1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија бара преговори за името

БГ/макфакс11 јули 2013

Македонија бара да се интензивираат разговорите по покровителство на ОН за спорот за името, а статус-кво состојбата со интеграцијата е неодржлива, оценил амбасадорот Јолевски во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/195zS
Фотографија: Petr Stojanovski

Амбасадорот Зоран Јолевски во Конгресот на САД ноќта кон четвртокот говореше пред членовите на Парламентарното собрание на НАТО и во своето обраќање ги информираше дека Република Македонија е искрено посветена на изнаоѓање на заемно прифатливо  решение за разликите околу името, со кое ќе се зачувуваат националниот идентитет и достоинство. Македонија ќе продолжи конструктивно да учествува во овие разговори, како што секогаш и правела.

Натаму тој информираше дека амбасадорот Метју Нимиц, специјален пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации, на 7-ми април на двете страни им презентирал предлог. Неколку дена потоа медијаторот е информиран дека македонската страна е подготвена за средба на која ќе се разговара за предлогот. За жал, поминати се три месеца од тогаш, сe‘ уште не постои одговор од другата страна. Воедно Јолевски информираше и дека премиерот Груевски пред две седмици испрати писмо до премиерот Самарас со предлог за состанок на преговарачките тимови на двете земји, предводени од страна на премиерите, а со посредство на Нимиц. Во своето обраќање амбасадорот Јолевски се осврна на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од декември 2011. година и истакна дека Македонија очекува Грција да ја почитува пресудата на Судот и да не го блокира консензусот Македонија да го добие заслуженото место во НАТО и во ЕУ.

„Состојбата на статус-кво е неодржлива за Република Македонија. Таа е неодржлива и за Европа. Интеграцијата на мојата земја во НАТО ќе има позитивно влијание не само во мојата земја и нејзините граѓани, туку за целиот регион на Југоисточна Европа, вклучувајќи го и нашиот сосед Грција“, истакна амбасадорот Јолевски.