1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија базичен дел на Карнеги извештајот!

Силвера Падори-Кленке22 јули 2013

Во Карнеги извештајот за Балканските војни, централно место има делот за Македонија и движењето за нејзината независност. Карнеги комисијата имала амбициозни планови, вели за ДВ историчарот од Сорбона, Надин Ланге-Акхунд

https://p.dw.com/p/198sC
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Пред 100 години, на 21 јули 1913 членовите на Карнеги Фондацијата од Њу Јорк одлучиле да испратат своја комисија на Балканот која ќе ја истражи вистината за масакрите од Балканските војни, а причините и последиците од нив, ќе ги образложи во свој извештај кој треба да стаса до меѓународната јавност. Идејата била Комисијата да има меѓународен карактер и во неа да членуваат 10 до 12 претставници од САД, Велика Британија, Франција, Русија, Германија, Австро-Унгарија. Со оглед што Балканот и за Американците претставувал своевидна „лабораторија на историски искуства“, Карнеги Фондацијата од 20 август до 28 септември 1913 година испратила своја експедиција на Балканот. Според Надин Ланге-Акхунд, доктор по историја и балканолог во истражувачкиот центар на Универзитетот Сорбона во Париз и на Колумбија Универзитетот, Мисијата го изгубила саканиот меѓународниот карактер, зашто поради разни причини многумина од првично планираните членови го откажале патувањето. Патот од Виена, преку Белград, Солун, Атина до Софија и назад до Париз, истражувањата на потегот Битола – Охрид и подготвувањето на извештајот - паднале на товар на само четворица членови: Жустин Годар - адвокат и пратеник од Франција, д-р.Хенри Брајлсфорд - новинар од Велика Британија, Павел Милјуков - член на руската Дума и д-р.Семјуел Дутон - професор на Колумбија Универзитетот од САД.
„Извештајот на 400 страници бил објавен во мај 1914. Имал 7 поглавја , а во четири од нив широко се дискутирало за македонското прашање. Македонија била вистинска тема, а не само фактографски спомнувана. Новинарот Хенри Брајлсфорд во второто поглавје од Извештајот детално го објаснил македонското национално движење со комплетната генеза, потеклото и развојот на ТМОРО со што сакал да покаже дека не станува збор за пробугарска организација, како што во тоа време се говорело, туку за движење кое се борело за независноста на Македонија. Извештајот, меѓутоа, не дал одговор ниту решение на македонското прашање, но ја осудил војната и масакрите врз цивилното население“, објаснува за ДВ Надин Ланге-Акхунд. Таа подвлекува дека Карнеги извештајот бил широко критикуван заради неговите отворени пробугарски позиции што е комплетно вистина, но и зашто Милјуков и Брајлсфорд го одбрале бугарскиот агол.

Амбициозен проект што бил заборавен

Иако Карнеги извештајот бил адресиран до меѓународната јавност реакциите на него биле различни, умерени и човек би кажал - млаки. Особено кога е во прашање Македонија.
„Точно е дека Извештајот немал никакво влијание врз македонското прашање, зашто експедицијата на Балканот се случила паралелно со Букурешкиот договор. Како што е познато, со Букурешкиот мир, Македонија била поделена, распарчана. За несреќа, поради Првата светска војна, извештајот бил целосно заборавен. И посебно бил изолиран зашто се залагал против војувањето и го промовирал мирот“, подвлекува Надин Ланге-Акхунд според која иако Извештајот не бил објавен практично до деведесеттите години од 20 век, широко бил користен од историчарите. Не бил особено експониран, но е исклучително значаен зашто станува збор за документ во кој за првпат во историјата се покренало прашањето за одговорноста во војните. Кој давал наредби, со која цел, кој сносел одговорност за масакрите врз цивилното население. Иако извештајот бил прелиминарен, останал во формата во која првично бил составен. А, оние кои го составиле сакале уште да дискутираат за темите кои биле начнати. Поточно, целта била да се осудат војните и да се покаже дека Балканот бил жртва на европските одлуки на големите држави, дека луѓето од Баланот биле игнорирани и вистински не учествувале во донесувањето на одлуките кои се однесувале на нив - почнувајќи од Берлинскиот, па се' до Букурешкиот договор. Замисла била Комисијата да има улога на адвокат и застапник при што се инсистирало на транспарентност во политиката и во одлучувањето.
Од истражувањата кои ги извршила Надин Ланге-Акхунд, неспорно е дека членовите на Карнеги комисијата во 1914 година, пред објавувањето на Извештајот имале повеќе средби. „На нив разговарале за геополитичките визии за Балканот, но и за евентуалната ревизија на Берлинскиот и Букурешкиот договор кои би резултирале со одредени промени во регионот и создавање вид федерација на Балканскиот полуостров. Покрај политичкиот аспект, се разговарало и за практични мерки кои требало да го обезбедат прогресот на регионот и тоа преку испраќање експерти кои би придонесле за подобрување на инфраструктурата. Извештајот во мај 1914 година бил објавен на француски и англиски јазик“, кажува Надин Ланге-Акхунд. Два месеца подоцна, започнала Првата светска војна и Карнеги извештајот заминал во историјата.

Рефлексиите од Илинден

Надин Ланге-Акхунд долги години се занимава со Балканот и посебно со македонското прашање. Дали гледа поврзаност меѓу распарчувањето на Македонија во 1913 година и сегашните проблеми кои ги има земјата со соседите: оспорувањето на името од страна на Грција и негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија?
„Не, не мислам дека сето ова е тесно поврзано. Тоа би било премногу далеку! Мојот докторат го работев токму за македонското прашање во периодот на 1900 година, од аспект на документите во француските и австриските архиви. Посебно акцентот го имав ставено на Илинденското востание и оригиналното создавање на ТМОРО. Илинден не го сметам за неуспех, зашто резултат на Илинденското востание беше токму Мирцштегската спогодба, а таа според мене е прва меѓународна интервенција од нов вид. Затоа и испраќањето на Карнеги комисијата десет години по Илинден на Балканот, како да го следеше минатото. Тоа се убави паралели од секој аспект. Мирцштегската спогодба место војна го отвори дијалогот на меѓународно помирување. И Карнеги извештајот го осудува војувањето, а како алтернатива го зема новиот тип меѓународна интервенција“, образложува Надин Ланге-Акхунд. Колку за потсетување, Мирцштегските реформи кои на Османлиското царство му ги наметнаа големите сили и се однесуваа на Солунскиот, Битолскиот и Косовскиот вилает, делумно биле спроведени од 1904 до 1909 година. Тие биле одговор на Илинденското востание.
Ако се има предвид дека пред 100 години територијата на Македонија била без пардон поделена, а сега иако веќе 23 години земјата е независна се’ уште има проблеми со соседите, прашуваме: ќе опстане ли Македонија - како Македонија?
„Се надевам! Најискрено се надевам! Земјата постои, тоа е факт! Што се однесува до спорот со Грција околу името, ќе се најде начин и проблемот ќе се реши. Ако требаше Македонија да исчезне, тоа до сега веќе ќе се случеше“, коментира за ДВ Надин Ланге-Акхунд, доктор по историја на париска Сорбона и на американскиот Колумбија Универзитет.

Der Carnegie Bericht
Карнеги комисијата освен извештај, имала амбиции да направи ревизија и на Берлинскиот и Букурешкиот договорФотографија: DW/S. Padori-Klenke
Balkan Krieg 1912 Belagerung Adrianopel Bulgarien Truppe
Во Балканските војни историјата за првпат гледа пример на отворено страдање на цивилното населениеФотографија: picture-alliance / akg-images