1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ги скусува бирократските процедури

Горан Петрески 19 јули 2007

Граѓаните помалку ќе чекаат на шалтерите, бизнисмените полесно ќе можат да основаат фирма. Владата на Македонија промовираше пакет од педесет мерки кои треба да им го поедностават животот на граѓаните.

https://p.dw.com/p/BJjf
Во иднина помалку бирократијаФотографија: BilderBox

Станува збор за дел од проектот наречен регулаторна гилотина чија цел да е се укинат сите непотребни процедури и прописи. Ефектите ќе се почуствуваат многу скоро, најави премирот Никола Груевски. „За да им излезем во пресрет на граѓаните и на бизнисмените кои секојдневно и директно го чувствуваат бирократскиот и регулаторен товар, владата најтранспарентно и активно ги повика и граѓаните и бизнис заедница преку јавните медиуми да дадат придонес со свои предлози за решавање на проблематичните процедури.“

Се намалуваат надоместоците кои ги наплаќаат седум државни институции, се олеснуваат процедурите за издавање на дозволите за градба. Се воведува правилото молчењето е одобрување. Земјоделците полесно ќе можат да се регистрираат и да аплицираат за субвениции од државата. Ќе се укинат повеќе од 360 прописи наследени од бивша Југославија кои не одговараат на реалноста и непотребно го отежнуваат животот на граѓаните.

Владата се обидува да привлече странски инвестиции

Регулаторната гилотина е дел од мерките што ги презема владата во обидите да привлече странски инвеститори. Опозицијата ги критикува владините потези. Скапите рекалми се без ефект вели Јани Макрадули од СДСМ. „Во Брисел платените реклами, скапите спотови и трите прес конференции дневно не врват. Таму се бараат резултати.“

Освен по компликуваните бирократски процедури во деловниот свет Македонија е позната и по обемната администрација. Тоа се смета како причина повеќе за слабиот обем на директни странски инвестиции. За 16 години од осамостојвуањето земјата привлекла најмалку странски инвестиции од останатие земји од регионот. Вкупно околу милјарда и петстотини милиони долари.