1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија во фокусот на Саемот на книгата во Лајпциг

Силвера Падори13 март 2009

Младите поети од Македонија, наместо да ги прикажат уметничките достигнувања, се најдоа во улога на бранители на сопствената нација и јазик. Повод беше провокативниот текст објавен во австриското списание „Осило“.

https://p.dw.com/p/HAzn
Лајпциг се претвори во метропола на литературатаФотографија: AP

Првото презентирање на македонската литература на Саемот на книгата во Лајпциг синоќа навистина беше историско. Не само заради тоа што премиерно македонските издавачи настапија обединето, туку пред се’ поради тоа што поканетите автори место да говорат за своето творештво мораа да ја бранат својата нација, јазик и историја. Модераторот Кица Колбе и поетите Лидија Димковска и Никола Маџиров реагираа на есејот на авторот Милан Радев, чиј текст се најде во изборот на македонската литература на австриското списание “Осило”.

Стари тези во ново руво

Текстот носи наслов “Буре барут или романтичен сон. Македонија и Бугарија на европската сцена”. Кица Колбе со коментар:

“Во текстот се изложени познатите тези на една многу евтина идеологија дека македонската нација е измислена и создадена од Коминтерната, дека македонскиот јазик е измислен, дека Македонците не постоеле се’ до формирањето на Југославија под Тито. Фацитот на текстот е дека неправдата што и е направена на Бугарија во 1913, треба во една слободна и обединета Европа да се исправи. Да и’ се врати Македонија на Бугарија. Моравме да реагираме, зашто не очекувавме на овој саем во Лајпциг, на кој говориме за литература, а литературата секогаш и’ припаѓа на сферата на слободите и човековите права, да ги сретнеме токму тие тези. Не’ болеше кога толку многу се трудиме да бидеме застапени во некаков литературен избор, тоа место од 5 страници да не биде искористено за уште некој од македонските автори”.

Buchmesse Leipzig eröffnet
На големиот број посетители на Саемот во Лајпциг им се претставија и литератите од МакедонијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Ако е Македонија измислена - постојам ли?

“Јас сум Лидија Димковска, македонски автор. Иако веќе 15 години не живеам во Македонија, пишувам на македонски јазик. Зашто ако не пишувам на македонски јазик, сум многу лоша поетеса и уште полоша прозаистка. И кога господинот Милан Радев вели дека македонскиот јазик е исмислен, дека не постои македонска нација, би сакала да ве прашам вас, која сум тогаш јас? Дали сум измислена? Да се продаваат идеи како што тоа го вели Радев во извонредното спиансие “Осило”, кое објави и фрагмент од мојот роман “Скриена камера”, е срамно и понижувачки и штета е што како учесник за првпат на Саемот во Лајпциг, морам да ви објаснувам која сум, и што сум, на кој јазик пишувам и зошто постојам. Да знаев дека моите песни ќе бидат објавени покрај текстот на Радев и ќе ги осквернат на тој начин, немаше да се согласам мојата поезија да биде објавена во овој број, таканаречен посветен на македонската литература”

Никола Маџиров, пак, пред присутната публика истакна:

“Јазикот е мојот дом - каде и да одам. Велат дека малите јазици изумираат. И да е така - да им дозволиме да изумрат, а не да некој да ги убие... Затоа сакам моето детство, мојот сон, да ги пренесам на мојот македонски јазик. Да пишувам на друг јазик сигурно не би бил преведуван. Би бил многу лош автор.“

“Осило” - провоцира и боцка

Го запрашавме издавачот на “Осило” Валтер Фамлер, зошто текстот на Радев се најде во изборот посветен на македонската литература?

"Тоа е списание кое секогаш носи критички позиции и не застапува една опција, која е да кажам догматична или одделни позиции кои би можеле да се догматизираат. Тоа е публицистички проект отворен за дебата и тоа го покажуваме и со името “Осило”. Значи оној кој ќе влезе во осилото мора да смета дека ќе биде и боцнат, дека ќе боли, дека ќе има жестокост. Токму на овој подиум тоа и го видовме. Важно е во ова време да се оди во сржта и да не се биде површен. Кај нас има дискусии, противења, расправии...“

Тројцата учесници на дебатата се поканети да подготват контра есеи на објавениот на Радев, кои ќе бидат поместени во еден од наредните броеви на “Осило”.