1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Интересот за вакцинирање наближува до 100 илјади граѓани

БГ
18 февруари 2021

Бројката на заинтересирани граѓани за вакцинирање во Северна Македонија полека расте. Вакцинацијата започна со здравствените работници, а од почетокот на следниот месец треба да се прошири и на сите граѓани.

https://p.dw.com/p/3pXPX
Nordmazedonien Skopje | Coronavirus | Erste Impfung
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Речиси 56 илјади граѓани преку интернет-страницата Vakcinacija.mk и нешто помалку од 30 илјади преку своите матични лекари досега се пријавиле за вакцинација против Ковид-19 во Северна Македонија. Голем дел од пријавените, или вкупно 38 илјади лица, се над 70 години и припаѓаат во најризичната група на граѓани загрозени од коронавирусот.

Вакцинацијата во земјата започна вчера (17.02), а прва доза добија 202 здравствени работници кои работеле или работат со Ковид пациенти во Скопје. Од следната недела ќе се вакцинираат и здравствените работници во внатрешноста на земјата. Во текот на следната недела се очекува да пристигнат и преостанатите количини од ветените 8.000 дози од соседна Србија, а до крајот на истата и 200.000 купени вакцини од Кина.

Според Националниот план за имунизација, по вакцинирањето на здравствените работници, во првата група треба да бидат опфатени и вработените во лаборатории за тестирање и дијагностика, како и сите граѓани над 70 години. Во втората фаза ќе се вакцинираат: лица постари од 65 години, лица од 18 до 64 години, со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест. Во оваа група се и фармацевтите, стоматолозите, вработени во полиција, војска, парламент, Влада, новинари и сл. Во третата фаза ќе се вакцинираат сите граѓани кои сакаат да примаат вакцина на возраст од 18 до 64 години.