1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија доби нов државен грб

16 ноември 2009

Законот во парламентот е донесен без расправа. Но, постои согласност сега од грбот да се отстрани само петокраката како идеолошки симбол, а во иднина да се прави порадикална промена на државниот грб.

https://p.dw.com/p/KYHO
Стариот грб оди во историја

“За предлог на законот гласаа 80 пратеници, воздржани нема, против 18, констирам дека собранието го донесе законот за грбот на Република Македонија“, претседателот на македонскиот парламент Трајко Вељановски објави дека Македонија добива нов државен грб. На него ја нема петокраката, но останува полето опкружено со житни класје кои се поврзуваат на врвот, испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја, лентата прошарена со народни мотиви како и планината во чие подножје тече река, а зад планината изгрева сонце.

Законот е изгласан без дебата

Денеска во македонскиот парламент немаше дебата пред гласањето за новиот грб, но така предвидува процедурата во согласност со новиот деловник. Меѓутоа, политичките фактори во Македонија немаа суштински забелешки на владиниот предлог сега од грбот да се отстрани само петокраката како идеолошки симбол, а во иднина да се прави порадикална промена на државниот грб што ќе ја отсликува македонската реалност.

Mazedonien Das Parlament in Skopje
Пратениците го изгласаа Законот за државниот грб без расправаФотографија: Petar Stojanovski

„Реалноста упатува на фактот дека во овој историски момент за Република Македонија е најважно да го направи она кое што е можно и од грбот да ги отстрани овие идеолошки моменти“, рече пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Александар Спасеновски на претходната расправа за грбот. Опозицијата смета дека за толку важно прашање како што е државниот грб е потребна суштинска дебата. Гордан Георгиев од СДСМ кажа: “Во еден евентуален историски момент би можело да се дискутира пошироко на таа тема за грбот всушност да ја отсликува нашата и мултиетничка разноликост и воопшто оние работи кои ја чинат Република Македонија како такви“.

ВМРО-НП предложи грбот да го сочинува златно-жолт лав на црвена заднина. Партијата поведе акција за собирање на 10 илјади потписи за нивната иницијатива да добие форма на предлог закон.

Албанските партии немаа ништо против промената на грбот

ДУИ застана зад владината иницијатива. Најсоодветно е, најприфатливо е - овој грб за Република Македонија, без ѕвездата“, вели Сафет Незири од ДУИ.

Нова Демократија смета дека промената е само козметичка.

Аргументот на власта е дека шансата за порадикална промена на грбот била испуштена во 90-тите и оти подобра клима за тоа ќе има окткако земјата ќе стане членка на Европската унија. Петокраката се симнува од грбот, со двотретинско и бадинтерово мнозинство.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска