1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија без стратегија за интеграција на странците

8 февруари 2012

Во Македонија најголем проблем за странците се пречките со јазикот, здравството, образованието и нерегулираниот престој. Освен гостопримството се друго како да стои во место.

https://p.dw.com/p/13z2v
Фотографија: AP

Околу илјада и деветстотини странци најчесто дипломати, волонтери и претставници на одредени компании во мигов живеат во Македонија. Најголем дел сами, а има и такви кои  дошле со семејствата. Најчесто странците доѓаат поради школување, вработување или брак. Статистиката потврдува дека најбројни се странците на возраст од над дваесет години и претежно се од соседните земји. Истражувањето на коалицијата на младински организации „Сега “ покажа дека најмногу странци – шестотини и три има во Скопје,а следуваат: Тетово, Куманово и Охрид.

„Македонија е без стратегија за интеграција на странците “, признава Ана Жежоска од невладината „Сега “:

„Првиот проблем со кој се соочуваат странците во Македонија е јазичната бариера. Странците не знаат каде да се обратат и се жалат на слабата комуникација со  административците кои работат во институциите на системот. Проблем им е регулирањето на привременото или постојано место на живеење“.

Искуствата на странците од горчливи до исклучително позитивни

Елиз Намир е Французинка. Има само деветнаесет години и една година е во Скопје. Завршила средно и додека размислувала каде натаму, решила како волонтер да дојде во Македонија.

„Имав другарка од Македонија, контактирав со неа и ми кажуваше дека е многу поинаку од Европа, од Запад, од Италија, Шпанија, Франција... Ми рече дека ќе видам многу интересни нешта овде. Дојдов и работам на проекти сврзани со интеграцијата на Ромите во општеството. Тука на Балканот и Македонија има многу Роми“.

Ana Zezoska
Ана ЖежоскаФотографија: Milco Jovanoski

Приказната на Муса Теккојун директор на колеџот „Јахја Кемал “ во Струга е малку поинаква. Тој четири години е во Македонија прво во Скопје, а подоцна  се преселил во Охрид, заедно е со сопругата и дванаесет годишната ќерка.

„Чекав три месеци за да добијам работна виза. Нашиот генерален директор ги контролираше сите преземања. Процедурата беше слична како и за останатите мои колеги и не можам да речам дека се соочив со некои големи проблеми. Доколку сам си ги средував документите за престој сигурно ќе минеше далеку подолго време. Македонскиот не го знаев и го учев преку курс. И сега го имам совладано доволно, ама за официјален контакт сепак потребен ми е преведувач“.

Бројни се примерите и горчливите искуства  кога странски државјанки кои се омажиле во Македонија и родиле деца, дури по пет години можеле да заминат во родните земји, не можеле  ниту да работат легално, ниту да остварат здравствено осигурување. Странците признаваат дека со денови шетаат од шалтер до шалтер додека се снајдат за да завршат некоја банална работа.

„Луѓето, културата, како тие живеат и мислат. На почетокот тоа ми беше многу тешко и чудно да го разберам. Не можев  да одам каде што сакам и да го правам тоа што го сакав. Не го знаев јазикот“, признава Елиз.

Препораките наскoро пред Советот на Европа и Европската комисија

Истражувањето за социјалната интеграција на странците покажа дека тие малку се запознаени со своите права и обврски, не знаат каде да се обратат и долго чекаат за да го регулираат својот престој. Македонија, едноставно нема сервисен имиграционен центар кој што ќе ги насочи и едуцира странците. На граничните премини нема едукативни флаери, ниту посебна интернет страница, а граѓаните не се доволно информирани, ниту заинтересирани да ги упатат или да им помогнат.

Dossierbild 1 Deutschland Integration Symbolbild Integrationsgipfel
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Треба да се подобри интеркултурниот дијалог, за странците да можат да се вклопат во општеството. Да се  скратат административните процедури, да се регулира пазарот на труд и да се преземат најразлични мерки за да се регулира работењето на странците во Македонија, нивното политичко учество и слично“, заклучува Ана Жежоска. Проектот се спроведуваше во седум земји, а препораките наскоро ќе се најдат пред Советот на Европа и Европската комисија во Брисел.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Борис Георгиевски