1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лондон стравува, Франкфурт се радува

Томас Колман/Ж.А.29 јуни 2016

Околу 350.000 луѓе се вработени во финансиската метропола на ЕУ - Лондон. По брегзитот дел од овие работни места може да бидат преместени во други членки на ЕУ. Во Франкфурт, кој би можел да профитира, веќе се радуваат.

https://p.dw.com/p/1JFSR
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Rain

Сеедно дали големите меѓународни банки во Лондон ги имаат подготвено продолженијата на работните договори или уште чекаат на тоа: пред разгалените банкари во финансискиот дистрикт Лондон Сити настапија тешки времиња по брегзитот. Ветрот сега постојано им дува в лице. На островот би можеле да бидат укинати преку 100.000 работни места во финансискиот сектор, мрачно сценарио според една студија на Прајсвотерхаус Куперс за импликациите во финансискиот сектор по излезот на Велика Британија од ЕУ.

Еден од најсилните аргументи за европскиот финансиски центар Лондон досега беше „паспортинг“, отстапка извојувана од Британците низ жилави преговори со ЕУ. Тој механизам на компаниите со седишта во Лондон им гарантира можност за деловно работење во сите земји од ЕУ, без отворање тамошни филијали и без придржување кон прописите на тие држави. Таа повластица ја има само Велика Британија, а ја користат првенствено швајцарски и американски банки, за од Лондон да ги продаваат своите финансиски услуги низ целата ЕУ. Предноста која ја имаат е можноста за придржување кон лабавите британски правила на финансискиот пазар, а не кон многу построгите закони кои владеат на стариот континент. Уште еден заводлив спореден ефект, пред се‘ од аспект на американските банки, беше тоа што на пример банките Голдман Сакс или ЏП Морган во Лондон можеа да ги заобиколат законите кои се посебно строги во Германија и Франција, а кои ги штитат вработените од отказ. Но, со брегзитот, оваа пракса е запрена.

London Broker Börse Börsencrash Brexit Referendum
Главоболки за банкарите во ЛондонФотографија: Reuters/R. Boyce

Паспортинг

„Кога наскоро Велика Британија нема да биде членка на заедничкиот европски пазар, тогаш ни ’Сити’- финансискиот центар на Лондон, нема да може да го задржи пасошот за влез на финансискиот пазар на ЕУ“, најави шефот на Централната банка на Франција и член на Советот на Европската централна банка Франоса Вилерој де Галау во разговор за „Франс интер“.

Никој сериозно не помислува дека за кратко време десетици илјади работни места од Лондон ќе бидат префрлени во Франкфурт, Париз или Даблин. Па сепак, Лондон, како „ЕУ-јазол“ за американската финансиска бранша или за големите швајцарски банки, нема да има веќе смисол по спроведувањето на брегзит. „Покрај тоа, финансиската политика на ЕУ, по излезот на Британците, ќе биде посилно центрирана и усмерена кон еврото“, смета Џонатан Хил.

Европскиот комесар за финансии, Британец кој по референдумот за брегзит поднесе оставка, во интервју за Фајненшл тајмс истакнува дека во иднина во сила ќе бидат строгите германски и француски закони за регулирање на финансиските пазари. За лондонската финансиска бранша не претстојат пријатни времиња, убеден е Џонатан Хил. И планираниот единствен европски финансиски пазар сега посилно ќе биде врзан за интересите на еврозоната, смета Хил.

Großbritannien - London - Canary Wharf
Фотографија: picture alliance / Photoshot

10.000 работни места од Лондон во Франкфурт?

„По излезот на Велика Британија од ЕУ, институциите на еврозоната веќе нема да толерираат голем дел од финансиските трансакции да се одива во странство“, нагласи неодамна Кристијан Нојер, бивш потпретседател на Европската централна банка. ЕЦБ веќе подолго време се обидува под свој надзор да го стави секоторот кој ги детерминира каматите и каматните стапки. Овој глобален сектор на финансискиот бизнис тежи 383 милјарди евра, проценува Банката за меѓународно финансиско порамнување, БИЗ, која е практично највисока инстанца односно централна банка на сите поединечни централни банки. Половина од тој бизнис се одвива преку еден огранок, односно филијала на Лондонската берза.

Франкфурт на Мајна би можел да профитира од изместувањата во овој сектор, дури и ако се земе во предвид планираната фузија на Германската со Лондонската берза. Неколку илјади работни места ќе бидат префрлени во Франкфурт, убеден е Хубертус Вет, раководител на интересната задруга Франкфурт Мајна Финанс, која со понуди на својата интернет страница настојува да ги придобие сите кои сакаат преселба. Вет вели дека во последните неколку месеци добил конкретни обраќања од меѓународни компании и претпријатија. Во рок од пет години на овој начин би можело од Лондон во Франкфурт да бидат префрлени од 1,5 до 2 проценти од работните места во финансискиот сектор, вели Вет: „А тоа би биле најмалку 10.000 работни места.“

За Џон Крајан, шефот на Дојче банк, Франкфурт би бил првата дестинација, првиот избор ако дојде до преселба на околу 8.000 работни места колку што оваа банка има во Лондон. „Ако веќе треба да се селиме, тогаш за нас во предвид доаѓа само Франкфурт.“ Меѓутоа, не е веројатно вака да размислуваат сите банки. Даблин со месеци се обидува да се профилира и позиционира кај американските финансиски концерни како финансиски центар за англиското говорно подрачје. Швајцарската банка Кредит Свис пред половина година својот бзинис со Хеџ фондовите го префрли во ирскиот главен град. Но, илјадници работни места на ова банка од финансиски причини се преместени во полскиот Вроцлав, кој на картата на меѓународни финансиски центри до овој момент постоеше претежно како темна дамка.