1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лузните на сириските бегалци

Моника Грибелер / Александар Методијев2 септември 2013

Војната во Сирија трауматизира голем број возрасни и деца. Страшните работи што ги доживеале им се враќаат во сонот. Многумина побараа прибежиште во Турција – и тоа со германска помош.

https://p.dw.com/p/19Zo6
Фотографија: DW/M. Griebeler

„Кога ќе помине некој авион на небото, мојот син се плаши. Ако види урнатини на телевизија почнува да плаче и да ја прегрнува мајка му. Често плаче“. Додека Мохамад го раскажува ова очите му се полнат со солзи. Пред осум месеци овој 47-годишен инженер побегнал со семејството од војната во Сирија. Тешко му е да ги опише страшните работи што ги доживеал. Се’ било премногу брутално, дури и за зрел маж како него.

Според наодите на УНХЦР, во меѓувреме од Сирија во странство побегнале речиси два милиони луѓе. Повеќе од половина од нив се деца. Тие побегнале од војната, но и натаму не се целосно слободни.

Крвави детски цртежи

Ако некој дојде во едно училиште за сириски деца ќе види цртежи на смрт и беда – жени кои плачат за своите мажи, тенкови и воени хеликоптери кои убиваат беспомошни луѓе. Цел хуп хартија е натопена во црна боја и крв.

Zeichnung kriegstraumatisierter Kinder aus Syrien
Еден од цртежите на сириските деца-бегалциФотографија: Sirin, Özer und Oppedal

Во 2012 година научници од Турција, САД и Норвешка замолиле деца во еден бегалски камп да нацртаат човек. Некои од децата самоиницијативно на цртежите додале крв, солзи и оружје.

„Сириските деца растат со чувство на недоверба, измама и страв“, пишуваат авторите на студијата Серап Озер и Селчук Сирин во „Њујорк тајмс“.

На ѕидовите во центарот за образование и средби „Кирикан“ нема траги од крв и солзи. Сликите кои децата ги нацртале покажуваат жени со шамии на глава, мажи со вратоврски, многу од нацртаните ликови се смеат и сите се во шарени бои. Децата на Мохамад овде посетуваат часови по сликарство. Притоа бојата не завршува секогаш само на хартијата, туку и на ѕидовите во центарот или, пак, на лицата на учесниците. Девојче со две нацртани срциња на лицето зрачи со среќа, а едно момче го нацртало сириското знаме на челото, носот и устата.

Децата можат да бидат силни

Петек Акман е психолог во тој центар. Претходно шест години работела за турската хуманитарна организација Црвена полумесечина, како и во бегалски кампови. Искуствата како што е војната се многу трауматични, вели таа, нагласувајќи дека тоа е така посебно ако децата го загубат чувството за безбедност.

„Тие слушаат бомби, гледаат како им се урива куќата и како умираат луѓето и често заклучуваат – ниту моите родители не можат да ме заштитат“, објаснува Акман и додава:

Bildergalerie Syrische Flüchtlinge
Децата преку цртежите ја намалуваат болкатаФотографија: DW/M. Griebeler

„Но, децата се отпорни. Тие често се многу поотпорни отколку што се возрасните“. Децата можат многу лесно да се вратат во својот вообичаен живот, бидејќи не се толку многу свесни за последиците од војната. „Децата се отворени за промени“. Но, притоа мораат да имаат поддршка од родителите.

Затоа во овој центар често се работи и со возрасните. За нив постојат можности за дополнително образование и учење на јазици. Така, Мохамад еднаш неделно оди на часови по англиски и турски јазик. Се одржуваат и фудбалски турнири, драмски претстави или заеднички седенки.

„Луѓето таму можат да научат многу работи, кои би можеле подоцна да им бидат од полза. А, делумно и да заборават што доживеале“, вели Ердем Вардар, претставник на Германскиот сојуз на народни универзитети во Турција. Оваа организација, заедно со други локални организации, го води Центарот за образование и средби.

На часовите до сега се пријавени повеќе од 200 луѓе, иако центарот е отворен во средината на август. Финансиските средства за работа до крајот на годинава се обезбедени од Германското сојузно министерство за развој и од организацијата за помош во катастрофи Диакони. Вардар вели дека „за образование или психолошка помош се ппотребни повеќе од четири или пет месеци“.

Мохамад објаснува дека некои од неговите соседи доживеале колапс, а децата од страв им станале хистерични. Меѓутоа, тој сака да биде силен. За својот син, за својата ќерка, но и за самиот себе!