1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија во чест на Свети Кирил“

ЖА/миа23 мај 2013

Македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот на Собранието, Вељаноски ќе престојува во дводневна посета на Италија и Светата Столица, по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.

https://p.dw.com/p/18cSR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Манифестацијата вечер ќе ја отвори претседателот на Собранието Вељаноски, а концерт во базиликата „Сан Џиовани деи Фиорентини“ ќе одржи хорот „Свети Климент Охридски“.

Во состав на македонската делегација се и заменик-министерот за надворешни работи Зоран Петров, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, потпретседателката на Собранието - Сузана Салиу и пратениците Александар Спасеновски и Андреј Петров, митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар и свештениците од Скопската бискупија на Католичката црква, свештеникот Зоран Стојанов и Марјан Ристовски.

Молебенот на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ ќе се одржи утре, а со службата ќе чиноначалствува митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар. Потоа македонската делагација ќе биде примена од папата Франциско.

Претседателот на Собранието Вељаноски и собраниската делегација ќе се сретнат со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Тарчисио Бертоне.

Актерот Петар Темелковски вечерта ќе ја изведе монодрамата „Јустинијан I“, по текст на Јордан Плевнеш. Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.

Традиционално, 24 Мај беше Ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија. Годинава се одбележуваат 1144. години од смртта на сесловенскиот просветител Свети Кирил.