1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лустрација или кулминација на одмаздата?

Катерина Блажевска28 мај 2013

Во Македонија се игнорира мислењето на Венециската комисија на Советот на Европа, дека одмаздата не смее да биде поважна од демократијата.

https://p.dw.com/p/18fCP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Неуставната и незаконска инструментализација на лустрацијата се ближи кон својата кулминација во форма на политичка одмазда. Ова е оценката на дел правни и експери за човекови права, по вчерашната одлука на Комисијата за верификација на фактите, (Комисија за лустрација) за лустрирање на бивши функционери од позиција на наредбодавачи, меѓу кои е и поранешниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски.

Гордана Силјановска-Давкова, професорка на Правниот факултет на УКИМ, вели дека „Комисијата за лустрација треба да апстинира, односно да се воздржи од одлучување, пред да биде донесена одлуката на Уставниот суд за законот". Но, јавната расправа што минатата недела ја организираше Уставниот суд покажа длабока поделеност на експертска јавност за законот - едните зборуваа за правни аргументи, другите за партиско-идеолошки. Јавноста се сомнева дека таму ќе надвладее правната аргументација, со оглед дека персоналниот состав во Уставниот суд во последниве години е прилагоден на политичките потреби на власта. И Стејт департментот во својот последен извештај нотира дека дел од новите судии во Уставниот суд се во директни роднински или индиректни врски со раководни лица во владејачката партија или дека ги немаат потребните кфалификации, а лустрацијата е посочена како средство за пресметка со неистомислениците.

„Владата ја користи лустрацијата како средство за напад врз политичките противници и поранешни нелојални членови. Во јуни парламентот усвои нов закон за лустрација кој содржеше бројни елементи од претходните закони кои два пати паднаа како неуставни во Уставниот суд. Дел од случаите кои беа објавени, открија дека мнозинството од идентификуваните како лустрирани, всушност, биле жртви на комунистичката тајна полиција, а не полициски доушници", се вели во извештајот на Стејт Департментот.

USA Wikileaks Außenministerium in Washington Gebäude
Фотографија: AP

Поддршка од Eвропарламентот

Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, во колумна под наслов „Гласните 'експерти' одеднаш замолкнаа" пишува: „Три работи се значајни за кои Европскиот парламент дава јасна поддршка: прво, јавното објавување на имињата, второ, продолжување на временската рамка во Законот до 2006 година и трето, повик за дополнително зајакнување на мандатот на Kомисијата што ја спроведува лустрацијата".

Жарко Трајаноски, експерт за човекови права, кој го анализира процесот на лустрацијата од аспект на кршење на тие права, прашува: „А зошто не се почитува препораката на Европарламентот да се лустрира персоналот на сегашните тајни служби? И зошто не се почитува препораката на Европарламентот да се префрлат сите документи од тајните служби во просториите на Комисијата на трајна основа?"

Надлежните институции немаат одговор на овие прашања нема. Трајаноски потсетува дека нема одговор и за прашањата што произлегуваат од мислењето на Венециската комисија во Советот на Европа, дадено за македонскиот закон.

„Зошто не почитува мислењето на Венециската комисија дека 'политичките, идеолошките и партиските причини не треба да се користат како основа за лустрација, бидејќи стигматизацијата на политичките противници не е прифатливо средство на политичка борба во држава во која владее правото'? Зошто се лустрираат само поранешни функционери, кога Уставниот суд веќе утврди дека тоа нема смисла, освен ако повторно станат кандидати или носители на јавни функции? Зошто не се почитува ставот дека 'името на лустрирано лице може да се објави само по донесувањето на правосилна судска одлука'? Зошто не се почитува укажувањето дека 'неприсуството на засегнатото лице во постапката пред Комисијата е спротивно на неговите права на одбрана'?"

Stasi-Unterlagen-Behörde
Фотографија: Getty Images

Посебно прашање заслужува и случајот со поранешниот министер за внатрешни работи, ако се има предвид дека тој еднаш успешно ја поминал лустрациската проверка како претседателски кандидат.

Авторите на законот - државна тајна?

Професори од Правниот факултет подолго време прашуваат кои се експертите - автори на новиот закон за лустрација, кои во него ги вметнале истите членови кои два пати веќе паднаа на Уставен суд. Но, обидот да се добие одговор на ова прашање наликува на невозможна мисија. Членот на Комисијата за лустрација, Чедомир Дамјановски кој вчера единствен гласаше против незаконското лустрирање на бивши функционери, вели:

„Никој не знае кои се автори на законот. Тоа стана државна тајна. Но кои и да се, сигурно се дилетанти. Ваков башибозук од закон, без почитување на презумпција на невиност и со толку неуставни одредби, досега не сме виделе".

Symbolbild Justitia Justizia
Фотографија: picture-alliance/dpa

И претседателот на Комисијата, Томе Аџиев, не знае чиј е авторскиот потпис на законот.

„Не ми е познато кои се автори. Парламентот го донесе, ние го применуваме", вели тој.

Стамен Филипов, еден од подносителите на иницијативата за оценување на уставноста на законот, вели дека сите прашања и дилеми за лустрацијата се решени со претходните одлуки на Уставниот суд.

„Ги следам законите во Македонија уште од 1993 година и можам да кажам дека ова е најцрниот закон што е донесен и ќе предизвика многу голема штета за Република Македонија, но сега тоа никој не го гледа“, вели Филипов.

Во мислењето на Венециската комисија на Советот на Европа, доставено по барање на Уставниот суд на Македонија, се потенцира дека одмаздата не смее да биде поважна од демократијата. Според ВК, во македонскиот случај, со закон кој е донесен 21 година по падот на едноумието, кој треба да остане во сила 10 години по изборот на Комисијата за лустрација и да покрива период од 1944 до 2006 година, мора да постојат исклучителни историско-политички причини за закана врз демократскиот поредок за да се прифати толку долг лустрациски период. Има ли Македонија такви причини? Според Илија Димовски - има.

„По сите овие дебати, препораки, мислења за лустрацијата, се' повеќе и повеќе сме сигурни дека нејзиниот правец е исправен. Ако немаме сила да расчистиме со причините за најголемите порази на државата, тие повторно, некогаш, во нова форма, ќе се појават. А тоа не е одговорно", констатира тој.

Дали е во право, можно е побрзо да покаже судот на времето, отколку надлежниот суд.