1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија да не биде уште еднаш казнета!

Силвера Падори-Кленке11 октомври 2012

Дел од германските политичари и експерти се изненадени од позитивниот извештај за Македонија. Кај нив постои сомнеж дека поради Грција земјата нема да добие датум за преговори во декември.

https://p.dw.com/p/16NZu
Фотографија: DW

Иако Европската комисија во извештајот за напредок како никогаш до сега ги фали постигнувањата во Македонија, германските политичари и познавачи на Балканот се сомневаат дека Европскиот совет во декември ќе додели датум за старт на пристапните преговори.

„Македонија не е главниот виновник за непријатната ситуација во која се наоѓа, туку тоа е Грција. Доколку пристапните преговори не започнат, Македонија уште еднаш ќе биде казнета, што не треба да е политичка волја. Затоа предлог-компромисот на комесарот Филе го сметам за добар“, изјави за ДВ Родерих Кизеветер, пратеник на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот. Со оглед што Грција сигурно повторно би блокирала, Кизеветер смета дека треба да се направи напор Грција, која е примател на големата финансиска помош, да се повика на политичката одговорност, да се однесува пријателски кон Европа и кон соседите.

Roderich Kiesewetter MdB CDU
Грција треба да се однесува пријателски кон ЕУ и соседите. Родерих Кизеветер ЦДУ/ЦСУФотографија: Deutscher Bundestag

Како се гледа на сработеното во земјата?

Може ли Германија да влијае? „Мислам дека Германија во позадина може многу да направи околу грчкото однесување. Кога гледаме во соседството - Албанија, Србија, Црна Гора имаат проблеми со правната сигурност или корупцијата. Сите овие критики ги нема кај Македонија, која во овие области направи многу. Затоа сметам дека германската политика треба да го поддржи почетокот на пристапните преговори за Македонија“, подвлекува Кизеветер.

Поинакво мислење за постигнатото на Македонија има Јосип Јуратовиќ, пратеник на СПД во Бундестагот: „Ме изненадува толку позитивниот извештајот за Македонија. Годинава двапати бев во Македонија и ситуацијата во земјата ја гледам критички - како во однос на етничката, така и во поделеноста на мислењата за проектот Скопје 2014, но и своевидниот страв за критички однос кон владата што според мене влијае врз модернизацијата на граѓанското општество и демократијата“, коментира за ДВ Јуратовиќ.

 Сепак смета дека е важно целиот Балкан да стане дел од ЕУ и дека отворањето на пристапните преговори со Македонија би биле и во интерес и на Грција. Не треба да се заборави дека со вклучувањето на Хрватска и земјите од Балканот ќе биде пополнет јазот меѓу неа и ЕУ. Тој дополнува дека за решение на спорот околу името со Грција може да се разговара, но не може и да се присили, туку самата мора да ја донесе политичката одлука.

Новиот неформален инструмент - ефикасен

Д-р Оливер Шварц од Институтот за политички науки на Универзитетот Дуизбург - Есен вели дека како никогаш до сега извештајот за Македонија е позитивен и ја покажува позитивната клима меѓу Комисијата и владата. Според него спорот со името преминува во рутина, а процесот на пристапување кон ЕУ се формализира. До сега, по кандидатскиот статус нареден чекор беше отворање на пристапните пореговори. Сега имаме нешто подруго.

Josip Juratovic
Критичен кон постигнатото во Македонија е Јосип Јуратовиќ, СПДФотографија: Josip Juratovic

„Интересно е што Еврпопската комисија со Дијалогот на високо ниво успеа да воспостави нов инструмент за практично и натаму да ги води пристапните преговори со Македонија. Тој дијалог го сметам за успешен, зашто на работно ниво е воспоставено тесно партнерство со Комисијата. Се’ е направено земјата да оди понатаму нанапред“, смета д-р Шварц според кого доколку се видат документите и обврските на Комисијата ќе се види дека тие се оние истите (регуларните), но не под официјалната ознака.

Dr. Oliver Schwarz
Европската комисија е многу значаен партнер на Македонија. Д-р Оливер ШварцФотографија: privat

„Така сите страни си го зачуваа образот. Македонија со Дијалогот на високо ниво може добро да живее. Европската унија покажува дека проширувањето и натаму тече, не е мртво, дека разговорите на работно ниво со Македонија добро функционираат, дека се преговара на неформално ниво кое Грција не може да го забрани и да стави вето. Комисијата е многу значаен партнер на Македонија. Се посакува, меѓутоа, да се има барем уште една од 27-те земји на ЕУ која би била подготвена да изврши поголем притисок врз Грција, која активно и заеднички со Метју Нимиц би влијаела врз двете страни за да се дојде до решение“, за ДВ анализира д-р Оливер Шварц.