1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Локални избори во Албанија

Ани Руци
29 јуни 2019

Утре во Албанија треба да се одржат локални избори. Во 61 општина се бираат нови градоначалници. Според ОБСЕ/ОДИХР, во 31 случаи кандидатите на владеачката Социјалистичка партија немаат противници.

https://p.dw.com/p/3LJs5
Albanien Parlamentswahlen
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Shkullaku

Локалните избори се сe’, само не плуралистички. Опозициската алијанса предводена од Демократската партија, членка на Сојузот на Европски народни партии, ги бојкотира изборите. Четири месеци претходно опозицијата ги врати своите мандати и со тоа ја напушти работата на Парламентот. Потоа опозициските партии со своите поддржувачи излегоа на улиците. На последните избори во 2015 година опозицијата освои 48% од гласовите. Поради тоа, во Албанија на овие избори се гледа како на гласање за или против владата на социјалистите. Пред се’ поради тоа што само во половина од местата има избор меѓу противкандидати.

Пратениците од опозицијата уште во февруари поднесоа оставки во парламентот и наместо тоа излегоа на протести на улица. Тие ја обвинуваат владата за корупција и изборна измама на парламентарните избори во 2017 година преку купување на гласови. Бараат оставка од премиерот Еди Рама и предвремени избори. Албанскиот премиер не прифаќа и ги отфрла обвиненијата.

Албанија, корупцијата и ЕУ

САД и ЕУ го критикуваат бојкотот на изборите, пред се’ поради повлекувањето од парламентот. Тие ја признаваат владата на Рама и изборите од 2017 година. Европската комисија смета дека одлуката на опозицијата е контрапродуктивна, особено во однос на спроведувањето на реформите за членство во ЕУ. Во многубројните апели ЕУ и САД ја предупредија опозицијата дека таквите постапки се закана за демократскиот систем.

Причина за парламентарниот бојкот беше објавувањето на серија снимки со прислушувани разговори од албанското јавно обвинителство, снимени пред парламентарните избори во 2017 година. На нив може да се слушнат политичари од Социјалистичката партија, за кои постојат сомневања дека сугерираат купување гласови и тоа со знаење на премиерот Рама. За опозицијата овие разговори се доказ, додека владата зборува само за индиции. Премиерот ја обвинува опозицијата за притисок и изнуда и сака да го тужи германскиот таблоид „Билд“ кој подоцна исто така објави вакви снимки.

Повеќе:

Албанија во демократска криза

Партијата на Рама со постапка за импичмент на Мета

На Албанија ѝ е потребен компромис

Уставниот поредок во опасност

Земјата во меѓувреме е во вистинска уставна криза. Пред се’ поради тоа што Уставниот суд веќе со месеци не функционира. Куриозитет е тоа што ова е резултат на ветингот за судии и обвинители воведен по препорака на ЕУ, за што Албанија беше особено пофалена. Тешко дека ќе следи олабавување на кризата, особено откако претседателот на државата Илир Мета на 27 јуни најави нов датум за избори во октомври, а претходно ги откажа изборите за оваа недела. Неговото објаснување гласи: националната безбедност и ред поради поларизацијата на општеството се доведени во опасност. Мета верува дека изборите во недела не може да се одржат во ваква ситуација.

Државна изборна комисија, највисоката судска инстанца кога станува збор за избори, го негира повикувајќи се на Уставот, според кој претседател не може ниту да менува ниту да поништува датум за избори. За владеачката Социјалистичка партија одлуката на претседателот е противуставна, а со тоа е и закана за уставниот поредок. Во меѓувреме парламентот покрена постапка за импичмент на првиот човек на државата.

Albanien PK Ilir Meta
Парламентот покрена постапка за импичмент на претседателот МетаФотографија: DW/A. Ruci

Страв од немири

Ситуацијата не е добра. Во четвртокот (27.06) едно изборно место е запалено и беа нападнати полицајци. Големи се стравувањата дека такви нешта ќе се случуваат и на други изборни места каде што во моментов се’ уште е на власт опозициската Демократска партија. Опозицијата сака да спречи учество на изборите и за таа цел разви „Стратегија за цивилна непослушност" и специјално ја свика „Граѓанската алијанса за одбрана на демократијата“. САД, ЕУ и ОБСЕ повеќепати апелираа за „мирни и слободни избори". Напорите, страните да се доведат до некое компромисно прифатливо решение, се безуспешни.

Albanien Berat | Unterstützer der Opposition verbrennen Wahlmaterialien
Запален изборен материјал во БератФотографија: Innenministerium Albanien

Коцката е фрлена

Alea iacta est – Коцката е фрлена. Оваа латинска поговорка во себе содржи очекување дека изборите ќе донесат и крај на кризата. Изборите ќе се одржат. И покрај големиот конфликтен потенцијал, има знаци кои укажуваат на тоа дека по 30 јуни ситуацијата може и да се релаксира. ЕУ и САД, кои и’ помагаат на Албанија во судските реформи, најавија дека Уставниот суд ќе профункционира многу скоро. Со ова пред се’ институционално ќе се решат спорови околу легитимитет што може да доведе до враќање на опозицијата во парламентот. Освен тоа, набљудувачите се надеваат дека кризата ќе биде сфатена и како сигнал до ЕУ да не прави отстапки во однос на демократските вредности во служба на стабилноста во регионот.