1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија е повторно во изборна треска

Александар Чомовски3 март 2009

Само девет месеци по предвремените парламентарни избори, земјата од синоќа повторно е во знакот на изборните карвани на кандидатите за претседател на државата и 85 градоначалници.

https://p.dw.com/p/H4TD
Фотографија: picture-alliance / dpa

Медиумите во Македонија се преплавени со промотивни спотови на седумте кандидати за функцијата шеф на државата кои од синоќа започнаа со јавно презентирање пред народот. ВМРО-ДПМНЕ традиционално ја започна кампањата од Охрид, но без присуство на лидерот Никола Груевски кој остана во Скопје. Кандидатот за претседател од оваа партија, Ѓорѓи Иванов, синоќа јавно понуди средба меѓу претседателите на Македонија и Грција. Опозициониот СДСМ синоќа се претстави во Прилеп. Претседателскиот кандидат, Љубомир Фрчкоски и в.д. претседателот на оваа партија, Зоран Заев, на промоцијата зборуваа за македонската изолација и очигледната беда и сиромаштија.

Различни платформи

Gjorgji Ivanov Presidentschaftkandidaten der Partei VMRO DPMNE
Ѓорѓи ИвановФотографија: MIA

Под мотото Нова демократија - Нова пролет во центарот на културата во Битола се одржа изборната конвенција на Нова демократија. Лидерот Имер Селмани ја претстави својата политичка платформа со нагласен европски имиџ и на албански, турски и македонски јазик повика да биде македонски Барак Обама. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи во својот препознатлив стил на настап од бината во Гостивар ја промовираше единствената жена кандидат за претседател, Мируше Хоџа. Во својот промотивен настап таа нагласи дека институцијата претседател мора да ја почитува мултиетничноста на државата. Изборниот карван на ДУИ стартуваше од Струга. Лидерот Али Ахмети порача дека неговата партија го одржува зборот и ги реализира ветувањата. Претседателскиот кандидат на оваа партија, Агрон Буџаку изјави дека главниот интерес на Албанците во Македонија е влезот во НАТО, а потоа ЕУ.

Се ветува НАТО и ЕУ

Ljubomir Frckoski
Љубомир ФрчкоскиФотографија: Ljubomir Frckoski

Опозиционата ЛДП за прв пат по седум години излегува самостојно на изборите со кандидатот Нано Ружин, поранешен амбасадор на Македонија во НАТО. Лидерот на оваа партија, Јован Мансиевски упати остра критика за истовременото одржување на претседателските и локални избори. Независниот кандидат, Љубе Бошковски синоќа во Скопје се претстави како единствениот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и народот. Тој уверува дека може да ја однесе земјата во НАТО и ЕУ. Изборната кампања во Македонија ќе трае до 20 март, по што ќе стапи на сила изборен молк до 22 март, денот кога 1.792.082 избирачи евидентирани во Единствениот избирачки список, ќе гласаат за нов претседател на државата и претставници на локалните власти.