1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Исламистичка група одговорна за нападите во Шри Ланка?

СН/ агенции
22 април 2019

По серијата напади во Шри Ланка, бројот на жртвите се зголемува. Се вели дека разузнавачката служба претходно имала индиции оти може да дојде до напади. Владата за нападите обвини локална исламистичка група.

https://p.dw.com/p/3HDcq
Sri Lanka Colombo Militär nach Explosion vor St. Anthony's Kirche
Фотографија: Reuters/Stringer

Ситуацијата во Шри Ланка еден ден по терористичките напади и натаму е напрегната. Полицијата во главниот град Коломбо пронајде 87 детонатори за бомби на главната автобуска станица,

Полицијата прво пронајде само неколку детонатори, но набрзо потоа ги пронајде и останатите. Веднаш е започната истрага, а засега не е потврдено дали овој инцидент е поврзан со вчерашните крвави напади во Шри Ланка, во кои, според последните официјални информации, загинаа 290 луѓе, а над 500 се повредени. Меѓу загинатите има и државјани на САД, Британија, Индија, Кина и други земји. Освен тоа, во Коломбо денеска експлодираше бомба поставена во комбе додека експертите се обидувале да го деактивираат експлозивниот уред. Возилото се наоѓало во непосредна близина на црква која беше цел на нападите во неделата. Извештаи за загинати или повредени во експлозијата засега нема.

Sri Lanka Anschlag Terror Ostern
Фотографија: Reuters/A. Perawongmetha

Нападите се случија на католичкиот Велигден, и беа координирано изведени во цркви за време на велигденската богослужба, како и во луксузни хотели во кои престојуваат туристи.

Повеќе:

-Терористичките напади го разоткрија привидниот мир во Шри Ланка

-Кој стои зад нападите во Шри Ланка?

-Крвава велигденска недела: Напади врз цркви и хотели во Шри Ланка

Владиниот портпарол Раџита Сенаратне вели дека зад нападите стои локалната џихадистичка група „Нешнл Тохит Џамат“. Тој, меѓутоа, тврди оти не нападите не можеле да бидат извршени без помош од странство.

„Ние не веруване дека овие напади ги извршиле групи на луѓе кои биле ограничени на оваа земја. Постоела меѓународна мрежа без која овие напади не можеа да успеат“, изјави Сенаратне.

Владиниот тим на форензичари на Шри Ланка соопшти дека 7 бомбаши-самоубијци извеле 6 симултани напади на 3 цркви и 3 луксузни хотели во и околу Коломбо на Велигден.

A crime scene official inspects the site of a bomb blast inside a church in Negombo
Фотографија: Reuters/Stringer

Владиниот аналитичар Аријандо Велианго рече оти со анализа на делови од телата на напаѓачите е утврдено дека нападите во Шри Ланка ги извршиле бомбаши самоубици. Две лица биле вклучени во нападот на хотелот Шангри-Ла, по еден напаѓач на Синамон Гранд, Кингсбери и Сент Ентони Шрајн во Коломбо, на црквата Сент Себастијан во градот Негомбо и на црквата Зион во градот Батикало.

Два бомбашки напади неколку часа подоцна во една гостилница и оној во близината на надвозникот на излезот од Коломбо се' уште се под истрага. Осомничените напаѓачи детонирале експлозив во куќа во близина на експлозијата кај надвозникот при што загинаа тројца полицајци.

Предупредување од Стејт департментот

Американскиот Стејт департмент соопшти во ревидиран совет за своите граѓани дека „терористички групи“ и натаму планираат можни напади на Шри Ланка.

„Терористите можат да нападнат со мало или никакво предупредување“, се наведува во ревидираното предупредување, кое е објавено вчера, пренесе Ројтерс.

Во соопштението се наведува дека потенцијалните цели вклучуваат туристички локации, транспортни мрежи, трговски центри, хотели, религиски храмови, аеродроми и други јавни површини. Вкупно 24 лица се уапсени во врска со нападите, но ниту една група се' уште не презеде одговорност за бомбашките напади. Исто така, претседателот на земјата прогласи вонредна состојба, а полицијата со досегашната истрага утврди шеми на сите напади.