1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мадуро насекаде околу себе гледа пучисти

Јан Валтер / З. Јордановски20 мај 2016

Претседателот на Венецуела си даде вонредни овластувања за да спречи наводна закана од пуч. Притоа, опозицијата се бори со легални средства, а уставот го крши самиот Мадуро.

https://p.dw.com/p/1IqfK
Фотографија: Getty Images/AFP/F.Parra

Според уставот има две можности за смена на претседателот на Венецуела: со решение на парламентот може траењето на мандатот да му се скрати од шест на четири години, со што на крајот на годинава би можел да се избира нов претседател. Но, за такво решение на парламентарната опозиција ѝ недостигаат токму двата пратеника, кои беа суспендирани од Уставниот суд поради наводни неправилности за време на последните парламентарни избори.

Вториот пат е преку референдум. Опозицијата сега го следи тој пат за да го отфрли актуелниот претседател на државата Николас Мадуро. Илјадници луѓе за тоа постојано демонстрираат на улиците. Беа собрани 1,8 милиони потписи, иако за свикување референдум беа доволни само 196.000. Со месеци расте незадоволството против владата. Венецуела во моментов има највисока стапка на инфлација во светот. Владее недостиг од основни прехранбени средства и лекови.

Владата сепак одбива да го организира бараниот референдум, оти во тоа гледа обид за пуч. Со исто образложение претседателот Мадуро си дава сѐ подалекусежни овластувања. Минатиот петок тој ја продолжи за натамошни два месеца во јануари годинава прогласената кризна состојба во економијата и воведе една поподробно недефинирана вонредна состојба.

Пред два дена генералниот секретар на Организацијата на американските држави го предупреди Мадуро да не стане „уште еден мал диктатор“, какви што имаше многу во Латинска Америка. Но, таква критика по традиција „Социјалистичката партија за единство на Венецуела“ отфрла како мешање во внатрешните работи.

Обезвластен парламент

Парламентот, во кој доминира опозицијата, во меѓувреме ја отфрли новововедената вонредна состојба. Но, последниот збор, како и за многу други прашања, го има Уставниот суд, кој ѝ е верен на владата. „Од 2004. година Уставниот суд донесе десетици илјади одлуки, но ниту еден единствен пат не пресуди против владата“, констатира на почетокот на месецов Иан Васкез, раководител на Центарот за глобална слобода и благосостојба при институтот Кејто во Вашингтон.

Во таквото постапување има систем. „Мадуро го обезвластува парламентот откако е јасно дека опозицијата ќе оствари мнозинство“, вели Клаудија Цила, раководителка на Истражувачката група Америка од фондацијата Наука и политика од Берлин. Така, тој на неколку дена пред изборите му го одзема овластувањето на парламентот да го именува претседателот на централната банка, кој има пресудно влијание врз распределбата на строго контролираните девизи.

Nicolas Maduro
Николас Мадуро сѐ уште ги има институциите на своја страна, но до кога?Фотографија: Getty Images/AFP/A.Burton

Нема средства ни за основни потреби

Недостигот од долари ѝ создава големи проблеми на државата. Венецуела имаше тешкотии да ги отплатува долговите кон странство и истовремено да ги увезува вообичаените количества на стоки уште пред паѓањето на цената на нафтата. Сега нема доволно основни прехранбени средства како брашно и млеко, недостигаат и вода и струја. Поради недостиг од лекови, во една од земјите со најголеми резерви од нафта во светот луѓе умираат од болести кои инаку лесно се лекуваат.

Владата постојано за состојбите ги обвинува економската војна од страна на буржоазијата и северноамериканскиот империјализам, но тешко дека има некој кој ѝ верува. Па сепак, никој не се осмелува да прогнозира дали и како би можело да заврши владеењето на Мадуро. Оти, владата се служи со сите средства, не само на политичко и бирократско ниво. Според извештаи на Хјуман рајтс воч (ХРВ) и на домашната организација за човекови права Провеа, милиции и армиски единици постојано навлегуваат во сиромашните квартови, наводно поради борба против криминални банди. Но, организациите за човекови права тоа го оценуваат како примена на груба сила против владините противници. Само лани во такви операции, според ХРВ, биле убиени 245 луѓе.

Enrique Capriles Venezuela Caracas
Опозициониот лидер Енрике Каприлјас го презентира барањето за референдумФотографија: picture-alliance/dpa/M.Gutierrez

Отпор од редовите на војската

Иако опозициониот сојуз МУД не успеа да се пробие со своите барања, Мадуро е спорен и во сопствените редови. Негов најмоќен противник во партијата е некогашниот претседател на парламентот и офицер Диоздадо Кабело. Тој постави на министерски функции повеќемина офицери со висок ранг, кои му се првенствено нему верни. Клаудија Цила оценува: „Досега се исплатеше сплотеноста. Но, ако тоа значи и да се оди во пропаст, тогаш офицерите ќе калкулират и со раскин“.

Реџи Томпсон, аналитичар за Латинска Америка во политичкиот институт Стратфор од Тексас (САД), е подиректен: „Непрекинатите протести создааат егзистенцијален ризик за владеачката партија. Отстранување на Мадуро од функцијата би можел да биде еден од патиштата за свртување на бесот на јавноста од себе“.

Но, во моментов владата игра на факторот време. За неа дури би можело да биде прифатливо да се одолговлече одржувањето на референдумот до април 2018. Во таков случај некој потпретседател, кој може да биде именуван во кое било време, би можел да ги врши работите до наредните регуларни избори. Ако пак референдумот би требало да се одржи пред тој рок, тогаш веднаш би имало нови избори. И, што потоа?

Поделби во опозицијата

Опозициониот сојуз МУД отсекогаш беше заедница само со цел за смена на Социјалистичката партија од власта. Во МУД се здружени Зелени и социјалдемократи со либерални и со конзервативни сили и од зад работ на демократскиот спектар. Во 2012. година тие одвај се усогласија околу Енрике Каприлјас како противкандидат на Хуго Чавез на изборите. Најсилен конкурент на Каприлјас е Леополдо Лопез, кој од 2014. година е в затвор. Германскиот експерт Клаудија Цила смета дека е тоa дури и добро: „За венецуеланската демократија е дури и добро ако има повеќе од еден кандидат од редовите на опозицијата“. Кандидатот на социјалистите и онака ќе нема никаква реална шанса.