови од преводот на романот „Пиреј” на Петре М. Андреевски. Публиката ќе чуе и преводи од Димитар Солев и дел од романот „Александар и смртта“ на Слободан Мицковиќ. Ваквите презентации на литературата на еден јазик, која е всушност слика за земјата нема сомнение дека е скапа работа за која Линднер забележува дека пари секако се потребни да се направат преводите, да се направи публикација. Годинава има и печатено издание на повеќе текстови од десет македонски автори. Порталот е добра работа, но кога нешто материјално ќе се држи в раце е друго и останува повеќе во сеќавање! „Словотека бр.1“ публикација која е издадена по повод саемот благодарение на поддршката од Албанските издавачи и делумно на Министерството за култура на Република Македонија.

Ein Buch in mazedonisch
Фотографија: DW

Во рамките на тематскиот дел на Лајпцишкиот саем насловен како „Мали јазици - големи литератури” ќе бидат прочитани делови од романот „Разговор со Спиноза” на Гоце Смилевски. Преводи на германски ќе презентираат и Бенјамин Лангер, Лидија Нагел и Петра Хубер.

„Четвртата манифестација која не е директно поврзана со литературно читање е дискусијата и презентацијата на германската литератира на македонски и албански јазик,” дополни Елизабета Линднер, според која белег на Лајпцишкиот саем ќе даде и македонската музика и настапот на групата „Баклава" на такаименуваната „Балканска ноќ”.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска