1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мака со европските јазици

Кристоф Хазелбах/ Ристо Ѓорѓиев17 ноември 2013

Европската унија е многу горда на својата јазична разноликост. Но во исто време признава дека Европејците се доста мрзливи кога станува збор за учење странски јазици.

https://p.dw.com/p/19rlL
Фотографија: Fotolia/djama

Секој Европеец покрај својот мајчин јазик би требало да зборува уште два јазика. Така барем гласи официјалниот став на ЕУ, зад кој стојат и претседатели на влади и земјите членки на унијата. Но, оваа цел е очигледно преамбициозна. Според едно истражување направено од ЕУ, само една половина од граѓаните владеат еден странски јазик. Тестовите спроведени меѓу четиринаесетгодишните ученици покажале дека само 42% од младите навистина владеат еден странски јазик.

Ја славиме различноста

Тоа е просекот. Во реалноста, разликите помеѓу поединечните членки се огромни. На листата земји со најголем процент на граѓани кои владеат еден странски јазик е Луксембург, каде 99% од граѓаните течно владеат еден странски јазик.

Следуваат Малта и Шведска, каде преку 80% од граѓаните владеат еден странски јазик (претежно англиски). На дното на табелата се Франција и Британија. Во Франција само 14% од граѓаните владеат англиски. На спротивната страна од каналот, ситуцијата е исто толку лоша, па така само 7% од популацијата го владее францускиот јазик.

Притоа ЕУ е навистина горда на својата културна разноликост, чија главна карактеристика е фактот што сите дваесет и четири службени јазици во ЕУ се третирани рамноправно.

Dolmetschen bei der Europäischen Kommission
Преведување во Европската комисијаФотографија: DW

„Ние во ЕУ имаме 24 официјални јазици, и повеќе од 60 регионални јазични малцинства. Ние сакаме да ја славиме таа разновидност. Но, во исто време сакаме да ги охрабриме и младите и старите да посветат што е можно повеќе време на учење јазици“, вели Денис Ебот, портпаролот на европската Комесарка за култура Андруле Василиу. Советот на Европа исто така ја поздравува јазичната разноликост, која „може да придонесе за подобро разбирање помеѓу различните култури“.

Училиштето не е најдобро место за учење на јазик

На овој постулат се држат и од Европскиот центар за странски јазици од Грац, кој ги подржува членките на Советот на Европа при образовни проекти за учење странски јазици. Шеф на оваа установа е Полјакот Валдемар Мартинјук. Овој лингвист, покрај германскиот, ги владее и рускиот, шведскиот, англискиот, францускиот, а од неодамна и македонскиот јазик. Притоа неговата љубов кон јазици почнала не баш идилично. Во основното училиште наставата на германски јазик била вистинско мачење за учениците. Инаку, Мартинјук не е воодушевен кога зборува за училиштата како за места каде се учи јазик.

„Училиштата не се секогаш најдобар посредник помеѓу различните јазици. Учењето на јазик би требало само по себе да биде забавен и интересен процес. Јазиците обично стануваат досадни кога ќе се станат класичен наставен предмет“, вели Мартинјук.

Забава и задоволство

Портпаролот Ебот, кој е Британец, како претставник на ЕУ секако говори и француски, но и помалку полски, германски, грчки, па и велшки. Велшки е покрај каталонскиот и окситанскиот еден од малцинските јазици. Но, не само малцинските туку и поголемите јазици во последно време мака мачат со влијанието на англискиот. Во ЕУ секако сите официјални документи се преведуваат на сите официјални јазици, но во секојдневната употреба англискиот е на прво место.

Symbolbild Wörterbuch OED Oxford English Dictionary
Во секојдневието англискиот е еден од најупотребуваните јазициФотографија: picture alliance/dpa

Но, и покрај тоа и Ебот, а и Мартинјук се сигурни дека малцинските јазици ќе опстанат, па дури и дека ќе добијат на важност.

„На пазарот на трудот се почесто не се истакнува потребата да се зборува англиски, тоа се подразбира. Но, затоа се бараат малцински јазици за специфични потреби“, вели Мартинјук. Ебот, пак, додава: „Шпанска компанија која сака да продава во Германија не може да се служи само со англиски“.

Но, и двајцата нагласуваат дека јазиците не треба да се сфатат само во контекс на пазарот на трудот. Учењето на јазици треба да биде забавно и интересно, само така Европејците ќе научат да ги зборуваат јазиците на своите соседи.