1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија е сигурна земја

Тони Гламчевски2 мај 2006

Француските власти сметаат дека Македонија е сигурна земја во областа на човековите права, затоа таа повеќе нема да им дава азил на македонските државјани. Тие кои што сепак ќе побараат, нивното барње ќе биде разгледано во забрзана процедура и нема да ги уживаат привилегиите кои им се даваат на азилантите.

https://p.dw.com/p/AdeI
Париз
ПаризФотографија: picture-alliance/ dpa

Франција повеќе нема да дава азил за државјани на Република Македонија, Управниот одбор на Француското биро за бегалци и лица без државјанство (Офпра), во среда ќе треба да донесе одлука со која Република Македонија ќе биде ставена на листата на „сигурни“ земји во областа на заштитата на правата на човекот.

На 31 декември 2005 година, според извештајот на Офпра, во Франција живееле 153 официјални азиланти од Република Македонија, односно лица кои поседуваат документ дека се азиланти според меѓународните конвенции. Во оваа бројка не се опфатени малолетниците. Азилантите од Македонија се вистинска капка вода во спопредба на вкупниот број од 119 078 азиланти, колку што официјално престојуваат во Франција.

Ланската година бројот на побарувачите на азил од Македонија се намалил за 24% во споредба со минатите години, односно азил во Франција побарале 246 македонски државјани. Од нив 187 се нови барања, 49 се повторена постапка и 59 се барања од малолетници. Офпра нагласува дека најголемиот број од подносителите на азил од Македонија се Роми. За споредба, од Србија и Црна Гора имало 2569, а од Босна и Херцеговина 1658 барања за азил.

Со тоа што Република Македонија е ставена на листата на „сигурни земји“, во случај да некој нејзин државјанин поднесе барање за азил, тоа ќе биде разгледано во „приоритена“ процедура за само петнаесет дена. Лицата од Македонија кога ќе побараат азил во Франција, повеќе не ќе можат да ја уживаат паричната социјална помош и станбен нема да бидат згрижени додека се разгледува нивното барање. Ако нивното барање биде одбиено, тие ќе можат да се жалат, но тоа не значи дека нема да бидат протерани од земјата.

Целта на француските власти е да се обесхрабрат лицата кои не се изложени на политичка репресија и бараат азил само за да останат во Франција.