1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија загуби од Германија во последните четири секунди

27 август 2011

Македонската кошаркарска репрезентација го загуби пријателскиот натпревар против Германија, што вчера вечер се одржа во спортската сала Олимпијахале во Минхен. Конечниот резултат е 70 – 68.

https://p.dw.com/p/12OaG
Фотографија: Alexander Metodijev

На четири секунди пред крајот на мечот, кога Македонија беше на чекор до победа, Хајко Шафарцик даде тројка и го промени резултатот во корист на германскиот тим. Кај домаќините најмногу кошеви даде Крис Каман, 14, а по него беше НБА ѕвездата, Дирк Новицки со 13 коша. Од македонскиот тим најмногу погодоци постигнаа Предраг Самарџиски и Перо Антиќ – и двајцата по 11, а по нив по 10 коша дадоа Владо Илиевски и Лесте Бо Меккелеб. Перо Антиќ беше единствениот играч што беше исклучен поради пет лични грешки. 

Судиски забелешки

Sport Basketball Mazedonien gegen Deutschland Martin Dokuzovski,
Докузовски: Судиите им беа наклонети на ГерманцитеФотографија: Aleksandar Metodijev

Салата беше исполнета до последно место. Се проценува дека 12.200 луѓе го следеа кошаркарскиот натпревар во салата во Минхен. Дел од публиката реагираше на некои од судските одлуки во последната четвртина, кога не беа досудувани прекршоци врз македонските кошаркари. И селекторот на репрезентацијата, Марин Докузовски, за Дојче веле забележува дека судиите кон крајот на мечот беа наклонети кон домаќинот.

„Ова е еден од последните натпревари за нас и за Германија пред почетокот на Европското првенство. Сигурно и тие малку калкулираа, а и ние, меѓутоа се виде дека двете екипи ја посакуваа победата. Мислам дека имавме голема шанса да ја совладаме Германија на денешниот натпревар. Ретко зборувам за судиите, меѓутоа мислам дека пред крајот беше малку и спортска среќа, но повеќе и со судиите... Судиите и’ доделија неколку топки на репрезентацијата од Германија, што се покажа како одлучувачко, меѓутоа ние сме задоволни од својата игра и имаме уште една недела до завршната фаза, така што се надевам дека во недела на натпреварот со Германија ќе пробаме уште неколку варијанти и дека подготвени ќе го дочекаме првенството“, вели селекторот Докузовски.

Македонскиот тим го замени кинескиот

Sport Basketball Mazedonien gegen Deutschland Heiko Safarcik
Хајко Шафарцик го промени резултатот во полза на ГерманијаФотографија: Aleksandar Metodijev

Во недела македонскиот кошаркарски тим ќе игра уште еден пријателски натпревар против германскиот тим, но овојпат во Берлин. Мечевите се играат како подготовка за Евробаскетот, кој започнува за четири дена. Првично беше планирано германскиот тим да игра пријателки натпревари со репрезентацијата на Кина. Рекламите беа направени, влезниците отпечатени, но тимот од Азија го откажа гостувањето, поради големиот број повредени играчи и тогаш во игра влезе македонскиот тим.

Главна ѕвезда на натпреварот беше НБА играчот, Дирк Новицки. Докузовски смета дека тој доби и посебен третман од судиите.

“Сите знаеме кој е Дирк Новицки – кој е, што е, колку голем играч е и дека е најдобар играч на светот. Тоа ни е на сите познато. Меѓутоа, сите видовте дека на денешниот натпревар беше премногу толериран. Им се судеа некои фаули на нашите играчи, кои мислам дека доста коректно го чуваа, меѓутоа сепак Новицки си е Новицки“, вели селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Марин Докузовски.

На последниот натпревар меѓу германскиот и македонскиот кошаркарски тим, што се одигра на Евробаскетот во Полска во 2009 година, резултатот беше во корист на македонскиот тим. Тогаш Македонија ја победи Германија со 86-75.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Трајче Тосев