1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија е срце на Европа и треба да влезе во ЕУ

Нада Штајнман6 септември 2006

Интервју со д-р Габриела Шуберт од Институтот за славистика на Универзитетот Фридрих Шилер во Јена,што го водеше Нада Штајнман

https://p.dw.com/p/Ac3W
Скопје-испреплетеност на култури
Скопје-испреплетеност на културиФотографија: dpa

Во Во 1991 година Македонија стана самостојна држава. Таа се одели од Заедницата на југословенските народи токму во време кога Европа доживуваше глобализација. Дали тоа беше вистинскиот момент за разделување на балканските земји и за осамостојување на Македонија ? Ако денес од оваа перспектива правиме биланс, дали тоа беше добра одлука?

- Да , иако на некој начин постои противречност .Од една страна обединување на Европа а од друга страна процеси на отцепување во Југо-источна Европа. Сепак, јас верувам дека таквиот процес на разделба беше неопходен, затоа што проблемите во Југоисточна Европа што до тој момент се намножија, на друг начин не ќе можеа да се решат. Верувам исто така дека поголем број од Македонците денес позитивно го оценуваат ваквиот чекор. Исто така развојот во Македонија по прогласувањето на независноста, според мое мислење, беше позитивен.Точно е дека имаше конфликти меѓу Македонците и Албанците , за чие решавање беше неопходна голема дипломатска вештина. Сепак јас верувам дека денес заедничкото живеење на Македонците и Албанците се одвива во релативно мирни услови. Албанците постигнаа рамноправност во сите области на приватниот и официјалниот живот. Мислам дека развојот во Македонија општо е позитивен. Исто така сум на мислење дека со текот на времето ќе дојде до процес на обединување, односно до приближвање на југоисточно европските држави.Значи на крајот на краиштата, ќе дојде до подрамнување на чувствителностите што се до ден денешен постојат меѓу државите.

За време на сите конфликти на Балканот а посебно во Македонија, дали западната политика берше доволно флексибилна да се справи со тоа што таму се случуваше?

-Само донекаде: Она што се случи во Македонија можеше да се реши на добар начин. Но во други делови на Југоисточна Европа таквиот процес беше многу потежок и имаше негативни последици. Мислам дека Западна Европа не реагираше на време, ниту во Босна ниту на Косово. Западна Европа играше двојна улога во Југоисточна Европа. Ваквото сознание во последниве години се повеќе се прошири и меѓу политичари во Западна Европа. Се надевам и верувам дека во иднина тие ќе играат поинаква улога во Југоисточна Европа. Секако дека треба да се каже дека прифаќањето на Југоисточна Европа во Западна Европа се до денес не задоволува. Познавањата за регионот се недоволни, а и интересот не е голем . Гледаме дека дневната политка е насочена на сосема други региони, но според мое мислење би требало исто така интензивно да се следат настание во рамките на Европа , а пред се на овој дел на Европа да се концентрираат политичките сили.

На запад се укажуваше на длабоките разлики меѓу етничките и националните групи на Балканот и се правеа напори да се воспостави хармонија и да се воведе мир. Но на Балканот има јазични и културни допирни точки. Во што е заедништвото, што Западот можеби не можеше да го свати?

-Без сомнение има разлики во менталитетот меѓу луѓето во Западна и луѓето од Југоистчна Европа. Тие се должат на историскиот развој и на условите за заедничко живеење во големите империи , значи за време на Византиското царство а уште повеќе за време на Османлиското. И покрај разликите сепак има и допирни точки. На пример недоверба кон владејачкиот слој , или пак подршката во семејствата, значи социјалните контакти , блискоста на луѓето еедни кон други , гостопримството. Но поинаков е начинот на кој се гледа на животот односно како се размислува. Секако дека во Западна Европа каде процесот на индивидуализација во текот на времето се продлабочи, не се знае доволно за другите. Значи постојат предрасуди. Мислам дека во Западна Европа треба да се укажува на таквото заедништво и покрај сите етнички разлики .

По интервенцијата на Западот односно на таканаречената меѓународна заедница, дали можеме да кажеме дека денес дијалогот на меѓуетничките групи се води многу посвесно одошто порано или пак во нивните односи се направени и штети?

-Дијалогот во Македонија без сомнеиние доживеа позитивни импулси. Секако дека сеуште има ментални предрасуди меѓу Албанците и Македонците како и територијална поделба. Но тоа не е случај во други делови на Балканот. На Косово имаме ситуација која е многу опасна , пред се сега кога треба да се решава статусот на Косово. Српското малцинство таму е доведено во голема опасност. Според мое мислење дијалогот во Македонија позитивно се развива но во други делови на пример на Косово или во Босна не е најдено идеално решение за дијалог.

На многу мал простор во Македонија заедно живеат православието и исламот. Дали искуствата од последниве години кога на Балканот ја доживеавме целата проблематика на дијалогот на религиите можат да се искористат за решавање на она што сега се случува во Европа?

-На извесен начин да. Но сепак мислам дека муслиманите во Македонија сепак се поприлагодени на европскиот начин на живеење одошто другите муслимански заедници . Таква паралела само донекаде може да се направи .Мислам дека и покрај сите разлики меѓу муслиманите и православните во Македонија сепак муслиманите покажуваат попросветлен приод кон исламот одошто другите муслимани.

Во Македонија има разновидност на култури со многу допирни точки , како ретко каде во Европа. Врз што почива заедништвото?

-Секако дека тоа почива врз заедничките историски искуства. Долгите векови на заеднички живот во рамките на Византиското и Османлиското царство. За време на 500 годишното владеење на Османлиското царство жителите живееле во исти услови . Или биле привилигирани како муслимани или припаѓале на непривилигираните. Во тој период народите морале да се ориентираат едни на други , созревале заедно . Имало и миграција .Така погледнато се мешале јазиците ,културите , религиите . Биле преземани обичаи а и јазикот на другите се учел. Се славеле заеднички прослави . Има извештаи од тоа време според кои Муслиманите и Христијаните славеле заедно . Тука се претопувале обележјата на народите што довеле до заеднички обележја. Така на пример во музиката, во танцот , јадењата дури и во литературата. Тоа се работи што не се многу познати во Западна Европа. Мислам дека пред се тоа е задача на научниците, да придонесат за подобро разбирање на тој дел на Европа. Треба нешто да се промени зашто според мое мислење , во една заедничка Европа треба да бидат познати тие работи . За Југоисточна Европа треба да знаеме повеќе одошто на пример за Авганистан или за Ирак. Пред сопствените порти би требало да знаеме што има , какви луѓе живеат таму , како живеат како размислуваат и чувствуваат .Тоа е предуслов за заедничка Европа.

Балканските земји отсекогаш избегнувале да преземат одговорност за себе. Дали сега по интервенцијата на западните земји може да се каже дека политичката и општествената одговорност на луѓето и државите уште повеќе се намали?

-Ми се чини , не. Точно е дека балканските народи поради нивната историја носеле мала одговорност, односно немале можност за тоа. Интервенцијата, но подобро да кажеме присуството на западните Европејци на Балканот ќе доведе до тоа, демократските вредности што се традиција на Запад да се прошират и врз Југоисточна Европа. На тој начин би се презела и сопствена одговорност. Секако дека демократија не може да се воведе пореку ноќ .Тоа треба да се научи. Токму тука , ми се чини Западна Европа носи одговорност и треба да се погрижи за создавање структури што би ја зацврстиле демократијата и би создале чувство за сопствена одговорност.

Македонија во последниве години беше третирана само од перспектива на меѓуетничките конфликти. Македонците имаат и други проблеми . Земјата се третираше како буре барут на Балканот . Зошто Македонците имаат толку многу проблеми со соседите, се доведува во прашање јазикот,името црквата?

-Македонија отсекогаш беше јаболко на раздорот на Балканот. Се наоѓа во срцето на Балканот и стратешки погледнато, Македонија има голема важност. Припаѓаше во текот на историјата на различни царства и за жал во 1919 беше поделена. Така од сите страни доаѓаат барања во однос на Македонија. Македонија секако има како одвај кое друго подрачје на Балканот испреплетеност на јазици и етникуми. Оттука произлегува и мислењето на другите дека имаат право врз ова подрачје.Но Македонија е независна држава и да се надеваме дека наскоро ќе влезе во ЕУ . Од моја гледна точка ситуацијата на Македонија ќе се стабилизира.

Можеме да прашаме- како понатаму ?Можеби како што велат Македонците , како што сака Господ . Или?

-Не како што Господ сака .Се надевам дека ЕУ ќе согледа дека Македонија е многу ангажирана околу исполнувањето на условите за зачленување во ЕУ и дека во секој случај Македонија но и другите држави на Југо источна Европа треба да се примат во ЕУ , иако во Унијата постои скепса околу проширувањето. Се надевам дека развојот на Македонија нема да се одвива само како што сака Господ, туку дека Западна Европа треба да настојува и Македонија да ја прими во Европа. Ова звучи неприродно зашто Македонија е срце на Европа . Тоа значи не да се прими во Европа, туку Македонија и официјално да припаѓа кон ЕУ.