1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лондон утринава осамна во вонредна состојба

8 јули 2005

Додека полицијата и понатаму трага по можните извршители на нападите, Претпријатието за јавен сообраќај апелираше до сите граѓани по можност денеска да не одат на работа.

https://p.dw.com/p/AcE6
Сецна од Кингс крос, една од станиците на метрото што беше цел на бомбашките напади
Сецна од Кингс крос, една од станиците на метрото што беше цел на бомбашките нападиФотографија: AP

Многумина од нив впрочем ноќта ја минаа во оближните хотели, бидејќи не ни можеа да стигнат до своите домови поради тоталната парализа на метрото и автобускиот јавен превоз.

Јавниот сообраќај во повеќемилионската метропола доживеа потполн колапс по вчерашните бомбашки напади. Во центарот на градот не сообраќаа ниту автобусите, ниту пак подземната железница, со која инаку секојдневно се возат преку 3 милиона луѓе. По првиот шок и бесцелното талкање по улиците на градот, десетици илјади луѓе се упатија дури пешки кон своите домови, спремни да минат и неколку часа на нозе само да ја одбегнат хаотичната атмосфера во центарот на градот. Други, пак, кои тоа можеа финансиски да си го приуштат едноставно изнајмија хотелски соби и останаа во градот. Трети се обидоа да стигна до своите домови користејќи ги бродовите што редовно сообраќаат по реката Темза, така што на доковите се создадоа големи редици. Многубројни претпријатија ги пуштија вработените многу порано да заминат од работните места и им препорачаа денеска да останат дома.

Таков е и апелот на Јавното претпријатие, кое уште ноќеска издаде проглас со кој ги моли Лондончани да не одат денеска на работа, доколку е тоа воопшто можно за да се одбегне вистински сообраќањен хаос. Од вкупно 12 линии на метрото денеска нормално функционираат само 7, три погодени од бомбашките напади само делумно, а две се потполно исклучени. Наместо подземната железница Јавното претпријатие стави на располагање поголем број автобуси, но апелира до патниците на зголемена будност.

Мерките за безбедност се засилени низ целиот град, а полиција интензивно трага по можните сторители. За сега меѓутоа не се знае ни дали станувало збор за самоубиствени атентати или пак за поставени експлозивни направи. И околу бројот на жртвите нема дефинитивна јаснотија. Официјални извори тврдат дека има 37 загинати и 700 повредени, од кои 45 тешко. Но, австралискиот премиер Џон Хаурд изјави дека има 52 загинати, а дека меѓу повредените има и 7-мина австралиски граѓани.

Шефот на британската дипломатија Џек Стро уште вчера изјави оти се препознава потписот на Ал Каеда, а премиерот Тони Блер посочи само дека е јасно оти сторителите делуваат во името на исламот. „Но, најголемиот дел од муслиманите во Велика Британија се чесни луѓе, верни на уставниот предок на земјата, кои исто така се грозат од тероризмот како и ние„ – нагласи Тони Блер и додаде:

„Сакам уште еднаш да им го изразам најдлабокото сочувство на семејствата на жртвите и на сите оние кои на каков и да е начин страдаат поради нападите. Сакам да ги пофалам и спасувачките служби, кои вложија навистина вонредни напори. А исто така високо ја ценам флексибилноста на британскиот народ, кој одреагира на нему типичен начин.„

Денеска и Кралицата Елизабета Втора ќе ги посети повредените во бомбашките напади за да им даде поддршка да истрајат низ сите страдања.