1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лицата на климатските протести

Тим Шауенберг
20 септември 2019

Поттикнати од „Петоци за иднината“ многу луѓе ширум светот неделава излегуваат на улица. Деца, работници, таксисти, инженери – сите протестираат за поголема заштита на климата. Кои се демонстрантите?

https://p.dw.com/p/3PwGi
Bildkombo, Bildkombination Global Climate Strike 20.09.2019

Од овој петок со протести почнуваат милиони луѓе во светот. Тие се дел од еднонеделниот глобален климатски штрајк – акција на протести иницирана од „Петоци за иднината“, на која се придружија луѓе од различни возрасти и професии. Демонстрантите сакаат да се стави крај на користење на фосилни горива и ги повикуваат владите да го спроведат Парискиот климатски договор.

И покрај тоа што глобалното затоплување има различни последици на различни региони, поборниците за заштита на климата насекаде бараат брзи и драстични мерки. ДВ зборуваше со дел од демонстрантите од различни земји – од Мексико до Филипини - за нивиниот порив, локалната ситуација, нивните стравови и желби.

Chantal Dette in Cape Town Südafrika
Фотографија: privat

Шеф на производство

„Соочени сме со “'Day-Zero' сценарио (Ден нула сценарио) кога ќе се исклучат славините “. (Шантал Дете, 44 години, Кејптаун, Јужна Африка)

„Најголема мотивација ми е тоа што мојата земја пред речиси една година страдаше од недостиг на вода и суша. Соочени сме со 'Day-Zero' сценарио кога ќе се исклучат славините. Луѓето во населбата Кејп Флатс (дел од Кејптаун) страдаат најмногу. Живеам во населба во која насилството и криминалот не се невообичаени. Ако дојде до овој ‘ден нула’, луѓето кои живеат во привилегирани населби ќе треба да копаат за вода на своите поседи, што е многу скапо, додека обесправените луѓе буквално ќе седат на суво, без капка вода во славините. Тоа е многу страшно за мене. Според мене, климатските промени не треба да се одвојуваат од социјалните теми. Бидејќи, во суштина, и тоа е социјално прашање. Станува збор за правда, за човекови права, за еднаков пристап до вода и за безбедна храна. Оваа тема влијае врз секој аспект на нашите животи.

Emilio Barco de la Rosa in Madrid
Фотографија: privat

Таксист

„Правам сѐ што е во моја моќ за да возам по еколошки стандарди“ (Емилио Барко де ла Роса, 29 години, Мадрид, Шпанија)

„Цел живот летно време со татко ми патувавме во многу земји. Бевме во Франција, Италија, Холандија, Луксембург, Белгија. Сакам да возам и да запознавам нови места. Како таксист решив да возам еколошки автомобил – хибрид со електричен погон и бензин. Ако сакаме одржлива економија, тогаш мора да ги понудиме алтернативите што постојат по прифатливи цени. Ги поттикнувам и компаниите кои сѐ уште произведуваат автомобили кои испуштаат висок степен на штетни издувни гасови, да бидат исто така одговорни како што се обидувам да бидам јас. Со уште неколку такстисти дури размислуваме да започнеме и една кампања. Сакаме една недела да возиме без пари, со цел луѓето кои не одат на протестиве да ги информираме за климатските промни. Сакам исто така да се смени имиџот на еден таксист."

Sherebanu Frosh in Delhi
Фотографија: privat

Експерт за осигурување

„Ние сме богати, но живееме во зачаурена егзистенција." (Шеребану Фрош, 42 години, Делхи, Индија)

„Знаете, ние сме богати луѓе, но за жал гледаме дека луѓето како мене продуцираат несразмерно ниво на штетни гасови од автомобилите, од кои страда останатиот дел од Индија. Најмногу ме вознемирува загадениот воздух, бидејќи имам мали деца кои го дишат. На локално ниво секој мора да се обидува да ги заштити своите шуми и дрва. Владата се заканува дека ќе продаде голем дел од шумите. Ние се трудиме да поттикнеме што повеќе родители да излезат на улица и да се борат за своите деца, но на крајот доаѓаат многу малку на протести. Имам чувство дека ни родителите не се свесни што треба да направат, што им е родителска должност и обврска. Но сега децата го прават тоа и е навистина брилијатно.“

Damaris Yarcia in Manila
Фотографија: privat

Економски советник

„Мора да се заземе став кога гледате дека животи се погодени од тоа“. (Дамарис Јарсиа, 43 години, Манила, Филипини)

„Кога би можела да бирам мерки кои веднаш би се примениле, тогаш би забранила употреба на пластика. Ѓубрето овде е навистина голем проблем, особено што голем дел од него завршува во океаните. Кога врне, ѓубрето го затнува канализацискиот систем. Мојата свесност за овие работи се смени кога пред неколку години бевме погодени од тајфун. Тоа беше силно невреме во кое имаше и загинати. Кога животи се погодени од тоа, мора да се заземе конкретен став. Кога гледате на телевизија како луѓе ги поклопува бран и потоа не испливуваа,т тогаш тоа е вистинска траума. Сето тоа ја менува вашата перцепција на темата и станува лично. За мене ова беше првпат да одам на протест. Ова е личен протест, еден вид лична изјава. За мене тоа не игра никаква улога, дали ќе дојдат многу луѓе, сѐ додека има луѓе кои сакаат да заземат конкретен став.“

Wessim Khiari in Tunis
Фотографија: privat

Лиферант на зеленчук

„Има многу овошје и зеленчук кои порано ги одгледувавме, а сега тоа веќе не е можно.“ (Весим Киари, 25 години, Тунис)

„Работам со земјоделци. Тие навистина страдаат. Некогаш се соочени со суша, другпат со поплави. Има многу видови овошје и зеленчук кои порано ги одгледувавме, а сега тоа веќе не е можно. Летата се подолги и потопли, зими речиси и да нема. Наместо да се одгледуваат домати пет месеци во годината, во последниве години можеме да собираме плодови само два месеца. Многу земјоделци не ја разбираат поврзаноста на нивните проблеми со загадувањето и климатските промени. Имаме голема индустрија која е главен загадувач. Дури и ако го промениме нашето однесување и ги убедиме луѓето да го сторат тоа, сепак нема да биде доволно. Мора да се дејствува на повисоко ниво. Деновиве избираме нов парламент и конгрес, и ова е клучниот момент да се преземе акција и да им се покаже на политичарите, дека ако не преземат мерки, може во иднина и да ги изгубат изборите. Само еден од 26 кандидати во кампањата зборуваше и за еколошки теми."

Eduardo Dominguez,  Tuxtla Gutiérrez Mexiko
Фотографија: privat

Припадник на обезбедување

„Има многу луѓе кои велат дека протестите нема да променат ништо." (Едуардо Домингес, 21 година, Тукстла Гутерез, Мексико).

„Климатските промени креираат сиромаштија. Има сѐ повеќе луѓе, а сѐ помалку намирници. Секоја година е сѐ потопло и сѐ поголем број видови се загрозени. И тука отпадот е голема тема. Улиците се преполни со ѓубре. На крајот тоа завршува во реките, а потоа и во морињата. Протестите овде сѐ уште немаат голема поддршка. Дел од луѓето чуле за климатските промени, но сѐ уште не се презема многу. Има многумина кои велат дека протести нема да променат ништо и дека секако на крај сите ќе умреме. Но јас лично сметам, кога ги гледам ‘Петоци за иднината’ дека протестите сепак ги менуваат нештата. Ако вложите напор и преземете акција, може да се случат промени, и покрај тоа што во случајов се против владата која има голем дел од одговорноста. Првпат протестиравме во јули годинава. Мојот главен мотив ми е шестгодишната внука. Сакам таа да има достоинствена иднина и исти шанси за живот како што имам јас.“