1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија во Букурешт во 2008-та ќе добие покана за прием“

Нада Штајнман19 декември 2007

Во интервјуто за Дојче Веле Улрих Клепман, раководител на фондацијата Конрад Аденауер во Скопје, извлекува биланс на престојот во Македонија пред крајот на мандатот, но се освртнува и на политичка ситуација во земјата.

https://p.dw.com/p/CdhJ
Улрих Клепман, раководител на бирото на фондацијата Конрад Аденауер во СкопјеФотографија: Konrad-Adenauer-Stiftung e.V.

Господине Клепман, наскоро си заминувате од Македонија, каде го водевте бирото на Фондацијата Конрад Аденауер. Што по Ваша проценка беше најважното што се случи во Македонија за време на Вашиот престој во изминативе три и пол години?


Клепман: Мислам дека најважното во овие три и пол години за Македонија и нејзините граѓани беше доделувањето на статусот кандидат за прием во ЕУ. Преку тоа се‘ се измени, се‘ се насочи кон интеграцијата во ЕУ. Дојде до измена на законите, реформите добија нов поттик, но се роди и нова надеж кај граѓаните дека и тие еден ден ќе станат полноправни членови на ЕУ. При тоа јас сето време повторувам: па вие веќе сте во Европа, вие веќе сте Европејци. Но, луѓето овде најчесто го поврзуваат тоа со членството во ЕУ и сметаат дека треба да станат исто што и луѓето во Брисел.
Очекувањата на граѓаните, но и на ЕУ сепак не беа исполнети. Македонија за жал во последниот извештај за напредок на Европската комисија доби лоши оценки. Од друга страна со новиот реформски договор на ЕУ сепак на земјите од Западниот Балкан им се дава шанса. Каква е вистинската ситуација и каква е реалната европска перспектива на Македонија? Мора да се прави разлика меѓу две работи. Извештајот за напредокот го изготвува делегацијата на ЕУ во Македонија, него го добија на разгледување и амбасадите на земјите членки на Унијата и тие исто така дадоа свое мислење. При тоа има луѓе кои сметаат дека извештајот е апсолутно исправен и се придржуваат потполно до него. Но, има и такви како мене, кои некои делови од извештајот поинаку би ги формулирале.
Во секој случај Македонија во извештајот доби добри оценки на економски план и лоши на полето на реформите. Тоа имаше и подлога во реалноста. Но, она што многумина си го посакуваа, вклучувајќи ја и влада, па и делегацијата на ЕУ, имено датум за почеток на преговори со ЕУ, тоа го немаше. Сакам да нагласам дека во тој поглед извештајот ни не можеше да биде поповолен, дури и да беше подобра ситуацијата во Македонија. Во тој период датум за почеток на преговори Македонија не можеше да добие. Што се однесува до втората тема што ја спомнавте, Договорот од Лисабон беше нужен за подоцнежното проширување. При тоа не смееме да заборавиме дека Франција самата си има пропишано да распише референдум за прием на сите натамошни земји што ќе дојдат на ред по Хрватска. Колку е тоа тешко можете и самите да процените. Сметам дека во моментов во Франција нема да добиеме мнозинство гласови на граѓаните за ниту една нова членка, иако првобитно таа клаузула беше донесена за да се спречи членство на Турција во ЕУ. Од друга страна, сметам дека Франција нема да остане на истата позиција, на пример поради традиционалното пријателство со Србија. Експерти и дипломати од ЕУ сметаат дека Македонија уште добро поминала во последниот извештај или дека Европската комисија не била доволно строга кон Македонија. Набљудувачите од странство не ги превидоа немилите настани со кавгата во парламентот, непостоењето политички дијалог меѓу власта и опозицијата, како и проблемите на линија премиер – претседател на државата. Како ги доживеавте Вие овие настани од непосредна близина? За мене тоа беше многу чудно. Ги гледав фотографиите на политичарите во македонските весници како разговараат или како се караат, но во секој случај како комуницираат. Во Скопје имав прилика да ги видам и сите лидери на партиите како седат на иста маса. И покрај сето тоа владееше мислењето дека има недостаток на политички дијалог. Тогаш се прашував: како ли се дефинира тој политички дијалог? Дали е тоа кога владата мора да го прави она што опозицијата и‘ го налага или е тоа кога двете страни едноставно разговараат? Значи, политичари кои разговараат видов многу и често, дури и во времето кога една од партиите го бојкотираше Парламентот. За споредба ќе го спомнам примерот на Белгија, членка на ЕУ, каде мандатарот за составување нова влада го врати мандатот по скоро 180 дена од именувањето затоа што немало доволен политички дијалог меѓу двете големи етнички групи во земјата. Во Македонија има легитимна влада, таа се расправа со опозицијата, но и исто така нејзини политичари разговараат на вечера со оние од опозицијата. А некои сепак тврдат дека не постои политички дијалог. Тоа не го разбирам! Како и да е, другите држави веќе се во Европа, а Македонија допрва посакува да влезе во ЕУ и во НАТО. Затоа би требала да ги исполнува условите што и‘ се поставуваат. Во последно време се засилува и спорот околу името, се зборува за можно вето на Грција за членството на Македонија во Алијансата. Можно ли е, според Ваше мислење, тој спор да ја остави Македонија пред вратите на НАТО и ЕУ? Прво, Вие имате право, Македонија мора да заврши уште многу од задачите, не се довршени сите реформи. Постои мислење дека на помалите земји им е полесно да ги спроведат неопходните реформи, но во Македонија не се гледа дека ги активирала сите резерви и потенцијали во таа насока.

При тоа сакам да нагласам дека НАТО нема оддел за проширување, како што го има ЕУ. Затоа Алијансата мора да ги собира неопходните информации во таа насока од други извори, на пример преку помали НАТО претставништва или штабови. Но, таа главно се ориентира според информациите што ги добива преку ЕУ – тоа го знам од лично искуство, бидејќи работев во НАТО. Тоа значи дека извештаите на ЕУ за напредокот на некоја земја се користат како база и за оценките на НАТО.

Со ова не сакам да кажам дека Македонија нема да стане членка на ЕУ или НАТО. Напротив, сметам дека Македонија наредната година во Букурешт ќе добие покана за прием, бидејќи треба да и‘ се признаат и вложените напори. Тука сакам да ги спомнам посебно државите како САД, кои се среќни што македонските војници ги поддржуваат нивните мисии во странство. Има меѓутоа и други размислувања во Алијансата, кои се залагаат за прием на Македонија, бидејќи таа се наоѓа во регион што за НАТО е важен, посебно поради Косово. Мислам дека тука треба да се води сметка за стабилизирачката функција на Македонија во регионот. Што се однесува конкретно до спорот околу името, јас би бил повоздржан. Како Германец секако имам поинакво мислење и тоа не е толку емотивно набиено, како што е тоа кај Грците и Македонците. Од моја гледна точка многу што е неразбирливо, оти на пример има регион во Белгија што се нарекува Луксембург, а има и посебна држава со истото име, но двете земји не се караат поради тоа. Уверен сум дека Грција нема да вложи вето и дека билатералните проблеми нема да се пренесат на меѓународно ниво. Го спомнавте и Косово. Како гледате Вие на ситуацијата со најавената независност на Косово? Како таа ќе се одрази долгорочно на Македонија? Може да се очекува стабилност во регионот или можеби ќе има инциденти? Мора да се каже дека Македонија е мала земја. Таа ги нема можностите што ги имаат на пример САД. На Косово се исцртува развој што ќе води кон независност. Шефовите на држави и влади на ЕУ во Лисабон ги предупредија одговорните на Косово да не преземаат изрбзани чекори. За Македонија стабилно Косово е од голема важност, тие имаат заедничка граница, на патните правци меѓу Скопје и Приштина минува 70% од вкупниот увоз на Косово. Тука се и личните врски на албанското население во Македонија и на Косово. Сметам дека Косово со сегашната конструкција што предвидува мисија на ЕУ и на НАТО, не претставува никаква опасност за Македонија. Зашто интересите на Косово не се насочени кон експанзија во насока на Македонија, туку кон независност. За сега сметам дека Косово многу повеќе ќе се занимава со самото себе и нема да има можност да се занимава со кој и да е сосед. Дали ќе има помали инциденти или не, тоа зависи од лицата кои имаат можеби некакви замисли, но не сметам дека ќе има нешто повеќе од некои помали минувања на граница и сл. што го има и кај други земји. Се‘ на се‘ сметам дека ситуацијата со Косово нема да има влијание врз Македонија.
Господине Клепман, Вие од почетокот политички ја следите новата македонска влада, со многу млади политичари кои ја започнаа работата со голем ентузијазам. Во меѓувреме како ја гледате работата на македонската влада, какви се Вашите оценки? Од самиот почеток видов дека тука имаше многу ентузијазам, како што рековте и самите, тие многу интензивно работеа, дури и од гледна точка на работното време. Некои доаѓаа на работа рано на утро и си заминуваа доцна во ноќта. Сметам дека владата е ефикасна, пред се‘ ако се погледа какви се‘ успеси може да покаже. Мислам дека важен дел од реформите е веќе на добар пат, на пример реформата на полицијата што ја поддржува меѓународен тим советници. Постигнати се добри резултати и на економски план, порасната е на пример просечната плата во земјата. Зголемени се и даночните приходи на државата. Има и поголеми интересенти кои би сакале да инвестираат во Македонија. Минатата недела дознав за тоа по презентацијата на македонското стопанство што владата ја спроведе во Штутгарт и Минхен. Значи има успеси, но секако може некои процеси уште да се интензивираат или координираат. Тоа е нешто што може да се подобри преку подетално набљудување и настојувања на лице место.