1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лудата авантура на хеви-метал пензионерите

БГ
6 август 2018

Еден старечки дом во Германија викендов морал да ја алармира полицијата откако исчезнале двајца негови жители. Неколку часа подоцна полицијата ги пронашла пензионерите на фестивал на хеви-метал музика.

https://p.dw.com/p/32fkh
Wacken Open Air 2017
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Gateau

Двајца постари мажи избегале од својот старечки дом во петокот за да го проследат фестивалот на хеви-метал музика Вакен Опен Ер, соопшти полицијата. Старечкиот дом ја алармирал полицијата откако било утврдено дека ги нема во нивната соба.
Полицијата по неколкучасовна потрага ги пронашла двајцата љубители на хеви-метал на фестивалот кој се смета за најголем во светот. Портпаролка на полицијата изјави дека двајцата биле „дезориентирани и загубени“.
Двајцата одбивале да го напуштат фестивалот, па полицијата морала да ги испрати до нивниот дом со такси и со придружно полициско возило.
„Очигледно им се допаѓал хеви-метал фестивалот“, изјави портпаролката Мерле Нојфелд за локалните медиуми. „Старечкиот дом им организираше возило откако полицијата ги идентификуваше“. Полицијата не соопшти колку години имале сениорите- фанови на хеви-метал музиката. 

Deutschland Wacken Festival 2018
Во Вакен се одржува најголемиот хеви-метал фестивал во светотФотографија: ICS Festival GmbH

Распродадено

Инаку, 29-то издание на легендарниот хеви-метал фестивал е целосно распродаден. Четиридневниот музички хепенинг го следат околу 75 илјади луѓе. Годинава настапуваат Данциг, Џудас Прист, Хејтбрид, Ранинг вајлд и многу други познати групи.
Фестивалот кој се одржува во покраината Шлезвих Холштајн честопати е следен од поројни дождови и длабока кал, но годинава поради големите жештини организорите ги предупредуваат гостите од опасноста од пожари и ризик од прашина.
Полицијата ги пофали годинешните гости за добро однесување, со исклучок на неколку помали инциденти поради поседување дрога, ситни кражби и тепачки.