1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лубанга доби 14 години затвор

ЕМФ/дв10 јули 2012

Меѓународниот кривичен суд го осуди поранешниот водач на бунтовниците во Конго Томас Лубанга на 14-годишна казна затвор. Лубанга во војната во Конго злоупотребил стотици деца како војници.

https://p.dw.com/p/15UhA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Педесет и едногодишниот Томас Лубанга не покажа ни знак на емоции при соопштувањето на пресудата во Ден Хаг. Судот го прогласи за виновен уште од март. Лубанга во војната во Конго во 2002 и 2003 година принудно регрутирал деца војници, на возраст под 15 години. Тој систематски планирал, раководел и ја спроведувал мисијата и користел дури и деца како свои телохранители, соопшти судот во март. За време на судскиот процес обвинителството опиша како милициите на Лубанга обучувале деца за војници, а млади девојчиња злоупотребувале како секс-робинки.

Должината на казната што ја определи судот е многу помала од она што го бараше обвинителството - триесет години затвор. Обвинителството наведе дека ќе се „задоволи“ и со 20 години затвор, доколку Лубанга „искрено им се извини“ на жртвите.

Лубанга беше пренесен во Ден Хаг во 2006 година, а процесот против него почна во 2009-тата. За време на судењето сведочеа повеќе од 60 сведоци на обвинителствoто и одбраната. Меѓу сведоците имаше и бивши деца војници. Сепак, обвинувањата за сексуална злоупотреба не беа докажани стопроцентно, оцени судот. Самиот Лубанга пак, се изјасни како невин.

Времето што тој веќе го помина зад решетки се пресметува во вкупната должина на казната. Тоа значи дека на Лубанга му остануваат уште осум години затвор. Ова е првпат во десетгодишното поsтоење на Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг да биде изречена казна.