1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Локални избори, сепак, на 17 октомври

ДТЗ
27 јули 2021

Поклопувањето на пописот со кампањата за изборите нема да промени ништо, а можно е пописот и порано да заврши, вели премиерот Зоран Заев.

https://p.dw.com/p/3y8ft
Mazedonien Parteitag der Sozialdemokratischen Partei SDSM Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Локалните избори, сепак, ќе се одржат на 17 октомври. Премиерот Зоран Заев пресече околу можните комбинаторики и информираше дека нема да има промени на датумот кој е утврден во самиот Изборен законик, околу одржувањето на есенските избори. И покрај дилемите за поклопување на пописот со кампањата за локалните избори, сепак е утврдено дека датумот на одржување на изборите останува на 17 октомври. Според премиерот, можно е пописот да заврши и порано од крајниот рок.

„Имаше дилеми поради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но, на крајот се одлучи дека трите дена не менуваат ништо, пописот е активност којашто финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Пописот секогаш се спроведувал 20 дена, овојпат се определени 30 дена, и може навистина да се заврши порано. Има доволно време, нема потреба од какви било промени на датумот за изборите“, вели Заев.

-повеќе на темата: Жешкото лето вовед во пожешка изборна есен

Во однос на прагот на поднесување на независните листи, договорено е тој да изнесува два отсто од вкупниот број на избирачи. „Ако има општината 10 илјади избирачи треба 200 потписи за да се поднесе независна листа. Ако има 50 илјади избирачи треба илјада потписи да се поднесе независна листа“, вели Заев.

Преговорите се воделе повеќе од еден месец со учество на сите парламентарни политички партии, при што договорени се и денот за датумот на изборите, модалитетите за отворени или затворени листи, како и за сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, меѓу кои и препораката за унифицирање на прагот на неопходни потписи за поднесување на листите.

-повеќе на темата: Падна договор меѓу Заев и Ахмети за локалните избори

Во однос на можноста за коалиција со БЕСА, Заев вели дека со сите коалициски партнери ќе имаат некаков вид коалиција заради спецификата на локалните избори, но во вториот круг.

СДСМ претходно бараше согласност од партиите изборите да се закажат за 31 октомври, со цел да се избегне нивно поклопување со есенскиот попис. Опозицијата не го прифати ваквиот предлог и бараше изборите да се одржат на 17 октомври, како што налага Уставот. Алијанса за Албанците, исто така, се изјасни дека е за избори на 17 октомври.