1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По половина век литургија на помирување во Белград

ДТЗ
19 мај 2022

Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан изрази надеж дека „деновиве ќе доживееме полна радост“ и дека ќе се оствари желбата на црквата за автокефалност

https://p.dw.com/p/4BVpl
Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Во храмот Свети Сава во Белград изутринава се одржа неколкучасовна литургија на помирување меѓу српската и македонската православна црква. По 55 години, СПЦ и МПЦ-ОА заедно одржаа служба, откако Српската православна црква најави дека со литургијата на помирувањето ќе се обнови литургиската и канонската заедница на двете сестрински цркви, согласно одлуката на Соборот на СПЦ, кој заседаваше пред неколку дена во Ниш. 

„Со одлуката на СПЦ да да се воспостави евхаристичко единство со сиот православен свет и со оваа архиерејска литургија на дело го покажавме заедништвото, дека сме заедно и едно во верата, со што го потврдивме единството меѓу нашите две цркви и со тоа единството со сите православни помесни цркви“, порача поглаварот на МПЦ-ОА, г.г Стефан. 

Тој се заблагодари на српските владици за разбирањето и што само неколку дена по одлуката на Вселенската патријаршија за признавање на МПЦ-ОА, во истиот дух донесоа одлука за воспоставување канонско единство меѓу двете цркви.

„Со овој денешен чин, со кој се потврди потребата за љубов и единство во црквата, е незаменлив лек со кој се залечува раната во црквата. Воспоставеното единство меѓу двете цркви, е настан за кој се радуваат и Свети Климент Охридски и Свети Сава“, вели г.г. Стефан, кој со неколкумина владици и црковни лица од земјата присуствуваше на литургијата во Белград. 

Serbien l Kirchen in Belgrad l Dom des Heiligen Sava
Заедничката литургија се одржа во храмот Свети Сава во БелградФотографија: Dragoslav Dedovic/DW

Поглаварот на македонската црква вели дека МПЦ-ОА, трудејќи се да го запази единството на духот, „ќе продолжи по патот што води и служи за мир и заемно наградување“, патот кој ќе ги оправда одлуките за единство и барањето за автокефален статус на македонската црква. „Ние непоколебливо веруваме дека деновиве ќе доживееме полна радост. Знаеме дека сте подготвени повеќедецениската тага да се претвори во постојана радост во Македонија“, вели поглаварот на македонската црква најавувајќи дека таа во наредниот период уште повеќе ќе расте.  Стефан се заблагодари на „братската љубов и за иницијативата да се сретнат поглаварите на двете цркви, со цел да разговараат и да дадат предлози за надминување на спорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ. 

Заздраве длабоката рана на раскол

Патријархот на Српската православна црква (СПЦ), Порфириј на литургијата за помирување со Македонската црква рече дека по 55 години заздраве длабоката и болна рана на раскол со таа црква и дека ова е голем ден и чудо на Бог. „Да се ​​радуваме и веселиме, браќа и сестри, зашто денес се радуваат небото и земјата, се радуваат сите светии, Свети Сава и сите кои се засадени во неговиот корен“, рече Порфириј во храмот Свети Сава во Белград каде служеше литургија на помирување заедно со архиепископот Охридски и Македонски Стефан и архиепископите на двете цркви.

-повеќе на темата: Цариград ја признава „Црквата од Охрид“ без името „македонска“

Српскиот патријархот истакна дека расколот со браќата од Северна Македонија траел 55 години и дека СПЦ секој ден чекала таа болна рана да зарасне. Тој вели дека во разговорите се договориле нивните постапки да бидат превртена пирамида. „Народот да биде на врвот, а ние на дното да служиме, да бидеме помали, а црквата и Христос во нас и меѓу нас да растат, да бидеме слуги на слугата“, изјави Порфириј.

Според најавите на македонските црковни лица до крајот на месецов се очекува сите православни цркви да го прифатат канонското единство на МПЦ-ОА и да биде потпишан томосот од цариградскиот и српскиот патријарх.